Конфликтот не е проблемот.
Справување со него е!
Темата на обуката што раководител на човечки ресурси во една компанија ми побара да ја спроведам со менаџери од различни оддели во компанијата беше „Како да станете поотпорни и креативни за полесно да ги надминете предизвиците“.
Првиот дел од обуката, преку практични вежби, придонесе за развој на интерактивни дискусии поврзани со свесноста за личната состојба и стиловите за справување како менаџер додека се справувате со предизвиците.
Во вториот дел разработивме мали констелации со цел да ја разјасниме структурата во тимовите, позициите на секој член на тимот и соодветната улога во тимот. Ова донесе многу интересни сознанија за динамиката на тимот.
Дозволете ми да споделам со вас еден интересен пример.
Еден од менаџерите изјави дека тој и неговиот тим, бидејќи се во ИТ секторот, секојдневно се соочуваат со голем стрес, што му предизвикува голем притисок.
Го замолив менаџерот да постави на подот листови хартија со различна боја, со кои ќе ги претстави секој од членовите на тимот посебно. Имаше вкупно 15 луѓе во тимот. Ги распореди во форма и редослед како што сметаше дека треба да ги постави.
Формата беше во вид на круг и сите членови на тимот, претставени со одделни обоени парчиња хартија, беа поставени многу блиску еден до друг.
Го замолив менаџерот да ја погледне констелацијата и да ми каже што видел и како се чувствувал за неа.
„Гледам комплексен тим и чувството е напнато“, рече менаџерот со длабок глас. Потоа воздивна.
Ги замолив другите колеги, кои љубопитно ја следеа целата ситуација, да кажат што видоа. Имаше различни перцепции за поставената структура. Некои рекоа дека тоа предизвикало напнатост кај нив, немало простор помеѓу членовите на тимот, некој видел сложеност, поврзаност итн.
Откако ги слушнавме сите изјави, го замолив менаџерот да го завземе своето место во тимската консталација поставена на подот, да застане онаму каде што чувствува.
Застана во средината на кругот.
Потоа го замолив да калибрира што чувствува. Веднаш одговори дека чувствува напнатост и вознемиреност, стрес. Овие чувства беа лоцирани во пределот околу градите.
Му реков да излезе и да застане надвор од кругот и повторно да калибрира. Чувствата беа смиреност и опуштеност.
Го вратив менаџерот повторно назад во кругот.
Им посочив на колегите внимателно да гледаат и да калибрираат. Тие беа изненадени кога забележаа дека разликите беа видливи. Менаџерот повторно почувствува напнатост , вознемиреност и стрес кои што предизвикаа промени во држењето на телото, изразот на лицето и во гласот.
Го прашав менаџерот: “Кој ти вели дека треба да стоиш во средината?”
Ме погледна зачудено и со тивок глас изговори, “Никој.”
Каква е твојата улога кога стоиш вака во средината на кругот помеѓу сите колеги? – беше моето следно прашање.
“Заштитник”, изговори во еден здив, гледајќи надолу и воздивна.
Потоа го запрашав: “Дали има нешто друго што е исто така причина за напнатост, вознемиреност и стрес?
Менаџерот објасни дека членовите на тимот не се доволно самостојни и проактивни. “Чекаат на мене”, рече нервозно.
Во тој момент го замолив да излезе од кругот, да го погледне тимот и да почувствува каква улога има кога стои надвор од кругот?
Со повисок тон и со крената глава рече, “Менаџер!”
Моето следно барање до него беше – “Сега кога знаеш дека во зависност од тоа каде стоиш се менува твојата улога, како би го наместил тимот, покажи ми ја структурата на тимот од улога на менаџер?”
Разликата беше очигледна. Членовите од тимот беа групирани во зависност од тоа кој со кого е поврзан со работата и беа поставени на поголемо растојание еден од друг. Тој застана на место од каде што можеше да ги набљудува сите, и рече: “Достапен сум, но сепак на растојание”.
“Какво се чувствуваш сега?” го прашав.
“Смирено, дисоцирано и членовите тимот не чекаат на мене, туку се проактивни. Се поддржуваат меѓусебно”, одговори со мелодичен глас, со погледот свртен нагоре, а телото беше раздвиженo.
Следното прашање што му го поставив беше: “Сега кога знаеш дека во зависност од позицијата што ја завземаш во тимот се менува и твојата улога, што конкретно ќе преземеш?”
А тој одговори: “Ќе ги групирам поинаку и со тоа ќе им дадам различни задачи, со што ќе ги поттикнам индивидуално и заеднички да преземаат поголема одговорност.”
“Што тебе лично тоа ќе ти донесе?” – го прашав.
“Ослободување и повеќе простор.” Воздивна и на лицето му се појави насмевка.
Го замолив повторно да ја направи првичната констелација во форма на круг и да застане во средината, во улога на заштитник. Беше интересно бидејќи со насмевка рече дека не би сакал, но дека ќе се потруди.
Кога застана повторно во средината и влезе во улога на заштитник, го прашав да почувствува колку долго ја живее оваа улога.
Во тој момент тој стана свесен за нешто многу важно и се случи трансформација.
Ме погледна и со тивок глас изговори: “Tатко ми почина кога имав 8 години. Целиот мој живот јас сум во улога на заштитник и се грижам за своето семејство, за мајка ми и двете помали сестри. Сега повторно сум заштитник во моето семејство, со сопругата и децата. Уморен сум од таа улога и сакам да се ослободам од неа”, воздивна, ме погледна кратко и веднаш го спушти погледот надолу.
