ИнтервјуаНие низ светот

Аспасија Петреска: „Потребни ми беа петнаесет години талкање за да успеам да ја сфатам вредноста на уметноста“

Интервју со Аспасија Топаловска - Петреска, уметница од Германија

Везилка Магазин

Со мајка Кореанка и татко Македонец, Аспасија Топаловска – Петреска израснала во Охрид и калдрмата на чаршијата и мирисот на езерото ѝ се потсетници дека тоа место ќе може засекогаш да го нарекува „дом“. Долги години живеела со носталгија за минатото и се борела со спомените, кои ѝ останале замрзнати во времето пред да се отсели со семејството, сѐ додека животот и постојаната работа на својот личен развој не ѝ ја откриле важноста на „сега и тука“.

Преселена како тинејџер, оваа вљубеничка во цртањето променила држава, училиште и пријатели во најчувствителниот период од својот живот и во потрагата по својот идентитет, привремено ја оставила на страна својата љубов кон цртањето.

Извор – приватна архива

Неуспевајќи да се запише на ликовната академија во Диселдорф, Аспасија својот интерес го пренасочила кон биологијата и по завршувањето на дипломските студии, магистрирала Акватичка екологија, отсек Лимнологија, но личниот вулкан никогаш не стивнал…

После 15 години талкање со мислата „А што добро можат да му донесат моите цртежи на светот?!“,  на почетокот на 2020 година решила дека е време нејзините цртежи да му донесат добро на нејзиното битие, но не беше потребно многу време за и другите да ја препознаат таа радост и убавина.

Извор – приватна архива

Одмерена, смирена, љубовна и едноставна – би ја препознале меѓу илјади души, за Везилка си ја отвори својата и ни покажа што значи да живееш автентично и некомпромисно.

Аспасија можете да ја следите на   Фејсбук   Инстаграм

 

Во 1999 година, веднаш по завршувањето на основното образование, со родителите и сестра ти се селите од Охрид во Ноис, Германија. Голема промена, во најчувствителниот период од животот. Како ја доживеа, тогаш 14-годишната Аспасија, разделбата со сѐ дотогаш познатото за неа?

 

Аспасија: Преселбата ја доживеав доста интензивно. За жал во тогашно време градот кој што стана мое ново живеалиште по некоја случајност, воопшто не ме восхити. Менталитетот, традициите, урбаниот живот, архитектурата, климата, па дури и пространството и големината на градовите ми беа непознати, но не возбудливи, туку напротив, многу одбивни.

Извор – приватна архива

Мислам дека тогаш бев многу млада за да ги сфатам предностите и недостатоците кои беа поврзани со селењето т.е. останувањето во татковината и да му дадам шанса на новиот град, на Нојс.

 

Во тоа време и во тоа мало германско гратче, имигрантите не беа многу на број, а со тоа и не баш прифатени од локалците. Се запиша во женска католичка гимназија што уште повеќе допринесе кон менување на сѐ она што до тогаш си го живеела и учела. Почувствува ли било каква дескриминација во тој период и колку тоа те промени?

 

Аспасија: Образованието во тоа училиште беше на прилично високо ниво и тој период го паметам по предизвиците во врска со јазикот, којшто претходно воопшто не го зборував. Од страна на професорите бев многу добро прифатена и подржувана. Ми помагаа да го совладам јазикот и пребродам препреките во врска со него.

Одреден вид предрасуди спрема странците во тоа време сепак постоеше и за среќа исчезнуваше во текот на годините, со растењето на бројот на имигрантите. Тоа се манифестираше низ неприфаќање, исмејување околу јазичната бариера, одбивање кога аплицирав за работа поради акцентот кој сум го имала итн.

Извор – приватна архива

Ваквите искуства во раната младост ме променија во две спротивни насоки. Од една страна изгубив голем дел од самодовербата, храброста и еланот, а од друга страна пак го зацврстив на некој начин идентитот. Добив голема амбиција да докажам кои ми се способностите и покрај тоа што германскиот не ми е мајчин јазик. Матурирав со прилично добар просек и со тоа добив квалификација за понатамошното образование на универзитет.

 

Страста и љубовта за уметноста, посебно сликањето, ја носиш во себе од најмали нозе, но сѐ до скоро не си дозволи да ја покажеш пред светот. Колку незапишувањето на академијата за уметности во Дизелдорф имаше влијание врз ова “повлекување” од твоето вистинско јас?

