Се чини дека се ретки Македонците кои не слушнале за нашиот кларинетист Благој Ламњов, особено откако неговата изведба на „Сербез Донка“ со шведскиот симфониски оркестар стана интернет хит. Одеднаш, овој млад човек од велешката населба Соколана, преку својот инструмент, стана амбасадор на македонска музика и внесе гордост во македонските срца, но и целосно ново поимање на звукот на кларинетот.
Роден во Велес во семејство на музичари во чијшто круг секогаш се слушало внимателно одбрана музика, љубовта кон овој инструмент Ламњов ја развил многу рано во своето детство. Најголема инспирација за тоа му биле неговиот брат, кој исто свирел кларинет, неговиот дедо со гајдата, неговиот татко со најпрекрасниот глас и неговата мајка со постојаното слушање музика на радио. Или како Благој изјави во нашето радио интервју за СБС на македонски: „Тој процес на развој и унапредување кој го набљудував кај брат ми за време на неговото патешествие со кларинетот, ме фасцинира до степен да посакав и јас да го земам тој инструмент и пробам да го одам истиот пат на себенадоградување“.

На 9-годишна возраст, за време на аудицијата во основното музичко училиште во Велес, Благој цврсто стоел на својот став дека сака да учи кларинет, одбивајќи ги понудите за клавир и виолина, што го однело на едно патување полно со решителност да се научи, развие, израсне и надмине себеси, или како вели: „Кога учиме нешто ново и стигнуваме до целта, тоа ни носи една самодоверба дека без разлика што и да се случи и колку пати и да паднеме, секогаш можеме да станеме и продолжиме затоа што стекнатото знаење е она што останува во нас“.
Како за почеток – Што значи за тебе кларинетот како начин на изразување?
Благој: Има една изрека што Опра Винфри ја кажа: „Користи го талентот за да ги осветлиш мрачнините во светов”. Тоа е тоа што за мене претставува кларинетот и како јас го користам овој инструмент. Тоа позитивно влијание што мојот албум “Nostalgic Love” го донесе во нашето општество.

Тоа е тоа за кое вреди човек да се бори и малку по малку да ги осветлува мрачнините што ги таложат одредена група поединци. Моќта на еден инструмент и на еден искрен уметник чија мисија е едно питомо и здраво општество креира едно засолниште за сите оние кои се на страната на здравиот разум.
Од најмала возраст знаеше што сакаш, и им пркосеше на „правилата“. Дали во некој момент од својот живот имаше двоумење за своите избори?
Благој: Да бидам искрен, отсекогаш ме води некој чуден инстинкт и желба со детска моќ. Знаете, детето мисли дека може да има се што ќе посака. И во право е. Јас не сум размислувал и двоумел никогаш. Јас само претпазливо ги избирав градовите во кои сакав да живеам и школите и учителите од кои сакав да учам.
Отсекогаш претпазливо си ја замислував мојата иднина, но и мојата сегашност, и се трудев, и се уште се трудам, да живеам како што јас сакам, а не според некои општествени непишани правила.

За мене успешен човек може да биде чистачка во училиште која со искрена радост и жар оди на работа и обезбедува чиста средина за дечињата во училиштето, ги поздравува со мајчинска насмевка која засадува безгрижност кај тоа дете, како и инстинкт на висок морал и емпатија. Ете тогаш знаеме дека имаме здраво општество.
Иако од 14-годишна возраст свиреше по свадби и настани и заработуваше свои пари, сепак реши професионално да се надоградуваш и од Скопје замина прво за Шведска, па Америка, па повторно се врати во Шведска. Што те научи животот надвор?
Благој: Да бидам брутално искрен, животот надвор од Македонија ме научи колкав огромен капацитет и талент имаме ние Македонците, а сепак на крајот не сме никој и ништо во овој свет. Тоа беше големо школо и жешок шамар за мене кога на 21 година се отселив од Македонија. Мене лично не ме иритира нашиот неуспех, туку ме иритира тоа што ме учеле дека Македонија е центарот на светот и дека „само сонцето е постаро од Македонија“. Каков апсурд, каква глупост. Ете затоа сме тука кај што сме.

