Јован Милошевски е македонски виртуоз на гитара, родум од Битола, професор со сопствено училиште за гитара во Палма де Мајорка, кој пред скоро 23 години го напушти својот роден град и се пресели на шпанскиот остров кај својот чичко, мулти-инструменталистот Вангел Мачковски.
Поради проблеми со синусите Јован ја завршил својата кариера како оперски пејач, но тоа не го спречило на 20 години да започне да учи класична гитара. Во Шпанија има настапувано со својата братучетка, шпанската ѕвезда со македонско потекло – Маика Маковски, а заради својата виртуозност, на листата на свои ученици неодамна го запиша и синот на Сер Ричард Бренсон.
Во ова интервју Јован искрено зборува за своите почетоци во Битола, прераната трагична смрт на својот брат Петар Милошевски, првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, како и за животот и инспирацијата за создавање нови аранжмани на македонски народни песни. Тој се согласи неговиот аранжман на песната „По друм одам мајче“ да биде насловна песна на „Алал да ни е“ и за тоа сме му бескрајно благодарни!