Во просторот владееше потполна тишина. Колегите се погледнуваа еден со друг и беше повеќе од очигледно дека изкажаните зборови беа неочекувани и предизвикаа емоција, емпатија и системска поврзаност. Сите ја почувствуваа големината на неговата улога и нејзиното значењето.
Тоа беше прекрасен момент на освестување за тоа колку се моќни семејните динамики.
Според системската работа, секое семејство има заплети настанати поради предизвици и трауматски случки. Динамиките предизвикани од тие заплети се причина за несвесното превземање на улоги со цел да се направи баланс во семејството.
Истите улоги, кои што се веќе дел од нас и се потсвесен стил на однесување и справување со секојдневни предизвици, се пренесуваат и во организацискиот систем во кој што припаѓаме.
Не значи дека менаџерот никогаш повеќе не треба да застане во улога на заштитник на својот тим.
Најзначајното нешто после оваа прекрасна системска констелација е свесноста дека секогаш постои избор за тоа која позиција тој ќе ја завземе во тимот и каква улога ќе превземе.
Слободата на избор кај него предизвика ослободување и вознемиреноста исчезна.Меѓутоа тоа беше само почеток на процесот.
За целосно завршување на истиот, договориме индивидуална коучинг сесија на која што ги работевме техниките TimeLine and Visual Squash на тема ослобување на превземената одговорност за заштита на семејството, одговорност која што тој ја превзел во периодот на смртта на татко му.
Улогата на заштитник на тимот може да биде корисна во моменти кога се наметнати голем број на обврски, а не се земени во предвид обемот на работа и временската рамка за извршување на обврските. Меѓутоа, истата улога може да предизвика реактивност кај членовите на тимот знаејќи дека заштитникот е секогаш присутен за да ги извади од секоја ситуација. Заштитникот ја превзема одговорноста за сите членови на тимот, па нема потреба самите да се грижат.
И конфликтите на работното место се само резултат на несвесни улоги пренесени од семејниот систем, кои што имаат различно влијание во различен контекст. И затоа не се употребливи секаде. Резултатите предизвикани од улогата во еден контекст може да бидат деструктивни, а во друг да имаат позитивно влијание.
Конфликтот не е проблемот. Справувањето со него е!
Ова е само еден од многуте примери кои што можам да ги наведам од мојата долгогодишна работа како Системски НЛП Мастер тренер и Коуч. Според моето искуство, преку однесувањето динамиките од семејниот систем се пренесуваат во организацискиот систем, без оглед дали се работи во групи или индивидуално, без оглед на тема или прашање со кое што доаѓа клиентот.Однесувањето е резултат на стилот на справување со предизвици со кои што се соочува секое семејство. Позицијата која што ја завземаме во семејниот систем во моменти кога е нарушена рамнотежата поради конфликт, предизвик или траума, наметнува одредена улога.
Современото менаџирање бара системска свесност. Способност да се согледа ситуацијата, личноста од една поширока рамка која што дава друга перцепција на поврзаностите на случките и луѓето меѓусебе.
Кога се работи системски коучинг, независно дали е тимски или индивидуален, многу е поважна структурата, отколку содржината.
Кога се зборува за структура се мисли на поредокот, т.е. редоследот, позицијата што ја имаат членовите и нивната улога.
Разликата помеѓу семејните и организациските системи е во тоа што во семејните системи редоследот и позицијата се вечни, а во организацијата се привремени, зависно од договорот.
Како што веќе наведов погоре, улогата во семејството е предизвикана поради заплети и го поддржува делот на преживување.
Истата несвесно ја пренесуваме и во работното опкружување, независно на која позиција сме.
Таа е нашето инстинктивно движење за да преживееме динамика која што нашата потсвест во тој момент ја препознава како опасност.
Организацијата е исто така жив систем, во кој што семејните заплети излегуваат на површина, А системот значи движење, процес предизвикан од интеракција.
Во каква интеракција си со сам себе, со другите, со процесот во кој се наоѓаш, со околината?
Системот е воден од емоции, а не од разум.
Системска свесност значи да се префрли фокусот од поединецот на целата динамика на системот. Не се работи за вештини, вредности, акција или за вашата позиција.
Се работи за тоа што сте во системот!
Што се обидувате несвесно да направите за системот?
Системската свесност, поддржана од моќните НЛП техники, овозможува холистички пристап затоа што – Живееме нанапред, но разбираме наназад!
Единствената комбинација на системската работа и моќните НЛП техники може да ви даде можност да го откриете одговорот на прашањето: Дали постои подобар начин да преживеете отколку тој да се повредите себеси, другите, вашето тело или вашата душа?
Марина Анчевска е сопственик и директор на Центарот за Бизнис Психологија, Системски & НЛП, ЈИЕ. Таа е едиствениот НЛП Мастер Тренер на Балканот, меѓународно сертифициран на НЛП Универзитетот во Санта Круз, Калифорнија, САД и меѓународно акредитиран од страна на American Board of NLP (ABNLP), член на меѓународното здружение ANLP International CIC. Марина е исто така меѓународно сертифициран коуч, член на меѓународното здружение за коучинг – Association of Coaching, трансформациски претприемач, холистички терапевт и Јога учител.