ИнтервјуаНие низ светот

Александар Арников: Животот ме научи храбро да одам по она што го сакам и она што ме прави среќен

Интервју со Александар Арников, Македонец кој живее и работи во Коста Рика

Александар во Вади Рам, Јордан
Везилка Магазин

Александар е еден од оние авантуристи кои решиле да ја напуштат Македонија не затоа што сакале да побегнат од нешто, туку затоа што чувствувале дека им е потребен нов предизвик. По животот, сафарите, џунглите и горилите во Кенија и Африка, тој продолжил со авантурите во Аман, Јордан, за денес да ужива на извори со термални води за време на тропски дожд на Костарика.

Иако дипломирал медицина, себеси никогаш не се гледал како доктор затворен во ординација. Останувајќи без родители на почетокот на своето студирање, Александар научил дека животот мора да се живее на свој начин и по свои правила, па на 41-годишна возраст за прв пат работно ја напуштил Македонија и заминал на висока позиција во Обединетите Нации во Наироби.

 

Александар на Костарика – приватна архива

 

Денес се наоѓа во Сан Хозе, на Костарика, каде ужива во прекрасната природа и плажи, но сонува за следна дестинација каде животот ќе му е побучен и поградски, а до тогаш, својата потреба од мирис, вкус и звук на сериозен град, ја задоволува со лет до Мексико Сити.

 

Како се случи да излезеш од Македонија и како ја доживеа твојата прва дестинација – Наироби?

 

Александар: Во мојот случај тоа се случи прилично доцна. Имав 41 година (во 2014) кога аплицирав за работно место во ИОМ во Наироби, Кенија, на еден многу интересен проект од областа на јавното здравство. За среќа, ме викнаа на интервју во април и веќе во септември бев во Наироби.

Мора да признаам дека тоа беше период на промени, многу нови искуства, професионални и приватни, пријателства со луѓе од целиот свет кои и ден денес траат, нови култури, обичаи, храна. Дури имавме и многу мала, ама многу вредна, македонска комуна (ги поздравувам наиробијанците од Македонија кои сега веќе се на различни страни од светот).

 

Масаи Мара, Кенија – приватна архива

 

Имав среќа да работам на регионален проект, и иако живеев во Наироби, го покривав целиот источен и јужен дел од континентот, па така работата ме однесе на места за кои не сум ни сонувал дека може да ги видам. Приватно имавме прилика да живееме егзотично: сафари во Маасаи Мара, викенди на Занзибар и Ламу, џунгли и горила во Уганда и Руанда итн.

 

По Кенија, следната мисија ти беше во Аман, Јордан, и од пред 2.5 години си во Сан Хозе, Костарика. Што виде на овие краишта од светот?

 

Александар: По три години во Африка, се преселив во Аман, Јордан, каде што останав две години. И таму работев на регионален проект, а во моето портфолио ги имав Либан, Јордан, Сирија и Јемен, па така имав шанса да го запознаам Блискиот исток од една поинаква перспектива. Оној Блиски исток што веќе го познавав, со сиот свој раскош и убавина, и оној непријатниот, полн со страдања и трагедии. Блискиот исток отсекогаш ме привлекувал, затоа веројатно и завршив школо во Ерусалим, Израел, и ете сега на мое големо задоволство, пак успеав да се вратам таму.

 

Петра, Јордан – приватна архива

 

Последниве две и пол години сум во еден сосема поинаков дел од светот – Сан Хозе, Костарика, каде што сум одговорен за сите здравствени програми на ИОМ во 29 земји во Америка, од Канада до Чиле, вклучително и Карибите. Многу интересен дел од светот, сосема нов и невообичаен за наши сфаќања. Костарика е преубава земја за оние што сакаат природа, сите видови џунгли, дождливи шуми, шуми со облаци, вулкани, изболиство на животински свет, највкусно кафе.

Секако, она што не недостасува се плажите. Мислам дека имав среќа да бидам на најдоброто место во пандемијава, кога за време на најстрогиот локдаун едноставно се преселивме, на два месеца, на плажа од каде што работев. Пацификот многу помогна да се надминат тешкотиите и здодевноста од локдаунот.

 

Александар со кучето на Костарика – приватна архива

 

Тежок ли беше патот за добивање работна позиција во Обединетите Нации?

