Дипломиран туризмолог и магистер по менаџмент на човечки ресурси, но љубовта и страста ја пронајде во актерството. Тргнувајќи низ светот рано во својот живот, Александар Петровски од Свети Николе на привремена основа проживеал низ многу држави и континенти, но кога стапнал во Хајделберг, Германија, знаел дека тоа мало место ќе биде неговото постојано живеалиште во животот.
Упорен, непоколеблив и сигурен во својата одлука, Александар пред пет години го остварил замисленото, но стапнувањето во гратчето тоа било само почеток на авантурата. Барањето стан, напорната работа во ресторанот за брза храна, упорното изучување на германскиот јазик и потрагата по подобра работа – за само една година на Александар му донеле нов предизвик, овој пат како консултант во една од најголемите телекомуникациски компании во Германија.
Пред само два месеца, по две години снимање реклами и аматерско актерство, потпиша договор со продукциска куќа од Мадрид, кој ќе го застапува како актер. Конечно на свое тло и во своја професија, за Везилка се согласи да ни го раскаже животниот пат и своите трансформации низ истиот.
Александар можете да го следите на неговиот Инстаграм профил
Првото привремено заминување од Македонија се случи на твои 19 години, откако се запиша на Факултетот за туризам во Скопје. Како ги доживеа тие први разделби и што спомени носиш од Крит и Родос?
– Разделбите за мене претставуваат мотив за повторна средба. Знаејќи дека станува збор за привремени заминувања, ги доживеав многу еуфорично. Отсекогаш сум сакал да патувам, да запознавам нови луѓе, нови места, нивната култура и начинот на живот на истите.
Секако дека носам убави спомени како од Родос, така и од островот Крит. И на двата острова, покрај тоа што го запознав локалното население, нивната култура и начин на живот, успеав да запознаам луѓе и од цела Европа. Тоа се незаборавни искуства коишто траат за цел живот.

Во 2013 година замина за САД на 3 месеци. Дали ја доживеа Америка онака како што очекуваше и што најмногу те изненади таму?
– Секое ново патување на одредена дестинација, за мене претставува и нов предизвик. Немав посебни очекувања за Америка. Престојував во Њујорк, Њу Џерси и Колорадо.
Америка е добра за посета, но не и како место за живеење, барем не за мене. Она што најмногу ме изненади таму, при посетата на градот Њујорк, беше големата раздвиженост на луѓето во зимскиот период на ниски температури под 0.
Борбата за опстанок во големите градови е тешка. Начинот на живот е премногу стресен. Повторно би ја посетил, но само како турист.

Во меѓувреме се запиша на постдипломски студии за човечки ресурси. Што беше главниот мотив за промена на правецот од туризам во менаџирање на луѓе?
– Проширување на знаењето во областа на менаџментот и зголемените можности за градење на добра кариера, беа пресудни за промената на правецот од Туризам во Менаџмент на човечки ресурси.

Твојата прва средба со твојот (сега) омилен град и моментален дом – Хајделберг во Германија, се случи во 2014 година кога замина на привремена работа во ресторан за брза храна. Што е она со што овој град те освои, а истото не им успеа на претходните?
– По неколку години талкање низ различни места, конечно го пронајдов местото кадешто сакам да оформам свој дом и да ја градам својата кариера. Тоа место беше градот Хајделберг – мал студентски град сместен во јужно-западниот дел на Германија, кој брои околу 160.000 жители.
Стариот замок и реката Некар која поминува низ него, се само дел од убавините што ги поседува овој град. Добрата поврзаност, квалитетниот начин на живот, високото ниво на безбедност, мирот и спокојот се само дел од елементите што го прават овој град единствен.

Веќе следната година правиш секакви напори да се вратиш во Германија, а во меѓувреме ги завршуваш постдипломските студии. Дали Скопје веќе почна да те гуши и што се промени во тебе откако излезе од Македонија?
– По завршувањето на студиите, ми беше кристално јасно дека повторно сакам да се вратам назад за Хајделберг. Пробав да стапам во контакт со менаџерот на ресторанот за брза храна во којшто работев, меѓутоа безуспешно.
Веќе почетокот на 2015 година, тој стапи во контакт со мене, бидејќи беше задоволен од мојата работа во ресторанот. Добив договор за работа на една година. Го прифатив и крајот на февруари со еден спакуван куфер, трајно заминав за Германија.
Со заминувањето од Македонија, секако дека се случија одредени промени. Ми се промени животот. Созреав и се оформив како личност. Борбеноста ми стана јака страна, а откажувањето не беше опција. Квалитетот и начинот на живот, драстично ми се променија на подобро.

