ИнтервјуаНие низ светот

Бобан Фелло Стоименовски: „Сакам да снимам долгометражен филм за македонската култура и историја, како промоција за Македонија“

Интервју со Бобан Фелло Стоименовски од Норвич, режисер на документарниот филм „Црквите во источна Македонија“

Везилка Магазин

Документарниот филм „Црквите во источна Македонија“ е дело на македонскиот режисер од Делчево Бобан Фелло Стоименовски, кој веќе 6 години живее и работи во Норвич, Англија.

Високото образование го завршил во Бугарија, но Бобан многу повеќе го влечела родната земја, заради што и се вратил назад и својата кариера ја започнал во Македонската Радио и Телевизија. Сепак, кога политичките игри стапиле на сцена, желбата за учење и творење не биле доволни причини за останување, па одбивајќи да се покори на системот и држејќи до своите принципи, решил повторно да ги спакува куферите и да се пресели во Норвич, Англија.

 

 

Сакајќи да остави едно сведоштво за своето постоење, кое истовремено ќе е и промоција за неговата родна земја, во август 2019 година Бобан го започнал снимањето на документарниот филм „Црквите во источна Македонија“, и истиот го завршил кон крајот на истата година, со што го исполнил аманетот даден на својот вујко, негов продуцент, кој во меѓувреме ненадејно починал.

Како интроверт кој, кога ја има камерата во рака, влегува во еден свој, поинаков свет, решил да започне креативно изразување преку фотографијата, па го создал својот бренд Fellography . Ако не го најдете како шета низ блиската шума или пие пиво во паб или парк, тогаш Бобан сигурно ќе го сретнете како фотографира некоја забава, настан или фестивал, или како ги заробува интимните моменти на своите клиенти во приватните фото сесии.

 

 

 

Бобан, ти заврши филмска и ТВ режија во Бугарија, но желбата за назад беше појака, па така се врати и започна со работа во МТВ, каде ги помина следните 4 години. Што те натера да го оставиш тоа што го сакаш и да заминеш во Норвич, Англија?

 

Да. По завршувањето на студиите, се вратив во Македонија и по некоја случајност се најдов во МТВ. Прво влегов како волонтер, по своја желба, да учам, но со текот на времето почнав да работам како режисер. Си ја сакав работата во МТВ и бев спремен, ако треба, и без пари да работам само да го работам тоа шо го сакам.

Имав прилика да работам со најголемите легенди во Македонија. Легенди зад камерите и легенди пред камерите. За мене  најголема чест и задоволство беше да работам на снимањето на Македонските народни приказни. Да се запознаам со целата екипа која стои зад нашите детски спомени.

 

 

Да бидам искрен пред себе и пред вас, ќе кажам дека единственото нешто што ме натера да заминам од Македонија е политиката и неправдите кои се случуваа околу мене.
Јас не сум човек кој би се продал на некој партиски директор и не би си згазнал на честа и достоинството само за да дојдам до функција.

И точно заради тоа, за да не станам политички пион во рацете на партиските моќници, решив да ја изгубам работата која ја сакав, но да си го задржам достоинството. Сега сум горд на себе што не сум од тие кои ги покажуваат со прст и велат „Еве овој го вработија од партија“.

 

 

Новата средина значи и нов живот, со нови убавини, но и предизвици. Со што не очекуваше дека ќе се судриш на почетокот, а сепак го доживеа?

 

Прв пат кога дојдов во Англија, се соочив со многу предизвици кои бргу ги совладав, но најмногу впечаток ми остави тоа што многу луѓе (имигранти) и покрај тоа што живеат тука по десетина години, сѐ уште не зборуваат англиски. Тоа ми беше многу чудно.
И  секако, најголем предизвик ми беше да се навикнам на англиската храна, која да бидам искрен, не е многу вкусна.

 

 

Во август 2019 година го започна снимањето на документарниот филм “Црквите во источна Македонија”, како се роди идејата за истиот?

 

Оваа идеја ја имам уште додека бев студент. Имав студентска работа да снимам документарен филм, и тогаш со мојот „продуцент“ – мојот вујко, кој прерано нѐ напушти од овој свет, решивме да ја снимаме црквата Св. Петка во село Селник.

За жал, во меѓувреме тој „замина во еден друг свет“ и јас се откажав од завршување на филмот. Но аманетот од него ми остана и длабоко во себе знаев дека еден ден ќе се вратам да го довршам започнатото со него, во негова чест.

 

 

Тогаш решив да ја проширам листата на цркви во Пијанечко-Малешевскиот крај и да ги снимам во еден документарен филм.
Еден ден Амбасадата на Македонија во Лондон, имаше отворен повик за проект за промоција на македонската култура. Решив да аплицирам со мој проект и на мое изненадување, проектот беше одобрен.

 

Со амбасадорката Александра Миовска

 

Која ти беше основната мисла и инспирација за филмот и што идеално би сакал да се постигне со истиот?

 

Основната инспирација ми беше да оставам нешто зад мене како придонес во промовирање на Делчево и на Пијанечко-малешевскиот регион во Македонија, но и во странство.