 

Александар: Пред да заминам од Македонија бев одговорен за еден проект кој го имплементираше министерството за здравство. На тој мултимилионски проект, кој беше финансиран од една странска фондација, работев цели десет години, а во меѓувреме се сменија четири министри и многу технички персонал. Пред тоа работев во УНИЦЕФ и во Светска банка, повторно на проекти од областа на јавното здравство.

Иако завршив медицина, никогаш не се гледав себеси како доктор затворен во ординација. Секогаш предизвикот ми беше да патувам и да запознавам нови нешта. Така и завршив јавно здравство и во ниеден момент од мојата кариера не се запрашав дали сум направил грешка што не се занимавам со клиничка пракса.

 

Карнак, Египет – приватна архива

 

Познавајќи се себеси, мислам дека го направив вистинскиот избор, што се однесува до професијата. Понекогаш само се прашувам што ќе се случеше ако си отидев порано, затоа што тоа ми беше амбиција уште од студентски денови, особено нагласена откако целосно го завршив своето образование.

Во меѓувреме имаше многу неуспешни обиди, многу разочарувања, многу мотивациски писма, интервјуа, мејлови што почнуваа со “We regret to inform you…” Без претерување, мислам дека имам аплицирано преку 300 пати и на крај ете, се случи. Ми успеа. И мислам дека токму благодарение на искуството коешто во меѓувреме го стекнав во Македонија, работејќи долго во јавната администрација со сите предизвици и потешкотии, балансирајќи меѓу барањата на странските донатори и домашните услови на работење, успеав да стартувам во Обединетите Нации на висока и одговорна позиција, којшто бараше големо знаење и креативност.

 

Библос, Либан – приватна архива

 

Од што најмногу сакаше да “избегаш” од Македонија?

 

Александар: Никогаш не сакав да избегам од Македонија. Немав причина за бегање. Како што кажав, едноставно тоа беше мојата амбиција. И мислам дека одењето се случи во вистинско време. Некако сѐ ми стана премало, немав веќе предизвик, не ми беше интересно.

Јас сум скопјанец и во Скопје ми се најсаканите, семејството и пријателите, и навистина немав никаква потреба да си одам. Отсекогаш сум имал одлична плата, имав свој стан, кола, викендица во Маврово. И пред да си заминам исто многу патував, живеев убав и комотен живот…но сепак мислам дека после сѐ, дојде моментот кога требаше да се оди. Го препознав тој момент, и иако многу долго чекав, без двоумење се спакував и си заминав.

 

Ху, Виетнам – приватна архива

 

Велат падовите се она што нѐ трансформира најмногу. Кој “пад” во животот тебе те трансформирал до болка?

 

Александар: За жал, прерано ги загубив двајцата родители, и тоа беше клучниот момент кој ме направи посилен, а воедно и поранлив. Но сепак, како резултат на тој “пад” сум ова што сум сега, се борам и научив никогаш да не се откажувам. Не велам дека е лесно и дека секогаш сум 100% успешен, ниту пак знам кој е вистинскиот пат до успехот или среќата, уште учам, ама животот досега ме научи храбро да одам по она што го сакам и по она што ќе ме направи среќен.

 

Естерилос, Коста Рика – приватна архива

 

Се случи тоа што се случи и во еден момент, кога уште бев незрел и само што почнав со факултет, одеднаш безгрижноста ја снема, бев оставен сам на себе да се снаоѓам како знам и умеам и да се носам гордо со сѐ она што го носи животот. Сето ова ме направи посилен, и иако тешко и болно, сепак тоа искуство ми беше непроценливо.

Што би издвоил од државите во коишто си живеел до сега?

 

Александар: За среќа, до сега имав можност да живеам во четири земји на три континенти и тоа ме прави многу среќен. Сѐ почна со Израел, каде што студирав. Тоа е земја што има посебно место во моето срце и којашто уште повеќе ми ги отвори очите. Не заземам никакви политички страни, едноставно ги сакам и земјата и луѓето. Да живееш и учиш во земја како Израел, со сите свои маани и предности, е навистина уникатно и неверојатно искуство.

 

Ерусалим, Израел – приватна архива

 

Кенија, од друга страна, е земја во која сѐ она на кое сме научени и според кое функционираме, не важи. Земја која е преубава и земја во која животот може да има многу мала вредност. Земја во која контрастите се неверојатно типични. Земја која е исклучително гостољубива и која во исто време може да биде и опасна. Земја со огромна историја и гордост. Мислам дека од сите места во кои сум живеел до сега, Наироби ми е најдраг.

