ИнтервјуаПретставуваме

Васил Гарванлиев: Имаме елегантен, но истовремено и многу сложен настап

Интервју со македонскиот претставник на овогодинешната Евровизија

Везилка Магазин

Во пресрет на утрешниот настап на Евровизија во Ротердам, го уловивме на кратко нашиот претставник Васил Гарванлиев, па му поставивме неколку прашања околу неговата емотивна состојба во моментов, пробите и условите под кои функционираат. Му благодариме најмногу и за фотографиите што ни ги испрати од лице место!

 

Васил, здраво! Прво морам да прашам како се чувствуваш, на ден пред настап?

 

Зависи од кој дел на денот хехе – имам бранови на емоции и само ги поздравувам и им викам “Фала ви, знам дека сте овде, ама оставете ме на раат”.

 

Втора шанса за личен настап на Евровизија, овој пат во живо и физички таму. Ти си веројатно единствениот човек кој моментално може да направи разлика помеѓу последните тригодишни претставувања. До каде сме со “нормалното”?

 

Евровизија годинава е првиот голем тест (до сега многу успешен) кој потврдува дека постои надеж за музичката индустрија и дека одиме чекор напред со настаните и концертите. Многу ми е мило што успеав да имам “нормална” Евровизија во 2019, бев скршен што 2020 се откажа, а уште погорд што 2021 ќе биде едно уникатно незаборавно шоу до сега.

 

Како помина првата проба и кој ти беше најголемиот страв кога застана на сцената?

 

Имаме многу елегантен настап кој навидум може изгледа едноставен, но е истовремено и многу сложен, со прецизни потези на специфични моменти. Главен фокус е да останам мирен, оставам сѐ на страна за да ја раскажам нашата приказна на најдобар можен начин.

 

Огледало на градите, за да ги одбиеш нападите и да возвратиш со љубов – зошто баш сега дојде времето на вистината?

 

Јас цело време ја живеам гордо мојата вистина, но по сѐ што се случи последните неколку месеци, сфатив дека сега имам многу поголема одговорност и дека можам преку мојот глас да испратам јасна порака дека со искрена љубов и само вистина можеме да допреме и да направиме било каква промена. Ретко кој денес ја имаа таа храброст и тој луксуз во музичката индустрија.

 

Се дружите ли во Ротердам? Какви се протоколите за забави?

 

Се дружиме на дистанца од 1.5м. Уште кога слетавме, прво имавме средба со шефот за безбедност каде ни беа презентирани сите протоколи и мерки кои треба строго да се почитуваат од страна на сите делегации. Се тестираме на секои 48ч, цело време носиме маски (освен кога сме надвор) и дозволено е само пешачење или спортување на отворено.

Оваа година забави нема, и фамозниот тиркизен тепих ќе се одржи по специјален протокол.

 

Сигурна сум дека целиот овој период адреналинот ти е на максимум. Како се смируваш и остануваш фокусиран на моментот?

 

Трчам секој ден и вежбам на отворено. Медитирам и вежбам јога. Ми помага моето искуство и дисциплината од опера, едноставно знам како да се исклучам и да се фокусирам само на настапот.

 

Со среќа Васил, ти посакуваме многу љубов и радост во срцето, нека се слушне гласот твој насекаде!

Везилка Магазин