ИнтервјуаНие низ светот

Виктор Ангелов: „Обожавам да сум во Штип кога се одмарам од светот“

Интервју со виолинистот Виктор Ангелов

Везилка Магазин

Преку престижната Виена до светските метрополи, виолината го однесе штипјанецот Виктор Ангелов на сите познати улици. За некои сон да се свири на Новогодишниот концерт во австриската престолнина, за него – само отскочна даска да си го оствари сонот. Енергичниот штипјанец за Везилка зборува за неговите планови, најголемите успеси, неговиот пат до светот и како успева да ја натера да танцува целата земјина топка.

 

Од Македонија, преку Виена, Рим, Истанбул…каде се наоѓа Виктор во моментот?

 

– Листата на сите места низ кои сум прошол и ме донеле овде е долг и возбудлив хаха

Моментално сум во Швајцарија и можам да ви кажам дека е посебна и ми се допаѓа.

 

Како штипскиот виолинист стигна до престижната Виена?

 

–  Првиот чекор, се разбира, беше афинитетот кон инструментот и континуираната работа.

Подоцна имав можност да се запишам во специјалната школа за гудачи во Чуприја, Србија и од таму со поставената техника и подготвеност беше лесно да се запишеш во било кој конзерваториум. Но јас одлучив да се вратам во мојата татковина и да продолжам да се развивам таму, помеѓу своите.

За среќа (тогаш не толку среќен период), непосредно по запишувањето на музичката академија, доживеав огромно незадоволство од самиот систем на нашето образование, почнувајки од професорот па завршувајќи до сите можности што ги немаме, а мора да ги имаме како професионални музичари.

 

 

Во една таква состојба одлучив да конкурирам во познатиот “Моцартеум” во Салзбург, каде ме примија со целосна стипендија. Од таму Виена беше само еден чекор пред мене. И лесно се “најдовме” ?

 

Новогодишниот концерт во Виена за многумина во светот е особено задоволство да се следи. За многу уметници верувам неостварен сон да учествуваат. Како ти го доживеа?

 

– Секако дека беше голема чест да се настапува и да се биде дел од нешто толку величествено, најпрво за мене, па за сите мои ментори и се разбира моето семејство. Сепак, настап во златната сала, како што ја знаеме, има многу магичен дух и е сон и задоволство за секој музичар.

 

Им исполни желба и на твоите родители да присуствуваат на еден од концертите. Како се случи изненадувањето?

 

– Кога споделив со нив дека оркестарот во кој свирев во тој момент ќе настапи во “Musikverein” салата која ја гледавме на телевизија без исклучок секој прв ден во годината, беа избезумени од радост. Можете да замислите како се чувствуваа кога им кажав дека и тие ќе присуствуваат на еден од концертите…

 

 

 

Што те натера да заминеш од таму?

 

– Првиот настап со еден од оркестрите на “Electric love”. Фестивал што се одржува во Салзбург, ме натера низ сосема нова призма да ги видам можностите на она што можам да правам со инструментот надвор од рамките на тоа што до тогаш го знаев. Некако спонтано, чекор по чекор, ја напуштив класичната музика и музицирањето (што е единствениот начин, темел за да се развие вештина на кој било инструмент) и се преориентирав кон популарните песни и импровизации, трудејќи се да дадам нешто свое, препознатливо.

 

 

 

Убавата енергија и играта со гудалото расположуваат илјадници туристи кои споделуваат твои видеа насекаде. Како ја создаваш уличната магија?

 

– Местата каде што свирам се најчесто туристички атракции и има “река” од луѓе што поминува. Луѓе од цел свет, од различни култури, националности. Тешко е да се остане имун на толкав наплив на енергија, па магијата ја правиме взаемно. И секогаш е уникатно, непредвидливо и различно искуство.

 

Постојат ли правила? Може ли убаво да се заработи?

 

– Секако, да. Постојат правила. Најчесто зависат од временската прогноза, хахаха

Потоа од правилата на градот во кој настапувам. И секако овде се колегите со кои ја делиме истата дејност, некои од нив извонредни музичари, со кои често соработуваме и се договараме за терминот кој го преферираме во денот. Заработката е секогаш неизвесна, ама задоволството кај слушателот е секогаш тука.

 

 

 

Каде ти било најубаво?

 

– Можеби е клише одговор, ама невозможно е да се издвои еден единствен настан каде што ми било најубаво. Сите носат посебна емоција и сеќавања врзани за нив, што ми значат и ме дефинираат како личност. Ако морам да издвојам еден би рекол дека мојот прв солистички концерт беше исполнување на сон, кој се надевам дека ќе продолжам да го живеам…

 

 

Направи бројни изведби со познати уметници. Кажи ни како се случуваат соработките? Која ти е најдрага?

 

– Денес преку социјалните медиуми лесно се спознаваат профили со исти интереси, па и да се дојде во контакт е лесно. Daddy Yankee го видел моето видео на 9gag кога ја прогласи преработката за “Despasito” за најдобра во свет. Бројни DJ-и ме контактирале за да отсвирам нешто што замислиле во нивниот сет.

 

 

Си бил почесен гостин на многу венчавки, свечени моменти, запросувања…која случка ја паметиш како најинтересна, најнеобична?

 

– Свирев на свадба кај еден мој многу драг пријател, но по пат додека да стигнам на свадбата колата ми се расипа. И така возев 500 километри во 2ра брзина само да успеам да стигнам на време за да му направам чест. На крај пристигнав на време и се` беше под контрола. Само толку бев исцрнет, што не знаев дали сум виолинист или автомеханичар. Тоа е случка што ќе ја паметам додека сум жив.

 

 

 

Како го градиш својот микросвет низ различни метрополи? Тешко ли е да се вклопиш во начинот на живот, правилата, храната…?Тешко ли е да се биде „музички номад“?

 

– На моменти станувам носталгичен, затоа што сепак луѓето што ги сакам и ми се драги се далеку, храната секако е највкусна дома. Но има и предности овој номадски живот ?

Постои една непредвидливост, возбуда, авантура што мене како личност ми годи и ми е суштинска за да сум среќен, така што… компензирам, а до кога не се знае.

 

 

Која е следна дестинација? Имаш ли неостварен сон?

 

– Се пронаоѓам некако во системот на Швајцарија, во моментов, нема гаранција до кога, хаха. Ако успеам да имам концерти преку ова што го правам ќе речам дека сонот ми е исполнет (на професионално поле)

 

Ја одржуваш ли врската со Штип?

 

– Врската со Штип е нераскинлива  и тоа никогаш нема да се смени. Обожавам да сум таму кога се одмарам од светот.

 

Везилка Магазин