Блискиот исток е многу егзотичен, и сѐ уште многу го сакам, но сепак не е толку различен од дома.

 

Сур, Оман – приватна архива

 

А Костарика е посебна приказна. Како што спомнав, оваа земја е рај за сите што сакаат природа, земја што вреди да се посети како турист и да си поминете одмор од две фантастични недели. За живеење, мене лично не ми е многу при срце, затоа што јас повеќе сакам динамични места во кои секогаш нешто се случува. Затоа за среќа, Мексико ми е на само три саати со авион од Сан Хозе, па секогаш кога имам потреба од мирис, вкус и звук на сериозен град, одам во Мексико Сити да уживам во хаосот.

Се надевам дека следната дестинација на којашто ќе ме однесе работата ќе биде нешто такво – бучно и големо.

 

Рио де Жанеиро, Бразил – приватна архива

 

Како “бегаш” од околината и како си ги полниш батериите?

 

Александар: Скоро никогаш немам потреба да избегам и да се изолирам. Многу ги сакам луѓето и сакам да сум опкружен со многу пријатели кои ми ги полнат батериите. За среќа, во Костарика имам одлична група пријатели со кои многу често се среќаваме и правиме секојдневието да ни биде поинтересно. Многу често викендите ги поминуваме заедно, некаде во природа.

 

Костарика – приватна архива

 

Сепак, моето омилено место во Костарика е Аренал. Тоа е вулкан, во чијашто околина, после една од неговите ерупции (мислам некаде во 60 години од минатиот век), насекаде се појавиле термални извори, па сега и реката што тече во близина има топла вода. Така да таму, особено во текот на дождовната сезона кога е посвежо, обожавам да седам во некој од топлите извори за време на тропски дожд. Фантастично е.

 

Рио Селесте – Коста Рика

 

За кој твој талент светот сѐ уште не е свесен?

 

Александар: Не сум сигурен дека кријам некој посебен талент ? Би сакал да имам некој талент со кој ќе изненадам или ќе се изненадам себеси, ама мислам дека немам таков.

 

Патагонија, Аргентина – приватна архива

 

Која своја особина ја остави во минатото затоа што ти ја загрозуваше сегашноста?

 

Александар: Мислам дека трпението никогаш не ми било јака страна. Секогаш сум бил нестрплив да го постигнам она што го сакам, сега и веднаш. Чекањето да ми се укаже прилика, за да добијам работа каква што сакав, ме натера да размислувам поинаку. Ме истренира. И сега, како одминува времето, трпението се зголемува и сфаќам дека не секогаш работите се одвиваат онака како што сакаме.

Требаше време да стигнам до тој заклучок, и иако навидум јасен и очигледен, сепак многу е повреден кога лично го искусив. А како резултат на тоа доаѓа и широкогледоста и независноста, и желбата да работам за да живеам, а не да живеам за да работам.

 

Корковадо, Костарика – приватна архива

 

Отсекогаш сум го живеел животот за себе и онака како што сум сакал, без никакви предрасуди и стеги и исклучиво според мои критериуми, но сега некако сѐ е полесно. Мислам дека тоа доаѓа со искуството и годините. А и коцките си дојдоа на свое, и приватно и професионално.

Среќен сум што имам семејство во Скопје со кое бескрајно се сакаме и почитуваме, стари пријатели со кои взаемно се обожаваме и нови пријатели со кои постојано откриваме некои други вредности и сфаќања. Им се радувам на годините што претстојат и на сите нови искуства и авантури што доаѓаат, било каде во светот.

 

Буенос Аирес, Аргентина – приватна архива

 

Што претставува Македонија за тебе и размислуваш ли за враќање?

 

Александар:  Македонија секогаш ќе биде дел од мојот живот и место на кое со задоволство се враќам да поминам време со оние кои најмногу ми недостигаат. За враќање, не знам…на големо разочарување на сестра ми, не планирам наскоро да се вратам. Има уште многу места по светов што треба да се откријат, многу луѓе да се запознаат, многу храна да се проба ?

Има време за враќање.

 

Јемен – приватна архива

 

* Сите фотографии во интервјуто се направени на приватните патувања на Александар

Везилка Магазин