Лично

Вистината за лагите што сами си ги кажуваме

Вишња Дурацоска - тренер за животни вештини, НЛП практичар и реики ментор

Везилка Магазин

Кога зборуваме со некого, сакале или не, ни се појавуваат чувства предизвикани од она што го слушаме. Ја прифаќаме таа порака, ја обработуваме во умот и реагираме преку него со нашето тело. Во тој циклус, имаме можност да реагираме на несвесно ниво или да одговориме на свесно ниво на примената стимулација или информација.

Овој пат, ќе зборувам за реакцијата што ја обработуваме како вистина или лага, притоа донесуваме и заклучоци, означуваме луѓе, настани и ситуации, убедени дека нашите ставови се вистинската вистина.

Ако забележиме некој да разговара со себе, првата реакција е дека лицето е лудо. Само да ве потсетам, тоа е несвесното реагирање. Ако ја вклучите вашата свест за момент, ќе препознаете една од многуте можности: можеби лицето зборува на телефон или едноставно размислува гласно. Ова е свесен одговор на добиените информации и видената состојба.

Размислете за момент: дали и вие сте го сториле истото некогаш? Да, но за нас самите, не мислиме дека сме луди. Сепак, вистината е дека секој ден, во секој момент, се одржува внатрешен дијалог што се води во секој од нас. Разговараме сами, а за тоа кој зборува и кој слуша, ќе биде предмет во некој друг текст или видео.

Овој текст има за цел да ве иницира да ги откривате лагите што самите си ги кажувате секој ден, за кои верувате дека се вистинити и потоа реагирате на нив. Сето тоа се случува несвесно и без размислување според принципот стимулација – реакција…

Во суштина, треба да разбереме зошто се лажеме себеси. Одговорот е во основата на механизмот за самозачувување. Честопати ја даваме таа заштита на себе си за да го задржиме комфорот во удобната зона каде се чувствуваме безбедно и сигурно. Така се заштитуваме од чувство на социјална и емоционална незгодност и таа функционира, но само краткорочно. На долг рок, нè спречува да се развиваме, да растеме, да имаме нови искуства и авантури. Таа нè тера да останеме заглавени на едно ниво без напредок и неможност за искористување целиот потенцијал што го носиме во себе си.

И така, животот продолжува и ние сме задоволни и затворени во една просторија, додека животот е прекрасен и има многу поубави погледи на горните катови отколку во нашата соба во зоната на комфор. Сето тоа создава монотонија, празнина, незадоволство и беда, што од емоционално ниво се материјализира во телото како физички заболувања.

Лагите што ги повторуваме секој ден лесно стануваат наша вистина и се претвораат во тивки „убијци“ на нашите соништа и нашите животи. Ќе споменам само три најчести лаги само за да го насочам вашиот фокус на размислување:

Не можам
Поради него (неа, тоа) се чувствувам….
Не сум доволно добар за

Одвојте време и размислете за откривањето на вашите вистински лаги. Кога ќе ги препознаете, ќе имате сила и моќ и да ги промените, и обидете се сами да откриете зошто се лаги. Ако не го најдете одговорот во себе, ние ќе пробаме да ја објасниме вистината за истите во некои од следните текстови.

 

Вишња Дурацоска е професор, тренер за животни вештини, НЛП практичар и реики ментор. Живее и работи во Америка веќе 9 години. Повеќе инфо на нејзината веб страна

Овој текст е личен став на авторот и не ги изразува ставовите на Везилка Магазин

Везилка Магазин