Сакам да ви раскажам една приказна која ја слушнав неодамна и ми остави силен впечаток. Се вика “Алегорија за долгите лажици”.
Приказната е многупати раскажана на различни начини, но поуката е иста.
Јас ќе ви ја раскажам, како јас ја доживувам…
Некој човек сакал да ги види рајот и пеколот, па отишол кај Господ, со молба да му ги покаже. Господ се согласил и го повел човекот по еден ходник. Во ходникот имало две врати една до друга. Господ ја отворил едната врата и тие влегле во првата просторија. Во неа, човекот видел една кружна маса, на која биле послужени највкусните јадења. Храна имало во изобилство. Но, од сликата на богатата трпеза го сепнал изгледот на луѓето кои седеле околу трпезата.
Глетката била ужасна. Тие изгледале болно и изобличено, биле слаби и јаделе незадоволно. На човекот не му било јасно што се случува. Како е можно луѓето да се гладни и изнемоштени, покрај толку изобилна, разновидна храна. Кога малку подобро се загледал видел дека на секој човек рацете му се врзани за една лажица со мнооогу долга дршка, која никако не можел да ја доведе до својата уста. Колку и да се обидувале, храната паѓала настрана. Секој од нив со долгата лажица, им попречувал на другите во мачните обиди да каснат нешто од вкусната храна. Гладен, исфрустриран и гневен, како секој од нив да си мислел- Чим јас не можам да јадам, богами и ти нема да јадеш!
На човекот му паднало многу тешко од глетката, па кажал дека му е доста. Излегле од просторијата и Господ му рекол – Сега го виде пеколот.
Потоа ја отвориле соседната врата и влегле во иста таква просторија. На средината од просторијата имало иста кружна маса, послужена со истите деликатеси. Едноставно немало што нема. Луѓето биле весели, со румени лица, изгледале здраво и задоволно. Човекот веднаш го насочил погледот кон нивните раце. Бил вчудоневиден. И овие луѓе на рацете имале врзано иста таква необична лажица со необично долга дршка. Но, тука луѓето спокојно јаделе и тивко и весело си разговарале. Секој со својата долга лажица внимателно го хранел тој спроти него со највкусната храна, а тој пак исто толку грижливо нему му го давал најубавото.
Човекот бил обземен од радост. Кога излегле од просторијата, Господ му рекол – Сега го виде рајот.
Оваа приказна е раскажана од различни религии, но нејзината поука не допира само во задгробниот живот. Оваа приказна во фокус го става интерперсоналниот однос и има социјална димензија. Ги отсликува рајот и пеколот кои самите си ги создаваме, тука, во ова земно искуство.
Истите услови, и великодушни и фрустрирачки, како брак меѓу рајот и пеколот. Но, одговорот на луѓето на тие услови, ги отсликува поларностите, токму пекол или токму рај и ни укажува на личната и колективната одговорност.
Тој што има завист во себе, ја гледа зависта кај другите. Алчниот, ја гледа, туѓата алчност, па стравува да не нема доволно за него. Тој што се служи со измама е убеден дека на другите не може да им се верува. Тој што е грижлив, ја забележува грижата кај другите, па го отвара своето срце за да даде. Љуби и добива љубов, верува и му веруваат.
Не можеш кај другиот да го видиш, тоа што го немаш во себе. Или кај другиот ќе го видиш само тоа што во себе си го носиш, било добро или лошо,…, рајот или пеколот во душата.
д-р. Сања Катушевска Вангелски е психијатар со клиничко искуство во областа на адиктологија, како и групна и индивидуална работа со ранливи групи. Таа работи како гешталт психотерапевт во едукација и пишува текстови од областа на ментално здравје и личен раст и развој. Посетувала и едукација од семејна и системска психотерапија. Живее во Берлин.