ИнтервјуаНие низ светот

Бетина Кузевски: „Сакав да имам онлајн датотека од испробани рецепти кои ќе ми бидат секогаш и секаде на „дофат“ “

Интервју со Бетина Кузевски од Германија, креатор на блогот „Зготвено со љубов“

Везилка Магазин

Бетина Кузевски е личноста која стои позади блогот „Зготвено со љубов“, и да бидеме искрени, љубов е нешто што дефинитивно не недостасува кога Бетина создава. Вљубеник во готвењето, фотографијата, книгата и патувањата, Бетина по секоја ново-посетена локација, со себе дома враќа рецепти од локални традиционални јадења, како сувенир од тоа патување.

Она што требало да биде само „онлајн датотека“, прерасна во прекрасен електронски извор на лично испробани и фотографирани рецепти; извор преку кој Бетина несебично го дава својот талент на светот, истовремено релаксирајќи се од својата секојдневна работна позиција.

По потекло од Скопје, а веќе 16 години во Германија, оваа дама не` поврзува сите со единствениот универзален јазик познат на луѓето – храната.

 

„Зготвено со љубов“ можете да го најдете на   Facebook    Instagram    Веб страна

 

 

 

Родена во Германија, но израсната во Скопје. Како дојде до тој чекор?

 

Моите родители дошле на работа во Германија во 70те години. Во тоа време, немало доволно места во градинките и бидејќи немало кој да се грижи за мене додека родителите се на работа, се решиле да ме однесат во Македонија кај баба ми која и ме исчува. Во тоа време, многу наши иселеници биле приморани децата да ги носат назад во татковината, кај бабите и дедовците на чување.

До ден денес, мајка ми кога се потсетува на тоа време, со солзи во очи раскажува колку тешко и паднала оваа одлука. Се сеќавам, секое наше ново видување беше среќа која со зборови не може да се опише, исто како што и секоја нова разделба беше неизмерно тажна и болна.

Тоа беше и причината почетокот на 80те години, моите родители да ги остават животот и работата во Германија и да се вратат назад во Македонија.

 

 

Кога реши дека Македонија нема што повеќе да ти понуди од она што веќе го имаше до тогаш?

 

Причината која се преселив во Германија е судбинска. Мене љубовта ме донесе во Германија. Во 2001 година во Скопје го запознав мојот сопруг кој тогаш живееше во Германија.

Нашата врска беше на далечина, но ја користевме секоја прилика да бидеме заедно, без разлика дали тој во Македонија или јас кај него, во Германија. Во 2004та година се преселив во Германија и во 2005та година, во Дортмунд, ја крунисавме нашата љубов со брак.

 

 

Дали и колку те промени старо/новото живеење?

 

Промените и предизвиците со кои морав да се соочам ме направија посилна и посамоуверена.

Првата година мислам дека ми беше најтешка. Бидејќи имав многу мало познавање на германскиот јазик, првиот чекор кој го направив веднаш штом дојдов во Германија беше започнување со курс по германски јазик.

На почетокот мислев дека никогаш нема да го научам јазикот, имаат тешка граматика, едноставно не го сакав.  Мислите „јазикот ги отвара сите врати“ и „доброто познавање на јазикот е клучот за успех“  ме водеа цело време, учев деноноќно. После една година го завршив курсот и тоа ми ја отвори вратата за наредниот чекор.

Посакував и на професионален план да си го најдам своето место под сонцето во мојата нова татковина и знаев дека и на тој план морам нешто да направам. Се одлучив да го надоградам своето образование и започнав со дошколување  во областа од надворешната економија.

 

 

Завршниот испит го положив со висока оцена и веднаш потоа се вработив во фирма која е дел од еден интернационален концерн и се занимава со производство и продажба на вентили за изградба на електрани, нафтоводи и гасоводи на меѓународно ниво. Јас сум дел од тимот кој е одговорен за подготовка на техничката документација.  Работата е доста одговорна, а тоа повлекува и одреден степен на стрес, меѓутоа јас сум вљубена во тоа што го работам и не би ја менувала за ништо на светот.

За сите овие години, ја засакав Германија толку многу, што можам најискрено да кажам дека ми е втора татковина. Живеам во Дортмунд, град кој го засакав исто како моето Скопје што си го сакам, се чувствувам среќна тука, овде ми е втората дома. Македонија и Скопје секогаш ќе останат мој прв дом, сепак сите спомени од детството и младоста ми се од таму, и тоа не може никогаш да се заборави.

 

 

Кога и како започна љубовта кон готвењето?

 

Па не сум од секогаш вљубеник во готвењето. Мајка ми секогаш ме штедеше од домаќинските работи. Но кога се омажив, морав да се фатам за тавите и тенџерињата и да застанам пред шпорет :). И ете, на крај се случи она што за некои жени е мака, за мене да е вистинско задоволство.

 

 

 

Колку македонската кујна има влијание врз твоето готвење?

 

Македонската кујна е редовно застапена на нашата трпеза. Рецептите од нашите мајки и баби се секогаш најубавите рецепти па така тавче-гравче, пинџур, селско месо, турлитава, сарма редовно ги подготвувам за моето семејство.

Но, покрај македонската кујна, сакам и да експериментирам со традиционални рецепти од други земји. Ова ми претставува посебно задоволство. Подготвувањето на традиционални јадења од други народи за мене е како патување во таа земја.

 

Летен тирамису

 

„Зготвено со љубов“, но и фотографирано со исто толку љубов. Која пасија беше прва и ја повлече другата?

 

Дефинитивно, тоа беше готвењето. Фотографијата си дојде потоа некако сама по себе, како надополнување на првата.

 

 

Што имаше на мисла кога реши да започнеш блог за готвење? Дали знаеше што сакаш да постигнеш?

 

Искрено, блогот не беше моја идеја. Тоа беше идеја на сопругот кон која се придружи и мојот син. Долго време ме убедуваа да почнам да работам на тоа. Ете, тие се „виновниците“ за мојот блог 🙂 Ама не само за блогот, тие всушност ми се поттик, мотивација, инспирација за се` што правам.

Замисла беше тоа да биде една онлајн датотека од испробани рецепти, кои ќе ми бидат секогаш и секаде на „дофат“, а воедно да бидат достапни и за сите оние кои ќе сакаат да подготват нешто од нив.

 

 

Што значи за тебе Скопје и дали би се вратила да живееш во Македонија пак?

 

Скопје е моја љубов. Неизмерно го сакам тој град. Најголем дел од спомените ми се поврзани со тој град. Но, веќе долго време живееме во Германија и мислам дека доколку би се вратиле, тешко би се вклопиле во начинот на живеење во Скопје и Македонија.

Но, никогаш не вели никогаш. Можеби, некогаш би можело и тоа да се случи да се вратам назад во Македонија, но сега за сега тоа не е во план.

 

 

 

Везилка Магазин