Четири жени, од четири краеви на светот, се собраа за да ја направат првата до сега, од ваков вид, анкета за животот, можностите и родовата рамноправност на македонските иселенички во светот.
Јосипа Ризанкоска – доктор по компаративна и европска политика, Лондон, Англија
Елена Спасовска – доктор по интернационални односи со експертиза по родови прашања, Аделаид, Јужна Австралија
Ирена Трајковска – радио продуцент, новинар и ко-основач на Везилка Магазинот, Сиднеј, Австралија
Александра Спасеска – филолог и новинар, Скопје, Македонија
Драги македонски девојки и жени,
Овој прашалник е креиран за Вас, кои сте ја напуштиле Македонија во одреден период од Вашиот живот и моментално живеете во странска држава. Прашалникот Ве засега без оглед на вашата, возраст, етничка припадност, професија, сексуална ориентација, брачен статус, јазик или религија. Без разлика дали учите, работите, барате работа или се грижите за некого, Вие сте нашата целна група.
Темата на оваа анонимна анкета е родовата рамноправност на македонската иселеничка и можностите за нејзин кариерен развој и интеграција. Ние, и самите иселенички, сакаме да ги слушнеме вашите приказни затоа што знаеме дека секоја од нас води своја борба, носи свој товар и на свој начин придонесува на каузата за родова рамноправност.
Вашите податоци ќе ги третираме етички и професионално за целите на науката.
Борбата за родова рамноправност продолжува, но со цел да му дадеме симболика на празникот на жената, по пополнувањето на анкетата може да се регистрирате за лотаријата и да добиете подарок книга. Три среќни испитанички ќе ја добијат книгата „Испразнето гнездо“ на Марија Конеска.
Честит 8 Март, драги жени!
Линк до анкетата