 

Аспасија: Обожавам да цртам од кога се паметам. Во моето детство цртав континуирано и ретко останував без идеи. Исто така, за време на моето средно образование во Германија, имав можност да се продлабочам во ликовната уметност како изборен предмет. Учествував и во некои проекти на ликовни форуми за млади.

Извор – приватна архива

Во тоа време бев доста поттикната и од страна на професорите да почнам да се занимавам и професионално со уметноста т.е. да се запишам на ликовна академија. Но, кога од страна на академијата бев одбиена, тоа беше за мене почетокот на крајот на моите стремежи во врска со уметноста и мојата посакувана кариера во таа област. Иако таа не е клучен фактор во развојот на талентот, тогаш тоа го сфатив многу лично и изгубив голем дел од самодовербата и љубовта кон себеси.

Во меѓувреме и понатаму учествував во некои ликовни колонии и локални проекти за илустрирање, кои подржуваа млади и заинтересирани личности и овозможуваа увид во таа област. Тоа беше краткотрајна радост, бидејќи не престанав да се чувствувам стигматизирана за тоа што бев одбиена.

Извор – приватна архива

Бев убедена дека не сум доволна добра во уметноста и дека не треба да се занимавам со тоа, се споредував со други личности и едноставно почнав да ја сметам за невредна. Со тие мислења и верувања талкав преку 15 години.

 

Наместо уметност, започна студии за твојата втора љубов – биологијата, а магистрираше акватична екологија, поточно лимнологија. Дали алтернативната љубов беше доволна за да живееш автентичен живот?

 

Аспасија: Природните науки отсекогаш ме интересирале. Студирањето биологија беше убаво, вложував многу труд и целта ми беше што побргу да ги завршам студиите. Магистрирав со висок просек и иако имав понуда за докторат во градот Киел кадешто студирав во последните две години, не прифатив.

Во тоа време сите патишта ме водеа кон уметноста, затоа што барав начини како да ја изразам мојата креативност. Идеи и инспирации немав многу, но во ист момент барав само начин како да дојдам до контакт со хартија и бои затоа што копнежот беше тука цело време, но свесно го потиснував.

Додека студирав посетував курсеви по цртање, сликање и фотографирање кои ги нудеа самите универзитети. Во тоа време доста често се занимавав со ракотворби, а посебно драги изработки ми се цртаните гитари кои ги правевме заедно со мојот сопруг.

Извор – приватна архива

Честопати работев со Фотошоп, па дури и првото работно место по професија, го добив по случајност поврзана со тоа хоби. Тогаш работев на публикација на печатени медиуми на теми од областа на биологијата, екологијата и заштита на животната средина во кои често пати внесував свој материал, како фотографии и текстови. Иако во позадина стоеше професијата биолог, проектите опфаќаа повеќе работа од други области.

Долго време сметав дека тие пет години за време на факултетот ми биле само изгубено време, но во меѓувреме научив дека секоја случка, одлука или познанство во животот се со смисла и причина. Иако втората алтернатива не ме доведе до баш автентичен живот, не жалам што имам студирано биологија.

Извор – приватна архива

 

Што беше пресудниот момент за во 2011 година да отидеш на тридневна посета на манастирот Св. Јоаким Осоговски и со што излезе од таму?

 


Аспасија: Причината за тридневната посета во манастирот Св. Јоаким Осоговски беше желбата да почнам со пребродување на еден подолг период исполнет со самосомневање, обесхрабреност, анксиозност, губење на животна визија, насока и на некој начин одвојувањето од самата себе. За тоа ми беше потребно едно непознато место каде што сум присутна само јас, каде не познавам никого и немам никаков контакт со луѓе, каде што нема никакво влијание од надвор и каде ќе имам доволно можност и простор за контемплација.

Токму тој манастир со многу убава географска местоположба и глетка ме воодушеви, но не го одбрав од религиозни, туку повеќе од спиритуални причини. Во тоа време и немаше многу комерцијализирани и лесно достапни курсеви по личен развој како денес. Излегов, пред сѐ, со многу подобро расположение и со првиот успешно посетен час по личен развој кој самата си го одржав.

 

Во 2013 година за прв пат стана мајка. Какво беше тоа искуство за тебе, како жена, и во што најмногу те промени?

 

Аспасија: Мајчинството, нормално, ми го промени животот. Развив други ставови, за некои работи станав поегоистична, а за некои поалтруистична, научив што се тоа приоритети и дека границата пред којашто мислиме дека конечно ќе колабираме, е всушност многу подалеку.

