ИнтервјуаНие низ светот

Владимир Четкар: „Го живеам својот сон“

Интервју со музичарот Владимир Четкар, кој во моментов живее во Охрид

Гватемала, Антига ( фото Maya Chose)
Везилка Магазин

Лесно е кога душата ви е топла, тогаш секое место во светот може да ви биде убаво. Но, дом е само едно место и таму се враќате постојано, оти него го носите во мислите, во срцето, во насмевките…

„Дома сум и кога патувам“, вели охридскиот виртуоз на гитара Владимир Четкар кој за „Везилка“ го открива нераскинливиот дел со татковината, местата за инспирација, моментите на среќа и тага и тешката година со пандемијата која донесе нова динамика во животот на уметниците.

 

Кога сте светски човек, кое место се нарекува дом?

 

Четкар: Патувањето ми стана начин на живот уште од моите студентски денови во Бостон кога бев постојано на релација Македонија – САД. Како течеше времето, од Бостон се преселив во Њујорк, а кариерата ми стануваше сѐ повеќе интернационална. Професионалните ангажмани почнаа да ме носат на сите страни на светот и единствениот начин за успешно да функционирам беше да бидам во фаза на константно патување.

Каде и да сум се чувствувам убаво, бидејќи се поврзувам со природата која ни припаѓа на сите нам, но исто така се поврзувам и со локалните култури и традиции, за барем на момент да се почуствувам како дел од нив.

Тулум, Мексико – фото Maya Chose

Сепак топлината и чувството на спокој и припадност кое го доживувам во Македонија е најсилно, единствено и незаменливо.

 

Музиката е нешто што излегува од внатре, од душата. Каде најлесно се отвора вашата душа? Кое е најинспиративното место за создавање на вашата музика?

 

Четкар: Душата може да се отвори секаде и во секое време, бидејќи за креативноста не постои работно време или конкретно место, туку постои само желба и фокус.

Некогаш среде ноќ ќе ти дојде на памет убава мелодија, па ќе мора да станеш и да ја запишеш. Некогаш ќе ми дојде прекрасна идеја за музички аранжман додека возам велосипед или пешачам. Моментот на инспирација е спонтан и затоа е толку волшебен.

Ометепе, Никарагва – фото Maya Chose

 

Постојат ли за вас авторитети во музиката? Кои се тие?

 

Четкар: За секој уметник би требало да постојат авторитети бидејќи креативниот продукт е дестилат на сите влијаниа и оригиналниот уметнички израз.

Сите оние музичари кои со својата работа ме инспирирале и влијаеле врз мојот звук и музичка визија се мои авторитети.

 

Пандемијата како никогаш досега ја покажа потребата од „лекување“ на душата со музика. Што е она што го направивте во изминатата година?

 

Четкар: Пандемијата наметна радикални промени во нашиот секојдневен живот и тие промени нѐ фрустрираат сите веќе една година. Мојата работа е длабоко афектирана од аспект на настапи и снимања, но сепак се трудам да бидам активен и да размислувам позитивно. Секогаш гледам денот да ми е исполнет.

Од физичките активности возам велосипед, пешачам, правам фискултура, а од креативната работа пополека пишувам нови песни и материјали кои ќе се најдат на еден од моите идни студиски албуми.

Кина – фото Maya Chose

 

Луѓето сонуваат за најразлични работи, да се стекнат со материјални добра, да запознаат сродна душа, да посетат некое место на земјината топка. За што сонува Владимир Четкар?

 

Четкар: Јас мојот сон го живеам и за тоа работев многу. Имам активен и возбудлив живот полн со авантури, а мојата авторска музика, која е огледало на мојата душа, е прифатена интернационално.

Секако додека живеам постои и порака која сакам да ја пренесам до сите оние до кои допирам, а тоа е есенцијалната важност на почитта. Додека сме живи треба да се почитуваме и да ги искажуваме своите емоции спрема саканите, да ги надминеме секојдневните недоразбирања, ниските страсти и инаети и да ја сфатиме драгоценоста на нашите и на туѓите животи.

Четкар во Њујорк – приватна архива

Тие кои ни значат треба да го знаат тоа, треба да ги потсетуваме на нашата љубов кон нив, но и самите да бидеме потсетувани.

 

Каде, како и со кого го креирате вашиот микро свет?

 

Четкар: Микро светот е мојата интима и место од каде ја црпам животната енергија. Во тој свет има место само за моите сакани со кои се разбираме дури и кога молчиме. Тоа е свето место за сите нас и од него директно зависи квалитетот на нашиот живот и нашите постапки.

Java Jazz Festival – приватна архива

 

Кога не би биле музичар, би биле…?

 

Четкар: Најверојатно ќе бев археолог, бидејќи историјата и археолошките експонати ми се голема страст.

Везилка Магазин