ИнтервјуаНие низ светот

Александар Методијев: „Новинарството го напуштив принудно“

Интервју со Александар Методијев, новинар во Германија

Везилка Магазин

Една поговорка вели „Еднаш новинар – секогаш новинар“. Велат новинарството не е професија, туку начин на живот. Кога ќе го погледнете неговиот лик, и по неколку години отсуство, веднаш се сеќавате на „сочен“ прилог од вести.

Младиот, амбициозен и успешен новинар, Александар Методијев, за Везилка раскажува за сите предизвици во професијата во Македонија и во Германија, каде што моментално живее.

 

„Новинарството е професија во која се бараат, собираат, анализираат и објавуваат потврдени информации важни за општеството. Новинарите мораат да гледаат подалеку од она што го гледаат другите луѓе, да се фокусираат на детали, бидејќи во нив можат да се кријат многу работи. Работи кои, на пример, нема да им се допаднат на некои политичари или бизнисмени. Не сѐ што ќе се објави на некој портал или на некоја телевизија во Македонија е вест, или професионално изработен новинарски производ, бидејќи одредени луѓе во медиумите сакаат да бидат под политичко или бизнис влијание. Новинарскиот производ мора да ги има одговорите на петте основни новинарски прашања и да има најмалку два извори на информации. Сѐ останато е пропаганда“, појаснува Методијев.

 

Позната е пораката на Наполеон Бонапарта кога рекол: „Џабе ви се и пет војски, ако ги немате медиумите од ваша страна.“

Одлуката да замине од земјава, за Александар не била ниту сакана, ниту лесна. Вели дека преселбата била принудна. Тогашната политичка гарнитура, вели дека сакала да ги има медиумите под свое и дека често пати се соочувал со големи притисоци.

 

Александар Методијев – приватна архива

 

Нивните притисоци кај мене никогаш не поминуваа, а бидејќи така се позиционирав и во медиумот во кој работев, не поминуваа ни во однос на необјавување на прилозите. Некогаш навистина одеа и кон крајот на вестите.

Целата таа атмосфера и секојдневна борба на сам против сите ме натера да побарам понормална работна и животна средина. Така добив пракса, па договор за работа во Дојче веле во Бон. Никогаш не размислував дека ќе живеам или дека ќе останам во Германија. Еден оглас на „Источниот комитет на здружението на германското стопанство“ и фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“ го овозможи тоа.“

 

Разлики меѓу македонското и германското новинарство

 

Работејќи ја саканата професија, но далеку од својата татковина, Методијев воочил и бројни разлики.

„Да. Во германските медиуми нема фокус само на случувањата во земјата, туку и на тие во регионот или светот, за разлика од Македонија, каде кога гледате вести мислите дека таа е центарот на светот и сѐ се врти околу неа. Во германските медиуми нема по неколку прилози од иста прес конференција и не се објавува сѐ што некој политичар или функционер ќе каже.

Некои министри јавноста и не ги знае како изгледаат, бидејќи не прават пресови секој ден. Тие се појавуваат во јавност само кога има некоја жешка тема, а во македонските медиуми ги имате политичарите постојано со ќе-изјави, како медиумите да се платформа за реклами за нивната идна работа.

 

 

Германските медиуми немаат проблем критички да анализираат некој производ на некоја фирма, а кратко претходно да оди реклама од истата фирма. Во Македонија тоа досега е несфатливо. Во Германија често прилози се снимаат и со скриени камери, за да може да се укаже на неправилности“, вели тој.

Но новинарството не е професија за која може да се даде генерална оценка. Дали и колку е ценета зависи од местото од каде работите, од моќта на тамошната власт и од моќта на медиумите да се изборат.

„ Зависи и дали при одговорот на прашањето гледате од аспект на финансиска независност, односно како е платена прифесијата. И во Германија има новинари кои се без работа или работат самостојно на ангажмани, кои и не се премногу платени, но и други кои фантастично заработуваат. Ако одговорот на прашањето се бара во тоа дали новинарската работа менува нешто во општеството, тогаш тој е секако да“.

 

Кога големата љубов ќе ја донесе најголемата неправда

 

Животот е предизвик кој постојано не` соочува со неправди, но за Александар било исклучително болно што неправдата ја доживеал во професијата која него многу му значи.