Сите прават некакви промоции, за туризам, за култура, но во реалноста, ние од тоа ништо не гледаме. Сѐ е на хартија, на некоја табла во некоја конференциска сала каде што се запишуваат идеите на учесниците на семинарите и на обуките, кои се организираат за таа цел. Затоа решив да направам нешто што е видливо, кое може да се види и ако имаш национално чувство и си ја сакаш својата татковина, ќе можеш и да го почувствуваш.

 

 

Приказните за црквите, раскажани од нараторите во овој документарен филм (на кои многу сум им благодарен), ти го топлат срцето и ти ја полнат душата со мир.
Сакам со овој документарен филм, луѓето во Македонија, посебно младите, да го запознаат Пијанечко-Малешевскиот регион, и да ја запознаат својата историја и тоа како нивните претци се бореле да ја зачуваат својата религија и својата татковина.

 

 

Во јануари оваа година документарниот филм ја имаше својата промоција во македонскатата амбасада во Лондон. Како тоа помина и дали пред или потоа се случи промоција и на други места?

 

Да, во Јануари го промовирав филмот во Македонската амбасада во Лондон. Имав планови да го презентирам и пред македонската заедница во Лондон, но поради состојбата со короната, тие планови се одложуваат за некои подобри времиња.

Инаку документарецот е достапен на Јутуб  па секој кој што сака да го види може да го најде и да го погледне.

 

 

Во Норич претежно работиш како фотограф и си личноста која стои позади Fellography. Дали тоа значи дека ти се промениле преференциите или едноставно фотографијата е таа која ти го овозможува саканиот живот и ти ја нуди потребната доза на креативност во моментов?

 

Па, не би рекол дека ми се смениле преференциите. И фотографијата е едно од нештата што сакам да ги работам и уживам во тоа. Инаку да, фотографијата ми овозможи да го живеат животот каков што го замислував кога дојдов во Норич.

 

 

Пред да се случи целата ситуација со корона пандемијата, имав можност да работам како фотограф на многу приватни забави, бев фотограф на многу диџеи, на концерти во Норич и запознав многу луѓе направив многу контакти. Се надевам дека сето ова ќе заврши побрзо и ќе се врати сѐ во нормала и пак ќе уживам во долгите ноќни забави.

 

 

Кога си најсвој?

 

Најсвој сум кога сум сам.

 

Дали преферираш да шеташ сам, или не одбиваш понудено друштво?

 

Зависи од целта на прошетката ? Ако сакам да ги наполнам батериите, да си го одморам мозокот и да долета некоја нова идеја, преферирам долги прошетки, претежно во блиската шума, бидејќи Норич е прекрасен град со многу урбани шуми, паркови и езера.

 

Но секогаш сум расположен за добро друштво и уживам во прошетките со убави луѓе. Уживам и во пиење пиво и иако повеќе го преферирам во паб, во моментов морам да се задоволам со некој парк, бидејќи пабовите веќе подолго време се затворени тука во Англија.

 

Денска или ноќна птица и кој ти е омилен начин за смирување мисли и балансирање на душа?

 

Ноќна. Дефинитивно. Мразам да спијам. Ако не мора да спијам, би бил буден 24/7.

 

 

Омилен начин за смирување и балансирање секако ми е медитацијата. Но, на мој начин. Уживам да си седнам, да си ставам една ракија (или виски) без вода, без мезе и да си размислувам длабоко во ноќта.

Тишината ме смирува и ме релаксира.

 

На што не преќутуваш?

 

Не можам да преќутам на неправди и на омаловажување на послабиот од страна на појакиот и тоа јавно пред луѓе, за да се направиш голем во нечии очи.

 

 

Откако излезе од Македонија, има ли нешто што го научи и почна да го практикуваш за прв пат?

 

Има да. Почнав да плаќам контактлест и со телефон. Кеш немам користено од јануари месец.

 

Романтичен, со цвеќе, отварање врати, придржување капут и слични гестови  или си по модерните начини на запознавање преку сајтови за запознанства и социјалните мрежи?

 

Дефинитивно сум за old school. По принцип јас сум џентлмен. Но само за тие што заслужуваат. Многу сакам да подарувам цвеќиња, без повод се разбира. Модерните запознавања не ми се омилени, зошто не знаеш кој седи пред компјутерот.

А и девојката треба да ја видиш во живо, да видиш какви атрибути има, зошто на слики сите може да изгледаме WOW.

 

 

Што заприметуваш на прв поглед, со оглед на тоа што како фотограф, имаш око за детали, и што е тоа што стартно може да те привлече или одбие?

 

Кај жените (ако ме прашуваш за нив) прво што забележувам се градите и усните. Па после каков карактер е.
А да, и маникирот ми е многу важен детал. Сакам девојки со средени нокти.

 

Позади каков документарен филм би сакал да застанеш следно?

 

Може ќе звучи старомодно, но би сакал да снимам долгометражен филм за македонската култура, историја за промоција на Македонија. Во целата своја убавина.

 

 

Кога би ти била понудена работа каква посакуваш, би се вратил ли во Македонија?

 

Во моментов, не.

Везилка Магазин