За да можеме да напредуваме, прво треба да си признаеме дека ние ниту имаме нешто за фалење, ниту пак некако придонесуваме на планетата Земја. Напротив, лидерите веќе 30 години ѝ штетат на оваа планета, не само на Македонија. Ете тоа го научив во сите мои патувања и живеење во други земји, дека имаме лоша репутација во светот.
А колку научив во полето на музиката и колку се изградив како музичар и како личност може секој да си одлучи читајќи ги овие мои интервјуа и слушајќи го мојот албум „Nostalgic Love” .
Животот во странство има свои подеми и падови. Дали додека си бил надвор од Македонија, некогаш си почувствувал дека можеби си на дното и си се нашол во ситуација да зависиш од добрината на други луѓе?
Благој: Да, секако. Но, нема да зборувам за финансиите, туку за едно друго дно. Тоа дно најмногу го доживеав кога прв пат се преселив во Шведска во 2004-та година. Тогаш веќе имав кариера во Македонија и имав голем круг на луѓе кои ме препознаваа и разгалуваа на некој начин. Во Македонија свирев и живеев преубаво уште во тинејџерските години. Се чувствував некој и нешто во мојата околина.

Но, одеднаш се наоѓате во средина каде сте никој и ништо и каде не можете да се пофалите со ништо што вашата земја го направила за овој свет. Тоа беше дното за мене, засрамен и немоќен да ја сменам таа слика за нас. Од тоа научив многу и сум благодарен што без грам его се помирив со тој факт и од тој момент мојата мисија беше да учам и да се однесувам на начин кој ќе ги натера да ја сменат таа лоша слика за нас.

Ако секој Македонец низ светот се однесува културно, коректно и искрено, сите ние ќе имаме корист.
Колку те промени филозофијата на продолжување на таа позитивна енергија од добри дела?
Благој: Тој гест, што финансиски некој ми помогнал и платил повеќе од 40.000 долари за моето школување во Чикаго, а патем не побарал ништо за возврат од мене, ми одржа животни лекции. И во други наврати ми помогнале одредени поединци и ме научиле, меѓу другото, дека: парите се само пари. Да! Парите се само пари. Дали ќе се восхитуваме на некоја слика на инстаграм со скапа кола, или ќе се восхитуваме на капа и шалче кои ги сплела со своите раце некоја наша драга особа и ни ги подарила, зависи од нас самите.

Се сеќавам, во 2008-ма година во Америка добивав бесплатни приватни часеви еден цел семестар во Michigan State University од мојата професорка Елса Лудвиг Вердер. Сега е нешто помалку од 90 години стара. И на секој час се потсетував дека на мои познаници, кои во тоа време студираа на факултетот за музичка уметност во Скопје, професорите им наплаќаа по 50 евра за приватните часеви, кои патем, на некој начин беа приморени да ги земаат. Има разлика, зар не?
Инспирацијата е императивот за секој уметник. Зошто ти беа потребни 14 години да го спремиш албумот „Носталгична љубов“?
Благој: Не го спремав албумот 14 години, но толку многу години го креирав мојот стил на музика и изразување преку кларинетот. Сакав мојот прв албум да го снимам не само кога музички ќе се чувствувам зрел, туку и кога ќе знам кој сум јас како човек, која е мојата мисија на овој свет, моите добри страни, моите лоши страни. Кога ќе бидам спремен искрено и без грам его да одговорам на прашањата на моите обожаватели и на ваквите интервјуа.

Кога документираш музика, ти правиш историја. Тоа е голема одговорност. И ете, како резултат на таа работа, сега албумот „Nostalgic Love“ го слушаат луѓе кои никогаш во животот не можеле ниту да замислат да слушаат инструментална музика на кларинет во својата канцеларија, кола, дом.

