ИнтервјуаНие низ светот

Бојан Грбиќ – „Фотографијата ме спаси, ми ја исполни душата и ми стана средство за изразување“

Интервју со Бојан Грбиќ, агент за имиграција од Сан Франциско

Везилка Магазин

Роден во Скопје, лектор по македонски јазик кој ја создаде и води истоимената Фејсбук страна , вљубеник во македонското, патувањата и својата сопруга, Бојан Грбиќ преку фотографијата и својот GuruShots профил започнал да ја раскажува својата американска приказна точно тогаш кога тоа му било најпотребно.

Отворен, искрен и приземјен, Бојан веќе неколку години им помага на луѓето кои сакаат да мигрираат во Америка и низ светот како советник за имиграција, а преку фотографското „заробување“ на секојдевните моменти и чувства, си ја храни душата со она што го спаси – креативноста.

 

Секој од различна причина ја напушта Македонија, но твојата е меѓу најблагородните – Љубов. Како се запозна со сопругата Catherine?

 

– Не планирав тогаш воопшто да ја напуштам Македонија, ниту, пак, некогаш можеш да планираш да се заљубиш. Мене и двете работи ми се случија сосема неочекувано. Доколку би имал можност да изберам овие две работи да ми се случат од почеток, би избрал тоа да биде баш така како што мене ми се случија и двете со Кетрин.

 

Со Кетрин во Tulum, Mexico – приватна архива

 

Кетрин дојде во мојот живот сосема ненадејно и непланирано. Краткиот одговор е дека се запознавме на аеродромот во Скопје, а долгиот е дека на тоа му претходеше еден подолг период на комуникација  со заеднички пријатели на „фејсбук“. Од нив дознав дека Кетрин ќе патува за Македонија. Морам да кажам дека, за време на нашата комуникација, многу се импресионирав од нејзиното познавање на македонскиот јазик. Тоа апсолутно ми го привлече вниманието. Сакав да дознаам нешто повеќе за нејзе.

По долги разговори, од љубезност се понудив за превоз од аеродром до Скопје, затоа што нејзиното пристигнување во Скопје беше доцна навечер.  Планот беше потоа таа да си продолжи кон Охрид на летување, каде што живеат нашите заеднички пријатели. Условот беше Кетрин да остане во Скопје барем еден ден за да се запознаеме подобро пред да замине за Охрид. Кетрин остана 2 дена во Скопје, а од тогаш никогаш не престанавме да контактираме. Еве, денес сме веќе 9 години во брак. Уште го сркаме медот.

 

Crackers, Cheese & Wine – извор: GuruShots профил на Бојан

 

Кое место најмногу те врзува со Кети и ти буди емоции?

 

– Дефинитивно, скопското Кале (на зајдисонце), затоа што првиот бакнеж се случи таму, а во срце и на двајцата ни е црквата Св. Јован Канео во Охрид, затоа таму ја запросив Кетрин за сопруга. Исто на зајдисонце.

Добро го избрав Јован Канео како место за запросување, затоа што Кетрин порасна во Охрид заедно со нејзините родители, браќа и сестри. Охрид ни значи многу и на двајцата.

 

На Св. Јован Канео со Кетрин – приватна архива

 

Дали и пред запознавањето со сопругата, размислуваше за заминување од Македонија?

 

– Да, меѓутоа планирав повеќе да се сконцентрирам околу мојата иднина во Македонија на долгорочен план, бидејќи вложив многу во Македонија. Секако, Македонија е мал кафез, а јас себеси се сметам за граѓанин на светот. Мојата врата беше секогаш подотворена за други можности. Да не беше така, универзумот немаше да ме донесе таму каде што сум сега.

Во периодот по завршувањето на моите студии на Филолошкиот факултет во Скопје, заминав на студиски престој во Загреб, Хрватска. Добив едносеместрална стипендија за изучување на хрватскиот јазик од хрватското Министерство за образование и наука, и по завршувањето на престојот решив да се вратам дома. Едноставно сакав да се обидам да создадам нешто дома.

 

Hearst Castle, San Simeon, California – приватна архива

 

По моето враќање од Хрватска, ги положив испитите за лектор по македонски јазик и овластен судски преведувач по англиски јазик, и така почнав свој бизнис. Многу убаво ми тргна. Се занимавав со преводи од англиски на македонски јазик и обратно, но и со лекторирање. Во тоа време ја запознав и Кети и почнавме да соработуваме заедно. Таа многу ми помогна околу развивањето на бизнисот, а посебно со преводите. Живеевме заедно 2 и пол години во Скопје пред да се решиме да се доселиме во Калифорнија.

