Интервјуа

Апел на Мимоза Велјановска: Иднината на нашиот живот во Кина зависи од издавањето на нов македонски пасош

Везилка Магазин

Илјадници Македонци во моментов, но не и само сега, се без валиден македонски пасош. Во тек е петиција (можете да ја потпишете тука) на македонската дијаспора, потпишана од над 2500 македонски граѓани, во која од владата се бара итно и долгорочно решение за начинот на аплицирање и добивање нов македонски патен документ.

На неодамнешната 54 седница, Владата на РМ донесе одлука за креирање и имплементирање на Е-конзулат – „проект кој предвидува дигитализaција на конзуларните услуги кои се даваат во Дипломатско-конзуларните претставништва на РМ, почнувајќи од постапката за аплицирање, он-лајн плаќање, како и добивање на документите лично или по пошта“, но во моментов, информацијата за дали патните исправи се дел од овие „документи“ извори од Владата сѐ уште ја немаат потврдено.

Искуствата на македонските граѓани кои немаат двојни државјанства и зависат од тој документ не се разликуваат по географска одредница:  аплицирање во одговорната амбасада, чекање на екипа за фотографирање (неретко и по 6-9 месеци) па повторно чекање на екипа (повторно 6 месеци), која со следното доаѓање ќе ги донесе изработените пасоши, кои пак мораат лично да бидат подигнати од страна на апликантите.

Пандемијата не го донесе проблемот, но дефинитивно го актуелизираше. Во моментов, илјадници Македонци се борат со локалните правила на државите во кои живеат за да го регулираат својот престој. Аплицирање за студентска виза, работна виза, бриџинг виза, продолжување на дозволата за привремено живеалиште се само дел од административните работи кои македонските граѓани треба да ги направат, а не се во можност заради невалидноста на своите македонски пасоши.

Министерот Бујар Османи, како можно решение, најави промена на законот со што на истечените пасоши ќе им се продолжи валидноста до крајот на 2021 година, но овој предлог не е решение за неколкуте Македонци кои во моментов се во Кина и кои се соочуваат со проблем за којшто се нема решение, а тоа е немањето празни страници во пасошот. Иако валиден, истиот е неупотреблив и тоа е нешто што може да се реши само со издавање на нов. Вакви случаи во моментов во Кина се околу 5, а еден од нив е и сопругот на Мимоза Велјановска, кој веќе нема празни страници во пасошот и неговиот престој во Кина зависи исклучиво од добрата волја на кинеските власти кои на секои 3 месеци му закачуваат нова хуманитарна виза.

Со Мимоза поразговаравме накратко и побаравме да го објасни проблемот со којшто се соочуваат одамна, но во последната година веќе нерешлив, со што иднината на нејзиното семејство во Кина е целосно неизвесна. Мимоза има само една празна страница во пасошот и рок до 12 јуни да обезбедат нов пасош за сопругот и ќерката, кој истекува во јули, за да се среди статусот или ќе се соочат со разделба на семејството.

 

Кога пристигнавте во Кина и како административно ги решававте досегашните визи?

 

Мимоза: Во Кина сме од крајот на 2011, откако добивме работни визи. Истите ги обновуваме еднаш годишно и имањето на работна виза значи добивање на привремена дозвола за живеалиште. За обнова на пасош до сега секогаш сме се враќале дома. Мојата ќерка е родена тука и за нејзиниот пасош исто така требаше да се вратиме Македонија.

 

Кога настана првиот проблем со издавање нов пасош и кои беа првите чекори кои ги преземавте?

 

Мимоза: Планот беше летото 2020 да се вратиме во Македонија за да извадиме нови пасоши, но крај на јануари започна целата ситуација со вирусот. Прво ја исконтактирав амбасадата, ми понудија само патен лист за да можеме да се вратиме во Македонија, но нам не ни беше потребен патен лист, ниту пак можевме да се вратиме дома бидејќи беше неизвесна ситуацијата и ни беше страв да патуваме со мало дете.

Кина ги затвори границите, побарав одново разбирање на ситуација, кажано ми беше „Таков е законот, мора лично во Македонија за вадење на пасоши.“ Предложив решенија, да се искористи старото инфо да се дадат пасоши, да се позајмат опрема од други амбасади, да пратат екипа… ништо.

Почнав со пишување на мејлови до МНР, немав одговор, ги исконтактирав на Фејсбук, истиот одговор – Нема решение, мора дома. Продолжив да објаснувам за ситуацијата, но ништо.
Исконтактиравме и со кабинетот на премиерот, нѐ поврзаа со МНР, други политичари, но ништо… никој не сака да се заземе.

 

Исконтактиравте ли со македонската амбасада во Кина и какви инструкции ви беа дадени?

 

Мимоза: Амбасадата, освен патни листови, кажа дека е немоќна да направи било што друго и дека сите наши прашања ги препраќаат до МНР.

 

Колку би ве чинело, доколку го прифатите предлогот на МНР, да одите во Македонија и таму извадите нов патен документ и дали повторно би имале право да се вратите назад во Кина?

 

Мимоза: Според груба пресметка околу 10000 евра. Авионските карти се скапи, тестирања за тројца, карантин во Кина, две соби, бидејки ќе нѐ разделат и повторни тестирања тука.

Но, ќе нѐ чини и разделба на семејството – сопругот нема да добие дозвола да се врати во Кина бидејки нема дозвола за престој во моментов. Од кинеската амбасада во Скопје ни кажаа дека ќе издадат само ако е вакциниран со кинеска вакцина, а засега во Шенжен не се понудени вакцини. Исто така, голем ризик е да се патува со тригодишно дете, имајќи предвид каква е ситуацијата во Македонија.

 

Што би ѝ препорачале на македонската влада, како македонски граѓанин без патен документ, заглавен во Кина ?

 

Мимоза: Би ги замолила за итно решение на проблемот, решение во насока на издавање на патни исправи во најбрз можен рок. Јас имам уште два и пол месеца да го решам овој проблем, си поигруваат со судбините на луѓето…

Веќе 10 години живеам во Кина, неиздавањето на нов пасош во најскоро време ќе значи губење на работа или разделба на семејството.

 

Петиција

 

Везилка Магазин