Настапот со Norrkoping симфонискиот оркестар во Шведска беше твоето деби како солист, кога ја изведе “Two squirrels”, или нашата позната Сербез Донка. Видеото стана вирално, и Благој стана симбол на македонското традиционално, испреплетено со класичното, и тоа на туѓо тло. Дали ја очекуваше оваа реакција?
Благој: Замислете го само овој факт: Видео во кое главна улога е инструментот кларинет (инструмент кој кај нас важи за свадбарски) достигна бројка од околу 250 000 прегледи (заедно на YouTube и Facebook). Тоа значи дека најмалку четврт милион луѓе го виделе и слушнале за тој некој Македонец кларинетист во Шведска.
Видеото беше објавено во Јуни 2020 година, во период на кулминација на светската пандемија Ковид-19. Ајде да пробаме да ја замислиме таа надеж и светла точка во темнината што ја создаде тоа видео: Македонците во светот се почувствуваа добредојдени и горди, со малку побел образ, а Македонците во Македонија се почувствуваа дека некој таму далеку мисли и се грижи за нив, се почувствуваа поблиску до светот.
Дали ти самиот ја почувствува таа светлина во мракот и дали општеството ти возврати толку колку што ти му подари?
Благој: Не верувам дека некој уметник (музичар, актер, режисер, поет, копаничар) може да го доживее своето дело како што гледачите и слушателите го доживуваат. Не чувствувам апсолутно ништо кога го гледам тоа видео.

А дали добив онолку колку што сум дал на општеството… Па искрено, не знам. Духовно гледано, не знам. Не доживувам никаква емоција кога се гледам и слушам. Тоа го доживувам кога свирам. А материјално гледано, не, во никој случај. Од време на време некој ќе ми испрати поклон во плико, или ќе купи десетина цедиња за да ме поддржи. Еден млад Македонец од Канада купи 100 цедиња откако го виде видеото. Ете, тие луѓе за мене се светлата точка во мракот. А тоа може да биде секој.

Не треба да бегаме од одговорностите кои ги имаме на овој свет и да чекаме некој да дава и да ни го олеснува животот, а ние само да конзумираме и никогаш да не дадеме ништо. Дури има и луѓе кои се будат и заспиваат со тоа видео и го користат за да си ја регенерираат енергијата во оваа мрачна Македонија, но никогаш ниту го споделиле видеото на својот Фејсбук профил. Барем толку може да се направи, не чини ништо.

Ете, го гледаме јасно проблемот зошто сме никој и ништо во овој светот. Кога споделуваме само лоши нешта на Фејсбук, а се срамиме од добрите.
Твориш за личности кои ги замислуваш дека те слушаат додека им свириш со затворени очи. Значи создаваш посебни дела кои „припаѓаат“ со енергија и емоции на различни лица низ годините. Дали „Носталгична љубов“ те направи да се чувствуваш како да пакуваш 14 години љубов од својот живот, и колку беше лесно или тешко да ги ставиш сите љубови на куп?
Благој: Одговорот е едноставен. Стои на третата страна на малата книгa во ЦДто. Пишува овака:
“Оваа музика е инспирирана и напишана во моменти на копнеење, сонување, сакање и посакување. Посветена на вас, вие кои ги допревте жиците на моето срце. А вие самите знаете кои сте.“

Кога беше во Македонија, сонуваше да излезеш надвор за да си ја надоградиш душата со нешто ново, нешто поинакво. Сега кога си надвор, велиш „Настапите во Македонија ми се најдраги, и секогаш сакам кога се враќам дома“. Дали требаше да излезеш од својата грутка за да ја видиш болката од надвор, и дали заради тоа сакаш да бидеш нишката која ги поврзува македонската народна музика и светот?
Благој: Одговорот на ова прашање е доста комплексен. Мислам дека за ова би можел да зборувам цела ноќ. Најдобро читателот на ова интервју нека го пушти мојот албум “Nostalgic Love” и така слушајќи нека се задлабочи. Ќе најде многу одговори.

„Носталгична љубов 2“ во подготовка е веќе 3 години, но во моментов е во мирување. Што правиш кога ја немаш личноста за која интимно твориш со затворени очи пред целиот свет?
Благој: Има една чудна состојба кај вистинските уметници која не сум сигурен дали можам да ја опишам со зборови. Тоа е како една скривница во која јас влегувам кога имам потреба да кажам некому нешто преку музиката. Инспирацијата не доаѓа од моливот и хартијата. Не е возможно да се напише и отсвири искрено парче музика без влијание на искрени емоции и чувства.

Во периоди кога немам за кого да пишувам, дозволувам туѓа приказна да ме допре и да ме инспирира, благодарение на човечката емпатија која ми ја подарил Господ. Но пред сѐ, тоа е залудно ако јас незнам да свирам добро и убаво. Умешноста да знаеш да свириш добро и убаво е најважната алка од тој синџир на креација и изведба на една искрена мелодија.
