ЛичноСексологија

Будење на копнежот

Ленка Везилка за сексот, бракот, партнерството и предрасудите

Везилка Магазин

Како би можеле денес, од еден друг аспект, да ја интерпретираме оваа антологиска песна?

Везилка пати што љубовта ѝ заминала. А, каде е таа љубов замината? Дали Везилка тагува за заминатата љубов во ракавот за белата невестинска рака кога „си ја кажа судбината своја“?

Мажественост и женственост на една долго заплетена врска. Ракави си везат, кошули си плетат. Нераскинливи се! Полека, минува тој „копнеж и светол и стрвен“, а настапува другиот што „буди морничави таги“…

Е сега, во 21-ви век и да не претеруваме до толку со морничавите таги, туку едноставно да кажеме дека овој копнеж се губи или по долгото навикнување еден на друг или поради изговорот дека деца ни се родиле, па немаме ниту каде, ниту како, или одеднаш сме сфатиле дека го посакуваме спротивниот или еднаквиот пол…

Можеме да речеме дека се загубиле можеби помеѓу патиштата и сега на Везилка дните ѝ минат, прокоби ја гласат, споменот што ѝ блескал ѝ се гаси како цвеќе без боја и така натаму, и така натаму… Некој „лови звук на чудна песна“… а две бои горат и капат за обајцата.

 

Оној страв од јаркоста што најмил спомен може да згаси, како ли да се победи, како ли да продолжи да шари онаа црна и црвена везба на синото платно?

 

Естер Перел е белгиски психотерапевт кој во човековите партнерски врски ја истражува тензијата помеѓу потребата од безбедност (љубов, припадност и близина) и потребата од слобода (еротски копнеж, авантура и далечина).

Во еднo од нејзините фамозни ТЕД излагања таа ги истакнува прашањата: „Зошто добриот секс избледува дури и кај паровите чија љубов не избледува со текот на времето? И зошто блискоста и интимноста не гарантираат добар секс, спротивно од традиционалните верувања? И, дали можеме да го посакуваме тоа што веќе го имаме?“.

Е сега да се запрашаме, каде е тој копнеж?

Многу често, да не речам секогаш, одговорот на ова прашање е: „Не можеш да очекуваш дека после толку време заедно сѐ уште ќе гориш од страст и сѐ уште ќе сакаш да водиш љубов со истата желба како на почеток“. Нема промашување во овој одговор. И дури никогаш не се ни запрашуваме зошто е тоа така, туку вообичаено си го даваме одговорот, да не речам утехата, дека тоа е едноставно така, дека тоа е непобитен факт кој се случува поради секојдневието, обврските и какви ли уште сѐ не изговори.

Уште сега можам да ви речам: Тоа е лага! Чиста лага! Скудни оправдувања на гладните души што горат од желба за нови авантури или ја изгубиле желбата за било каква нова авантура. Марсел Пруст, како што споменува Перел во долунаведеното видео, вели дека „мистеријата не е патување на некои нови места, туку гледање со нови очи!“.

Како да го пронајдеме оној афродизијак кој ќе ја разгори нашата желба кон истиот партнер со кого ја делиме љубовта, грижата, безбедноста, комфорноста, припадноста, близината и сл. и да го претвориме сето тоа во еротски копнеж, желба, страст, авантура?

Тоа е прашањето на кое ретко кој успева да го даде одговорот или да го продлабочи. Понекогаш истиот е премолчен, затоа што посакувањето на нешто поразлично од традиционалното е табу тема, посебно за балканските мажи и жени. Односно, се извинувам, мажите се здобиени со тоа право по традиционален декрет: „Ќерко, кога сакаш некого, најдобриот совет што можам да ти го дадам е далеку од очи, далеку од уши!“ What?

Ок, одличен совет, но што е со нашето Јас? Тоа ли треба да го одржува балансот во партнерството додека се гаснат сопствените желби и скриени страсти? Што кога тоа „далеку од очи и далеку од уши“ ќе допре до нашите очи и до нашите уши?

Зар не треба денес да почнеме да размислуваме поинаку, да почнеме заеднички да ја градиме и разгоруваме онаа страст што некогаш била и да престанеме да веруваме во повторувачката реченица дека тоа е нормално после толку години…? Нормално? Што е факинг нормално кога сѐ во овој свет е тотално ненормално.

Зар сè уште ќе се придржуваме кон традиционалните принципи и правила за тоа како треба да изгледа една партнерска врска? Боже сачувај, би рекла. Зар ќе се согласиме дека животот ќе го поминеме ширејќи нозе поради обврска кон мажот, иако желбата ни е одамна згасната или обратно, да водиме љубов со жената на која страста и копнежот ѝ се во некоја друга мозочна ќелија каде отсутноста е далеку поприсутна? Или да гориме од копнеж додека тој или таа гледа како секоја еротска желба да згаснала помеѓу нив?

„Сите проблеми се решаваат во кревет“. И тоа е еден друг израз на кој сме научени, но сепак, дали сме го сфатиле правилно? За кои проблеми зборуваме? За партнерските? За неверството? За работата што нѐ измачува или децата што нѐ загрижуваат? Кои проблеми се решаваат во кревет?

Единствениот одговор, за кој можеби по традиција не помислуваме, е дека можеби самиот проблем е всушност и самото решение на истиот. И не мора да е во кревет, може да е во кујна, на шанк, на хауба, потпрен на дрво во некоја шума или парк, на машина за перење алишта додека дрма на центрифуга или каде и да е.

Љубовта е кон самиот чин во сексот, во будењето на копнежот од дремката или длабокиот сон во кој е оставен само да сонува или уште полошо, воопшто да не сонува.

Време е полека да го разбудиме копнежот, на ваков или онаков начин, бидејќи како што вели Перел: „Кризата на желбата честопати е криза на имагинацијата“.

Во следната епизода на Ленка Везилка ќе го продолжиме разговорот, а во меѓувреме би можеле да го погледнете ова видео кое можеби ќе ни даде некаков одговор на некои од наведените прашања.

 

 

Со љубов,

Ленка

 

 

 

lenka@vezilkamagazine.com

Везилка Магазин

2 коментари

    • Микаел,

      Ти благодарам најмногу за убавите зборови. Се надевам со исто уживање ќе ги читаш и следните текстови!

      До тогаш, ти посакувам многу љубов и секс ?

      Ленка х

Comments are closed.