Д-р Кен Зулумовски (домородно име Kira-Dhan, што значи „маж со оган“) е единствениот (бар колку ние што знаеме) Абориџински Македонец, кој живее и работи во Сиднеј, Австралија.
Неговиот живот е како излезен од ТВ новела – израснат со мајка Абориџинка откако неговиот татко Македонец ги напуштил, Кен поминал тешко детство – домашно насилство, дрога, три пати бил пред суд за малолетници и пет пати избркан од школо. Пробувајќи да го најде излезот од вртлогот, на 17 години решава да се пријави во Кралската Австралиска војска што му го менува животот од корен.
За време на својата служба, Кен од прва рака гледа што строга воена дисциплина може да направи, па во текот на својата служба станува човекот кој регрутира домородно население. Откако заврши со својата служба, ја започнува ГАМАРАДА, непрофитна организација за социјална, правна и медицинска борба за подобро услови и рамноправност на домородното население, којашто функционира повеќе од 17 години.
Д-р Кен е Македонец со домородно потекло кој истовремено се бори за правата и правдата на припадниците на своите две потекла. Во 2019 Универзитетот на Сиднеј му додели титула Почесен доктор на здравствени науки за својот придонес во борбата за социјална еднаквост во австралиското општество.
Искрен и директен, во разговорот со Марина открива што значеше војската за него и какви лични трансформации му донесе, како пред скоро една декада го запозна татко му и неговото ново семејство во Македонија и како е спремен за женидба, само ја чека правата жена.