“Тој сега почувствува дека не е само близок до неа, туку дека не знае каде самиот завршува, а каде таа почнува”. (Лав Толстој – “Ана Каренина”)
Споени во едно – е еден од најчестите описи на силна емотивна поврзаност меѓу двајца луѓе. Љубовта меѓу две индивидуи е феномен кој тешко може да се долови вербално. Поети, писатели, научници и филозофи низ историјата давале свој придонес во описот на тој комлексен (со)однос на неврони и хормони, очекувања и разочарувања, давања и земања, празнина и исполнетост, разочарувања, возвишеност и среќа.
Во таа испреплетеност на личностите (како што Толстој во гореспоменатата книга го опишува чувството на Левин за Кити) се отвораат вечните прашања: до каде сум јас, а од каде е другиот? Кој сум јас, а кој другиот? Кои се моите потреби, а кои на другиот?
Колку блиску е доволно блиску?
Артур Шопенхауер ја илустрирал последнава дилема преку приказната за бодликавите прасиња. Група бодликави прасиња за да се стоплат во ладните зимски денови почнале да се приближуваат едни кон други. Но доближувајќи се, почнале да се боцкаат меѓусебно и болката ги натерала да се оддалечат повторно. Оддалечени, повторно чувствувале силна потреба за топлина што ги терала на приближување, кое повторно резултирало со болка од боцките на другиот при преголема близина. Секој нареден обид завршувал исто. Потребата за топлина и блискост останувала, но и потребата за одредена дистанца како самозаштита.
Приказната за шопенхауеровите прасиња ја користел Фројд во своите предавања на тема блискост. Кај Шопенхауер, приказната нема разрешница. Тежнеењето на бодликавите прасиња КОН и ОД се случува бесконечно. Елизабет Гилберт, авторката на книгата “Јади моли се и сакај” дава свој “среќен крај” на приказната со толкувањето дека кога некој ќе најде во себе доволно топлина, ќе биде способен да оддржува доволно дистанца во партнерскиот однос со другиот. Со дообјаснување дека тоа не би значело изолација. Тоа толкување бара и одговор на контра поставеното прашање: колку дистанца е доволно дистанца? Дали секој може да е самодоволен или е во право Платон, дека откако луѓето биле поделени на две (според грчката митологија првично биле со две лица, два пола, два пара екстремитети), секој ја бара својата половина низ светот?
Точно дека во многу релации постои потреба за компензација на она што ни недостасува и го бараме од другиот да го “пополни”. Но потребата за топлина е повеќе од таква потреба за компензација. Таа е потреба од другиот. Нашата биолошка природа е таква што ние сме упатени на комуникација и релација со другите луѓе, тоа е нашата социјална природа и секој обид за потврда без некаков сооднос и релација е просто невозможен. Кога кажуваме одредени карактеристики, секогаш ги опишуваме во некаква релација. На пр. добар – во однос на што? Убав – во однос на што? Мора да постои темнина за да опишеме светлоста, мора да постои омраза за да ја опишеме љубовта. Мора да постои другиот, за да постои и јас.
Премногу би било амбициозно да се става љубовта во некаква рамка или дефиниција, ниту некогаш човештвото дало одговор како, зашто и со колкав интензитет се врзуваме за одредена личност. Оттука, без претензии да се расветлуваат или објаснуваат емоциите, таа интима заслужува да биде личен триумф, пораз или трофеј во животот на една индивидуа. Но она за кое може да зборуваме во однос на блискоста е комуникацијата како алатка таа да се постигне.
Но комуникацијата е меч со две острици. Може да доведе до уште поголемо оддалечување на партнерите бидејќи моќта на зборовите е многу силна. Ако се користи какако алатка за напад, партнерот се турка во позиција на дефанзива. Ако се користи за подобро разбирање на потребите и очекувањата на другиот, размената на перспективите може да помогне партнерите да се разберат и со тоа зближат.
На пример, една од чести партнерски препирки е околу домашните обврски или заедничкото време за блискост. Еден начин на комуникација е ако партнерот каже со висок тон и телесен говор на напад: “мислиш само на својата работа, а не на мене” или “ми ги оставаш само на мене домашните обврски”. Прашање е дали при говор на напад,каналот за комуникација е отворен за меѓусебно разбирање или може да предизвика контра-реакција на одбрана (контра-напад, контра-обвинувања, оправдувања и сл.). Овој пример е ситуација кога едниот партнер има потреби кои мисли дека другиот не ги согледува. Има очекувања кои мисли дека другиот не ги исполнува. Односно ја гледа ситуацијата од своја перспектива.

Како би звучел еден разговор меѓу двајца партнери ако едниот истите погоре искажани очекувања и потреби ги каже поинаку, со искажување на личната перцепција, но со спремност да се чуе и онаа на другиот? На пример: “Имам потреба повеќе време да поминуваме заедно, а впечатокот ми е дека премалку време ни останува поради твоите работни обврски. Што може да наравиме околу тоа?” Или: “Како може да се организираме подобро околу домашните обврски за двајцата да бидеме задоволни”?
Некои улоги меѓу партнерите и препирки се толку рутинизирани што тешко може да се отвори канал на комуникација кој води кон разбирање, без посредник во вид на психолог или советник. Но, што сме повеќе подготвени за искрен и интроспекциски однос кон себе и своите потреби, толку ќе бидеме повеќе спремни за искрен, а со тоа и близок однос со партнерот.
Таа интроспекција може да почне со прашањето адресирано кон себе: што барам јас точно од партнерот и нашиот однос? Да се разголат пред себе интимните очекувања и потреби за да може тие да се искомуницираат со партнерот. Многумина не се подготвени на такво разголување пред себе си и ги формулираат своите потреби така што ќе ги стават или во туѓа уста или во рамки на општествени норми, правила. Но што повеќе во прво лице еднина се претставуваат потребите, толку е поголема можноста тие да бидат правилно адресирани. Токму ако дадеме легитимитет на сопствените потреби, ќе имаме капацитет да ги валидираме и потребите на другиот. Се разбира, ако каналот на комуникација е отворен со меѓусебно разбирање и приближување како цел.
Оддалечувањето од сопствената перспектива и обид да се види и разбере онаа на другиот е важно не само за градење на партнерските односи, туку и за подобро вклопување во социјалниот свет каде моето, личното, егото, тешко може да постигнат предоминација. Светот ниту е само онаков каков што ние го гледаме, ниту може да се моделира според нашата замисла.
Напротив, искуствата од релациите со другите нас не моделираат. Придобивката од таа трансформација не е да се изгубиме себе си, туку при таа промена да се пронајдеме. Да останеме автентични, а со чувство на припадност кон другите. Тоа менување да биде нашиот личен развој. Да ја одредиме својата граница до каде ни треба топлина, а од каде ќе не боцка односот со саканиот. И да ја разбереме позицијата на другиот во истата смисла.
Карл Јунг го опишал односот меѓу две индивидуи како контакт на две хемиски супстанци. Ако има било каква реакција, двете се менуваат. Во тоа е и убавината.
Ида Протугер Вељковиќ е психолог, сертифициран тренер за личен развој, сертифициран системски бизнис коуч и колумнист, и живее и работи во Виена.
Овој текст е личен став на авторот и не ги изразува ставовите на Везилка Магазин