Сите наивни слики и идеали, за тоа како се одвива животот со дете, ми беа заменети со реални слики полни со предизвици, моменти на максимална истрошеност, страв, а истовремено врамени во бескрајна среќа, вистинска радост, длабока и безусловна љубов.

Во последните 8 години сватив дека покрај интензивно посветеното време на моите деца, исто така се́ повеќе и повеќе ми е потребно и мене време, за реализирање на моите цели. Тоа денес повеќе не го сметам како нешто погрешно, себично или пак неодговорно.

Извор – приватна архива

Научив да не се стремам кон перфекција, затоа што таа е недостижна. Колку и да сме „перфектни“, секогаш има некој кој е спремен да даде критика. Од искуство, тоа стремење доведува до неизмерно исцрпување на енергијата, до запоставување и заборавање на личните потреби во суштина. Децата тогаш ги чувствуваат тие негативни емоции и самите стануваат пораздразливи.

Според мене покрај задоволна и балансирана, но неперфектна мајка, растат и среќни деца. Таква и се трудам да бидам, не само за себе, туку и за нив и за тоа што тие ќе го земат на својот животен пат со себе.

 

Од 2015 година работиш поинтензивно на својот личен развој. Што научи да не правиш веќе, а какви нови навики/размислувања усвои? 

 

Аспасија: Патот на личната трансформација пред се́ е бесконечен и се́ уште учам и работам на себе. Со секое ново сознание ми олеснува по некоја тежина, а истовремено откривам нови страни на кои мора да работам. Се трудам да живеам во сегашниот миг колку што можам, да го прифатам минатото онакво какво што е и да не се осудувам себеси за донесените одлуки и од друга страна да не ја гледам иднината со страв.

Учам како повторно да си доделам повеќе почит и љубов, затоа што тие се темелот и на љубовта кон останатиот свет. Многу нешта во животот зависат од изборот на начинот на размислување. Промената на размислувањето ми го промени пред се́ духовниот статус во позитивна насока, а тоа се манифестира и во телесното здравје. Со подобрување на внатрешниот свет се подобруваат и надворешните околности, врските итн.

Извор – приватна архива

Секако дека се радувам на позитивни реакции и пофалби од другите, но не давам повеќе толку голема важност на критиките од деструктивен тип, на пример. Повеќе се насочувам на тоа да останам во движење, да не стагнирам и да го работам нештото што ме прави среќна и исполнета.

Сите сме родени со некакви таленти и способности. Секој од нас носи некаков дар во себе што треба да го сподели со другите. Најпрво треба да се прифатиме онакви какви што сме, да го пронајдеме тоа што нѐ исполнува, да ги развиеме потенцијалите и да тргнеме храбро по својот пат, без оглед на тоа дали ќе се сопнеме на некоја препрека и ќе паднеме.

Извор – приватна архива

Кога ние се почитуваме себеси, тогаш тоа го прават и другите со нас. Нашиот внатрешен глас е всушност ехото кон надворешниот свет.

 

На почетокот на 2020 година излезе од својата комфорна зона, надминувајќи ги внатрешните стравови и својата уметност му ја презентираше на светот. Што те плашеше повеќе – успехот или неуспехот, и дали те изненади позитивниот прием од публиката?

 

Аспасија: Во почетокот на минатата година сфатив дека едноставно мора да започнам т.е. продолжам, затоа што сите изговори наеднаш ја изгубија својата важност. Покрај желбата што беше преголема, беше присутен и стравот дека можеби и никогаш повеќе во животот нема да цртам. Најпрво го променив ставот од типот „не сум доволна добра“, затоа што мислам дека секој кој вложува љубов во тоа што го прави, без разлика како професија или хоби, е добар. Пред се́ добар кон себе!

Што се однесува на „слободното време“, тоа си остана исто, без разлика дали цртам во него или не. Во рок од една година, во 2020, изработив преку 150 дела со различни големини од 10 х 10 сантиметри, се́ до 6 х 3 метри и различни техники како гваш, акварел, масло, акрил итн. Повеќето се дела на хартија, платна, дрво (икони) а и директно на ѕид како последниот проект. Тоа ми беше голем предизвик поради големината ѕидот (скоро 18 м²) и воедно се радувам што тоа дело креира убава атмосфера во просторија која се наоѓа во една детска установа.

