Интервјуа

Вистината е таму каде што се крие тајната

Интервју со Васил Гарванлиев - 2020 Евровизиски претставник

Везилка Магазин

 

Од Марионка до You – патот нималку лесен, ама многу интересен, и верувам полн и уживања и предизвици. 24 години од твојот живот помина на релација надвор – во Македонија.  Како се движеа твоите преселби, и зошто се решивте да заминете со родителите во 96та година?

 

Искрено, до 2003 јас бев во рацете на фамилијата. Сите одлуки беа донесени од нив. За мене се беше како еден голем сон … тоа беа клучни лекции кои до ден денес ме држат на земја. 

 

Васил Гарванлиев со „Марионка“

Во Америка замина мислејќи дека е заради твоето музичко школување, но вистината беше поинаква. Како го прифати тоа сознание?

 

Многу тешко, како секое 12 годишно дете, само што мојата ситуација беше малку поинаква. Бев многу познат дома, а сега никој и ништо преку ноќ … и пред најтешката година во училиште … 7мо одд – пубертет. 

 

Заминавме од Македонија кога завршив 6-то одд. и бев супер ѕвезда. Дијаметрално спротивно на тоа, во САД никој не ме знаеше и не можев да гукнам на англиски. Имиџ ми беше долгата коса и на првиот час во училиште професорот мислеше дека сум девојче. Бидејки не зборував доволно добро англиски не можев да го поправам. Целиот клас ме исмејуваше и сите деца покажуваа со прст накај мене. 

 

Толку многу се засрамив, така ми започна турбо асимилација на американски живот. Сам, тишина, жртва на врсничко насилство … се` додека не запеав пред сите. 

Токму таму започна мојата мисија како македонски музички амбасадор. 

 

Васил Гарванлиев – фото Мартин Трајановски

Беше дел од детскиот хор во Чикаго, но за краток период. Што се случи таму?

 

Најубавите и најважните лекции во животот научени од менторите кој што беа строги и од нас бараа војничка дисциплина.Тоа беше за мене вистинска (музичка) војска. 100ици концерти за 4ри години на најпознатите сцени и со/за најпознатите  музички икони.

 

Таму се закотви мојата љубов кон музиката и моќта на споделување на вистината преку гласот. 

Многу брзо ме поставија за главен солист во хорот. Во тоа време запознав многу луѓе, кои до ден денес се дел од мојата одбрана фамилија која ме бодри и заедно си помагаме колку што можеме.

 

Васил Гарванлиев

Секогаш кога сум во Чикаго држам мастер клас на младите хористи – многу ми е важно да споделам со нив се` ново што ќе научам – а постојано учиме нешто. Споделувам со нив бидејќи тие се нашата иднина, нашите следни амбасадори. 

Враќањето во Македонија не беше доволна јака причина за да се откажеш од твојата љубов – пеењето, баш напротив. За што сонуваше во годините поминати во Македонија, пред твоето повторно заминување, и како тинејџерот Васил ги доживеа сите овие преселби?

 

Тоа враќање беше поради фамилијарна депортација од САД. Јас се вратив надевајки се  дека поради тоа што сум малолетен законот нема да оди против мене и одлуките на семејството, и таа есен ќе можам да се вратам да студирам соло пеење во Њујорк, бидејки веќе имав добиено стипендија.

Тоа лето беше како сон од кој се разбудив со голем шамар и 10 годишна забрана за влез во САД. 

На часови кај Пјер Миранда Фераро, маестро од Милано, стигна со помош на Борис Трајанов, кој те слушна како пееш во емисија кај Сузана Турунџиева. Што значеше за тебе подадената рака од нашиот баритон?

 

Нова шанса. Нов дом. Нова лекција. 

 

Ништо не е случајно. Кога добив забрана за влез САД, школото од Њујорк ме прати на аудиција во кралскиот колеџ во Лондон. Веднаш бев примен, но трите пеачи за таа година веќе беа одбрани и ми рекоа ќе треба да почекам до следната. 

 

Васил Гарванлиев во Perseé by Lully во Royal Opera in Versailles – приватна архива

Маестро Трајанов ми овозможи повторно да заминам, сега сам на 17 и да почнам живот по трет пат од нула. 

Во едно интервју го спомена името Сузан Макмилан. Која е оваа жена, и каква улога одигра во твојот живот?

 

Сузан е мојот ангел чувар. Случајно ме слушна како пеам на семинар во Чикаго мојата прва година и тајно ме следеше 6те години во Чикаго. Уште една долга приказна но за друг пат, кога објавив дека не` депортираат Сузан ми се претстави и рече “Ти си многу уникатен и сите нас ќе не` направиш горди … ќе ти помогнам финансиски додека не застанеш на нозе” 

 

Васил Гарванлиев – Приватна архива

Преку аудиција, доби стипендија и влезе на Кралскиот Конзерваториум во Торонто. Од тој момент, животот ти добива константна нагорна линија. Дали конечно почувствува дека твојата истрајност се исплати, или не си дозволи да се опуштиш, имајќи во предвид што се помина до тогаш?

 

Да, ама и тоа си дојде со свои лекции. Таман кога тргна се` и добив 3 оперски улоги во првата година, татко ми почина ненадејно на само 45 год во Милано. Дента кога јас си заминав од Милано тој дојде таму, се гушнавме и една година подоцна умре. 

 

Како Kaspar во Der Freischütz – приватна архива

Во 2019 беше придружен вокал на Тамара на Евровизија, за на 15ти јануари оваа година, и официјално да станеш македонскиот претставник за Евровизија 2020 со You. Само 2 месеци подоцна, со прогласувањето на светската пандемија, Евровизијата се откажува, и ти не ја добиваш можноста да ја исполниш својата желба и да пееш комерцијална музика пред светската јавност. Како гледаш на овој момент?

 

Зошто ова да биде лесно кога очигледно СЕ` до сега ми е … special to say the least хаха. Ама пак ќе кажам дека ништо не е случајно. Се почуствував како да ми е нанесена неправда затоа што конечно после толку многу труд, ќе имав шанса пред толку голема публика да запеам. Почуствував дека таа неправда не ми е нанесена само на мене, туку на цела Македонија. 

 

Евровизија 2019 – приватна архива

Се надевам дека следната година нашиот глас ќе бидам повторно јас со песна која погласно и длабоко ќе грмне.

Помина толку многу во животот, но остана приземјен, културен и искрен, прво пред себе, па пред светот. Благодарен на кого, и за што?

 

Се` ми започна од мама … која најпожртвувано целиот свој живот го посвети на мене и брат ми. Најблагодарен сум на неа а потоа и на сите ангели чувари околу мене. Многу е лесно да се предадеме на темнината околу нас.

Јас од секогаш се фокусирам на светлото во мене и го споделувам и ширам колку што можам. Благодарноста кон се` е во секој миг во мене. 

 

Васил Гарванлиев YOU – извор: Facebook
Везилка Магазин