Во 2015 успеваш да се вратиш во истиот ресторан за брза храна, но знаеше дека е тоа само отскочна даска за почеток на твојата интеграција во германското општество. Колку беа лесни тие први месеци/година и што би сакал да знаеш, од сегашен аспект?
– Со основни познавања на германскиот јазик, беше многу тешко да се адаптирам. Ми беа потребни неколку месеци да најдам стан и да го средам со покуќнина, бидеќи становите во Германија се издаваат празни.
После цела година напорна работа, се запишав на интензивен курс за изучување на германскиот јазик. Единствено стабилното владеење на јазикот можеше да ми помогне да дојдам до подобра работа.
По неколку месеци потрага по нова работа, успеав да влезам во третата најголема компанија за телекомуникации како консултант. По три години работа во телекомуникации, успеав да се изборам за работната позиција Заменик менаџер во една од филијалите на најголемата компанија за напредна компјутерска технологија, која се води како овластен препродавач на Apple компанијата.

Тежок беше патот до целта, но на крајот упорноста и борбеноста се исплатија. Од сегашен аспект, би сакал да го владеев добро германскиот јазик, како што го владеам сега.
По напорно изучување на германскиот јазик, успеа да најдеш нова работа како консултант во телекомуникациска фирма. Имаше ли недоумици од типот “Ќе се снајдам ли во сосема новата работа/сфера/тим” и колку Германците колеги ти помогнаа во тој преод?
– Секој нов почеток, носи нови предизвици, искушенија и недоумици со себе. Вербата во самиот себе, свесноста за поседување на личните вештини и компетенции и одлучноста како лична карактерна особина, ми помогнаа да ги отклонам лесните тогашни недоумици. Понудената помош и пријателската наклоност од страна на Германците како колеги, секако беа прифатени.

Еден од твоите (сега веќе јавни) таленти е актерството. По две години како аматер, реши дека е време да поработиш професионално на тоа поле и за кратко време потпиша договор со продукциска куќа од Мадрид. Дали ова значеше дека Александар конечно се пронајде себеси?
– Додека работев во телекомуникации, паралелно во слободно време се занимавав и со снимање на филмови. Страста спрема актерството како професија, постоеше отсекогаш. Прашање беше на време кога ќе појдам по тој пат.
Тој момент дојде кога после две години занимавање како хоби, одлучив професионално да се посветам на актерството и притоа стапив во контакт со една продукциска куќа во Мадрид, Шпанија, за да можам да го изготвам своето лично промотивно видео (show reel).
Откако им пратив неколку снимки од проектите на коишто бев ангажиран како актер, без сомнеж ја потврдија заедничката соработка за изготвување на видеото. За мене претставуваше задоволство да соработувам со одличен продуцент и неговиот тим.

Во текот на снимањето продуцентот ми соопшти дека искуството да соработува со актери коишто даваат свои идеи, имаат свој став и целосно се посветени на проектот на кој што работат, е бесценето. Тоа за мене претставуваше голем комплимент. Апсолутно сум сигурен дека актерството е професијата, со којашто сакам да се занимавам понатаму.
Секогаш со љубов, но во моментов не си вљубен. Кои црвени граници не смеат да бидат пречекорени кога си во љубовна врска?
– Лично сметам дека темелите што го држат столбот на ЉУБОВТА се искреноста, довербата и почитта. Затоа една врска може да биде успешна, само ако има стабилни темели. Доколку еден од трите елементи се изгуби, врската повеќе ќе нема смисла.

Сакаш да патуваш, вежбаш секој ден и слушаш добра музика во секој слободен момент. На што сакаш да ја насочуваш енергијата, а од што бегаш?
– Енергијата ја насочувам на патувања. Страста за патување на нови дестинации, запознавање нови луѓе, пропратена со добра музика е огромна. Досега успеав да посетам неколку луксузни места за коишто отсекогаш сум имал желба да ги посетам. Меѓу нив се: Малдиви, Дубаи, Канкун, Ибица, Палма де Мајорка, Хургада и сл.

Бегам од лажни, завидливи и љубоморни луѓе. Од луѓе што шират негативна енергија. Животот е прекраток за да го трошам своето време на луѓе коишто не знаат да ценат, немаат почит и не те вреднуваат како личност.
Како стапуваш во контакт со Македонецот во себе и дали мислиш дека после толку години и трансформации, денешниот Александар би можел да се врати и да живее во Македонија пак?
– Контактот со Македонецот во мене е секогаш присутен. Никогаш не сум заборавил од каде сум тргнал, но после сите животни искуства, потрагата за подобар живот и сиот вложен досегашен труд, не би можел да го замислам својот живот во Македонија.