Извор – приватна архива

Кога ја собрав сета храброст и се претставив со неколку цртежи на социјалните мрежи, повеќе ме плашеше секако неуспехот. Но, позитивните реакции навистина ме изненадија. Добив дури и понуди од типот помош во промовирање на моите дела што навистина не го очекував и многу го ценам. За среќа во изминатите 15тина години други личности веруваа во мене и ме поттикнуваа да не се откажувам. Многу сум им благодарна!

 

Од каде најчесто ја црпиш инспирацијата?

 

Аспасија: Инспирацијата обично доаѓа спонтано, но често и ја барам, затоа што сакам редовно и активно да цртам, вежбам и да се подобрувам. Најмногу ме инспирираат природата со убавите пејзажи и небесните појави, емоциите, сеќавањата од детството на пример, спиритуалноста, музички, уметнички и литературни дела, секојдневни случки и предмети. Научив како активно да барам „мотиви“, кога сум во природа на пример и повеќе да внимавам на деталите, боите и формите.

Извор – приватна архива

Обожавам да не се задржувам само на еден мотив или само на една техника, затоа што сакам и да експериментирам и воедно учам нови нешта, како на пример дигитално цртање во моментов. Сепак, најомилени ми се илустрациите, посебно тие во детски стил затоа што во детството ми оставиле длабок впечаток и со нив поврзувам емоции и носталгија од најубавите години во животот. Така во последните месеци се насочив повеќе кон тоа.

Моментално имам во предвид нешто ново кое досега не сум го сработила, кое ќе го опфати пред се́ цртањето, но и пишувањето. Се надевам дека кога ќе ја реализирам оваа визија, ќе успеам да допрам многу души. Исто така, наскоро ќе биде достапна и онлајн продавницата.

 

Колку си во контакт со својата корејска страна, со оглед на тоа што мајка ти е Корејка и какво беше растењето во Охрид со такво потекло?

 

Аспасија: Од корејската страна најмногу ми се познати корејските специјалитети кои мајка ми повремено ги приготвува. Мојата баба од Кореја, која за жал не успеав да ја запознам, исто така се занимавала со уметности и таа споредба можеби и потсвесно ми влијаела.

Јазикот, за жал, не го зборувам, затоа што и мајка ми ме учела македонски. Во 80 и 90тите години немаше многу доселеници во Македонија и јас и сестра ми бевме во тоа време дефинитивно единствените во Охрид со такво потекло.

Извор – приватна архива

Често бевме прашувани околу тоа и на моменти сум се чувствувала и „поразлична“ од другите, но растењето генерално ни беше како и на другите деца затоа што ние целосно го зборувавме македонскиот јазик дома како и надвор, ги почитувавме локалните традиции и бевме целосно вклопени и интегрирани.


Колку родниот Охрид и Македонија ти беа прибежиште низ годините? После толку работа на себе, сега знаеш дека си таму каде што треба да си и дека изборите ти се свесни, но тоа не значи и дека носталгијата исчезнува. Дали ти недостига Македонија и колку ти е истата инспирација?

 

Аспасија: Долги години се борев со носталгијата и не поминуваше ден да не помислам на моето родно место и да си ги навратам спомените. Живеев во минатото или во иднината, пропуштајќи ја сегашноста. Честопати сум раскажувала дека ми недостига Охрид и сум се оправдувала за причините. Но, според мене, носталгичноста е нешто субјективно и лично, аспект од карактерот за којашто и не треба да објаснуваме.

Охрид инаку си има посебно место во моето срце и горда сум и среќна што израснав токму во тој град. Во мене засекогаш си ја замрзнав таа слика од мојот роден град, како што ја гледав како дете пред да се преселам. Можеби наивна, нереална, едноаспектна, но за мене многу убава и автентична.

Извор – приватна архива

Секое лето го посетуваме Охрид и тоа секогаш ми дава нова енергија. Со самото тоа што голем дел од роднините живеат таму, поврзана сум со градот. Убавините на Охрид и Охридското Езеро ме инспирираат, иако не секогаш директно се одразуваат во моите дела. Смиреноста и заземјувањето кои ги чувствувам во мене кога сум таму се неизмерни и незаменливи.

Охрид ми беше прибрежиште затоа што секогаш имаше таму некој кој ме чека и се радува на мене и никогаш не се почувствував осамена. Денес, поимот дом за мене не претставува само еден физички објект, туку повеќе го дефинирам како тој „дом“ во себе. Но, иако веќе скоро 22 години не живеам во Охрид, кога одиме таму секогаш се буди чувството дека сум дома.

Везилка Магазин