„Во Македонија ми беше јасно на што сум и сѐ што таму доживеав и не ме изненадуваше. Најголемата неправда беше непродолжувањето на договорот за работа, како и на преку сто други луѓе, во Дојче веле, без јасни критериуми кој треба да остане, а кој да си оди, и со аргументација дека се воведуваат мерки на штедење и како најмлад имам најголеми шанси да најдам друга работа. Друга работа најдов, но чувството остана .

Така што, јас не ја напуштив доброволно оваа професија, или не одлучив јас да ја напуштам, туку други одлучија за мене. Во таа ситуација во 2014 година јас бев тазе преселен во нов стан и во договорот стои дека во првите две години тој нема да се раскине од никоја од страните. Ако го раскинев, ќе морав кириите сепак да ги платам. Јас бев на две мисли – да се вратам во Македонија и го платам тој огромен трошок или да пробам да барам друга работа и да останам.

 

 

Во медиуми како странец скоро и да е невозможно да се најде работа, бидејќи има и невработени новинари со германско државјанство. Тоа во тој период ми беше укажано и во германската Агенција за вработување, каде како пример ми беше посочено дека преку 2.000 дипломирани новинари само во Северна Рајна Вестфалија бараат работа и доколку некој проба да ме вработи како новинар ќе се постави прашањето зошто јас, а не некој од германските државјани. Јас немам никаков проблем со тоа и сметам дека така треба да се постави секоја нормална држава.

По укажување од Агенцијата за вработување да барам работа таму каде Германците не ми се конкурентни, односно бранши каде се бара познавање на балкански јазици, јас добив работно место во банка. Македонските медиуми немаат пари за дописник, на пример, од Германија, но некои радо би сакале да добијат некој превод или прилог бесплатно. Така не сакам да работам и се дистанцирам од тоа. Доколку некој понуди платена соработка, можеби повторно ќе се вратам да го работам тоа што сум го студирал.

Дали на време дошла промената – не можам да кажам ни да ни не. Јас од првото вработување во Македонија до Дојче веле постојано одев нагоре по тие некои професионални скали и ако човек млад бргу ги искачи и стигне до врвот, тогаш можеби и може да се одговори потврдно“.

По бројните неправди, Методијев сепак памети многу убави спомени од новинарството.

„Работата во Дојче веле, каде меѓу другото работев на подготвувањето и водењето на телевизискиот магазин ‘Европанорама’, но и искуството што можев да го соберам во Канал 5 од тогашната, според мене, екипа од соништата, предводена од Ацо Кабранов, Васко Попетревски, Стојан Трпчевски, Лидија Јанчовска-Христова, Соња Петрушевска, Весна Ковачевска-Трпчевска и многу други. Тоа беа луѓе со кои беше задоволство да се работи и од кои можеше многу да се научи. Некому тоа не му одговараше, па ја растури таа група, но на работата со неа секогаш радо се сеќавам“.

 

Александар се` уште е активен на социјалните мрежи со аналитички и критички статуси за моменталните политики во Македонија, поретко за Германија.

 

 

„Некогаш нашиот генерален став дека сѐ е катастрофа во Македонија, а некаде на друго место сѐ е супер – што не е така, а почесто желбата работите во државата да тргнат на подобро, политичарите да ја одработат платата што ја земаат, криминалците конечно да одговараат, а не да бегаат и да не можат да ги најдат, кога ќе се открие скандал да се понесе и одговорност со отказ, а не да се добиваат нови позиции, едноставно тоа што се ветува еднаш да го видиме и на дело, па да стане пракса за натамошни подобрувања. Генерално неправдата ме вознемирува“.

И по неколку години отсуство, Македонија останува неговиот дом. Вели дека секогаш се враќа со љубов во татковината.

„Пред пандемијата јас бев секој или секој втор месец во Македонија на продолжен викенд или недела-две. Таа врска со Македонија не сакав никогаш да ја прекинам, бидејќи таму сум роден, пораснат, школуван, имам драги луѓе кои сакам да ги видам. Средбите со нив ми се како терапија за душата.

Сум имал размислувања да се вратам, и тоа не еднаш. Но, секогаш нешто или некој ме предомислувал. Сигурен сум дека во одреден момент во животот тоа ќе се случи“, завршува Александар.

Везилка Магазин