Калифорнија е сега мојот дом, а Македонија е неизбришлив дел од мојот идентитет. Луѓето никогаш не треба да се срамат од каде доаѓаат. Напротив, секогаш сум бил горд да кажам дека доаѓам од Македонија.

 

@San Diego”s Old Town Cigar Shop – извор: GuruShots профил на Бојан

 

Што најмногу ти сметаше во Скопје, и успеа да го елиминираш во Сан Франциско?

 

– Скопје не е единствениот град во кој сум ги видел овие работи што ќе ги набројам, но растејќи во него најмногу до израз ми дојдоа стереотипите за работи што луѓето не ги разбираат или немаат трпение кон нив, како и интересот на луѓето кон животите на другите луѓе околу нив.

Мислам дека не помага тоа што сме конзервативно општество, како и тоа дека имаме стереотипи за луѓе поинакви од нас, за луѓе што слушаат поинаква музика, што изгледаат поинакво, што живеат поинаков животен стил, со повеќе тетоважи за разлика од некој друг или луѓе со многу помала среќа во животот за разлика од некои други.

 

Reading [in] Tears… – извор GuruShots профил на Бојан

Овие работи беа такви барем додека јас живеев во Скопје, но свесен сум дека македонското општество созрева и се подотвора во таа смисла многу повеќе за разлика од порано.

Во Калифорнија, сите овие работи се неважни. Не ти судат по изгледот или по тоа колку тетоважи имаш. Личната слобода, во таа смисла, таму е поголема, а притисокот за такви општествени работи скоро и да не постои. Калифорнија е една од најлибералните сојузни држави во САД.

Има место за секакви под тоа небо. Внатрешната убавина и интелектот се непроценливи, а надворешната школка е пројдовна. Луѓето треба да се сконцентрираат на развивање и негување на нивните трајни вредности.

 

Flower yellow background – извор GuruShots профил на Бојан

 

Што се најголемите разлики и сличности на животот во САД и Македонија?

 

– Добро прашање. Ќе почнам со различностите, иако ги има многу и ќе се обидам да напоменам неколку. Оние најочигледните. Порциите храна се многу поголеми во САД за разлика од Македонија. Не можеш да дојадеш.

Автомобилите се многу поголеми, но исто така и патиштата и автопатите. Морам да кажам дека просечно американско семејство знае да поседува најмалку два автомобила, ако не и повеќе. Стандардот е поинаков, да не речам многу повисок од македонскиот, но и трошоците во Калифорнија се многу повисоки.

Трендот на миграција од САД кон други држави е помал за разлика од Македонија. Нашите имаат поголем интерес да се иселат во странство за разлика од просечниот Американец. Да не ме сфатите погрешно, не тече мед и млеко ни во САД и има доста Американци што се селат во други држави за поудобен живот. Секако дека миграцијата не е ексклузивна категорија, таа важи за сите народи во светот.

 

The falafel place – извор GuruShots профил на Бојан

 

За сличности, тешко е да се каже. Македонскиот и американскиот народ се генерално гостопримливи луѓе, барем по мое лично искуство, и имаат слична историја. Како што американскиот народ се борел за независност од Британската Круна, така и македонскиот се борел за слобода од Отоманската Империја. Американците знаат колку им се свети слободата и независноста, истото важи и за нас. Тука можат да се најдат сличности. Историјата е многу важна за да се изучуваат искуствата и грешките од минатото.

 

Фотографијата е твоето хоби, за кое имаш и исклучителен талент. Кога го почувствува поривот да започнеш?

 

– Поривот почна кога ѝ подарив камера „никон” на Кетрин. Таа обожава фотографирање храна и мртва природа. Јас воопшто не бев заинтересиран за фотографија, се` додека не почнав и јас да си „играм“ со камерата.

Тогаш поминував низ доста предизвикувачки период од мојот живот. Немав време за апсолутно ништо освен работа. Човекот е создаден да создава и да биде креатив ен. Јас воопшто не бев креативен во тој период, поради обврските што ми го одземаа поголемиот дел од денот.

 

Tomatoes | Still life – извор GuruShots профил на Бојан

 

Фотографијата буквално ме спаси. Ми ја исполни душата, а со тоа и конечно најдов начин за поинаку да се изразам. За тоа како јас го гледам светот. Оттогаш, вложив повеќе време и средства во фотографија. Никогаш нема да престанам да фотографирам. Фотографијата е неисцрпна. Да ги изразиш твоите чувства или светогледи преку вакво хоби е просветлувачки и неверојатно задоволувачки.

Фотографијата ме направи повторно среќен.

 

Уживате во патувањата со сопругата. Што прво проверуваш кога ќе стигнеш во непознато место?

 

– Дефинитивно историја и храна. Без многу размислување. Сакаме да патуваме генерално насекаде и не дискриминираме, но веќе имаме омилени дестинации и земји што многу би сакале да ги посетиме во иднина.

Една од поомилените дестинации ни е Мексико. Мексико ги исполнува и двата критериума, а има да понуди и многу повеќе од тоа. Мексиканската кујна ни е една од поомилените. Исто така, го поминавме нашиот меден месец во Мексико, а минатата година си ги прославивме родендените во Мексико Сити (и двајцата сме родени во октомври).  Сигурно ќе се вратиме назад.

 

Со Кетрин во Chichen Itza, Mexico – приватна архива

 

Работиш како советник за имиграција. Колку беше лесно да се стигне до таа позиција и квалификации во Америка?

 

– Не знам дали воопшто има нешто лесно во животот, посебно не доколку си имигрант во странство и кога треба да се приспособиш и научиш многу нови работи од бизнис-културата во странска држава. Јас работам за една од пореномираните компании за имиграциски услуги во САД и светот.

Поконкретно, се фокусирам на глобалната корпоративна имиграција. Им овозможуваме консултантски услуги на нашите клиенти за мобилизација на нивните работници за трансфер од една држава во друга. Нивните работодавци се обично спонзори и ги ангажираат во државите каде имаат свои преставништва, но и таму каде што се барани од нивни клиенти. Работиме со странски конзулати и амбасади базирани во САД и целиот свет, но и со државни агенции за обезбедување работни дозволи и бизнис-визи за цел свет.

 

Opera House Sydney – извор GuruShots профил на Бојан

 

Можеби имав и малку среќа, но отсекогаш сум имал интерес за глобалната имиграција, странските јазици и изучување разлики во културолошките елементи на народите во светот. Ми се чини имиграцијата ги покрива сите тие аспекти, а тука јас ја искористив таа шанса да научам повеќе за таа индустрија.

Мојата експертиза покрива добивање бизнис-визи за која било држава во светот и работни дозволи конкретно во земји од Азија и Пацификот [APAC]. Работата е доста динамична и работиме со реномирани клиенти не само од Америка, туку и целиот свет.

 

Која е најважната човечка особина, според тебе и зошто?

 

– Секој различно би одговорил на ова прашање и за секого некоја човечка особина е многу поважна од друга. Ги има многу, но за мене скромноста е многу важна особина. Зошто? Скромните луѓе се секогаш во хармонија со „помалку“ отколку со „повеќе“, мали работи што ги прават луѓето среќни наместо големи, духовното наместо материјалното…

 

Golden Breasted Starling, unposed and colorful – извор GuruShots профил на Бојан

 

Да не бидам погрешно сфатен, сосема е нормално да бидеш скромен и притоа да поседуваш материјални добра што тебе те прават среќен, но како го артикулираш материјалното во овој свет може многу лесно да ги дефинира твојот карактер и твоите приоритети. За жал, живееме во свет каде што материјалните добра добиваат повисок статус во секојдневниот живот наместо духовноста, скромноста и поврзаноста со универзумот.

Бидете скромни, бидете мед, и универзумот ќе се врти околу вас, а не вие околу него.

 

Ти си лектор по македонски јазик. Колку си активен на тоа поле во моментов, и дали ти недостига професионалниот допир со нашиот јазик?

 

– Мојот директен ангажман како лектор по македонски јазик тука во САД не е ист каков што беше кога живеев и работев во Македонија. Откако се преселив во Калифорнија, таа професија мораше да се замени со друга. Не ми беше лесно или сеедно да го направам тоа, но едноставно животот ви носи други предизвици и ве носи на поинакви патеки.

 

Earth Tone Squirrel – извор GuruShots профил на Бојан

 

Го сакав тоа што го работев во Македонија, но беше дојдено време за нешто сосема поинакво. Секако, мојата страст кон мојата професија никогаш не престана. Јас сум автор и администратор на фејсбук-страницата Лектор по македонски јазик, преку која објавувам образовни содржини за правописот, за историјата на македонскиот јазик, како и практични примери на правилна или погрешна употреба на правописни правила, итн. Содржините се главно сериозни, но има и по малку сатира.

Групата има повеќе од 5.000 следбеници. Тој голем чекор го направив пред еден месец. Многу сум задоволен од успехот што го постигна до сега и мило ми е што самата страница има образовен и благороден карактер.

 

Бојан Грбиќ – приватна архива

 

Најубавото чувство е тоа што имам свој придонес кон татковината. Никогаш не ми било сеедно за Македонија. Ќе продолжиме да работиме и понатаму.

 

 

Везилка Магазин