ИнтервјуаНие низ светот

Влад Илич: „Кога излегувам на сцена е како да одам кај Св. Петар на чистилиште“

Интервју со кумановецот Влад Илич, стенд ап комичар од Лондон

Како Јуда во „Paul, Apostle of Christ“ - снимано на Малта
Везилка Магазин

 

За Влад(ислав) Илич има многу што да се зборува, но најочигледен е фактот дека времето на нашиот стенд ап комичар допрва доаѓа. Кој го видел неговиот настап за ББС – добил мала идеја за тоа кој е Влад, а кој не чул за него – ќе дознае за многу брзо време.

Кумановецот кој веќе 3 години живее во Лондон, за време на студиите по Компаративна книжевност во Скопје решил да стави точка на сѐ што дотогаш знаел и да размисли за сосема нова патека во животот. Во 2014 година се сели на Малта каде се запишува на Театарски студии и перформанс и решава целосно да се посвети на тој дел од себе.

Како стенд ап комичар за прв пат настапува во 2009 година во Куманово, две години по иницијало добиената инспирација од Јутуб видео на Еди Марфи. Во Малта за прв пат почнува да настапува кон крајот на 2016 година и низ годините не престанува со барање на својот автентичен глас. Преселбата во Лондон му носи повеќе настапи, а со тоа и константно себе-откривање и награди.

Победник на „King of the gong“ во „Comedy Store“ – специфичен натпревар во кој публиката е „против“ комичарот на сцена и каде секој од нив мора да „преживее“ 5 минути без да биде исвиркан и избркан. Помеѓу 19 комичари, нашиот Влад бил единствениот кој останал „жив“ и тоа му донел рамо до рамо настап со едни од најдобрите стенд ап комичари во Англија.

Победата на натпреварот „One to watch“ во „Up the creek“ – најстариот клуб во Лондон, е од временски и личен аспект најважна за Влад. Знаејќи дека овој натпревар е отскочна даска за многу комичари, тој овој момент го поистоветува со борбата за докажување со последни сили дека заслужува место меѓу професионалците во стенд ап-от. За него исходот од овој натпревар значел – или победа или повторно трагање по себеси и враќање на двете, понекогаш и три работи, заради финансискиот притисок.

Помеѓу овие две награди, во тие 6 месеци ја освојува и наградата Stand Up Club’s New Comic of the Year, во конкуренција на 350 учесници и „Max Turner Prize“ на Comedy Virgins.

 

 

Во август реши да се приклучи на тимот „Ожени се, да видиш колку ни е убаво“, па ја побара за жена својата долгогодишна девојка Лариса со оригами прстен. „Конечно ти текна“!

Специјално за Везилка, Влад одговори на неколку наши прашања кои ги чекавме толку долго, мислевме документарен филм ќе ни прати. Филм не беше, но нѐ изненади и почасти со едно кратко промо видео. Ти благодариме најмногу Влад и се надеваме за брзо ќе те гледаме на светска турнеја!

 

 

На што мислиш кога медитираш?

– Ако прднам, ќе се чуе ли?

На пат за дома (после 4 години во странство) – извор: приватна архива

 

Миење заби или кафе – што е прво?

– Имам ОКН (опсесивно компулсивно нарушување) за заби и често ги гледам забите кога зборувам со друг. I am the teeth judger.

Спремен за свадба на пријатели во Малта – извор: приватна архива

 

Колку телефонски броеви собра низ годините по кафичите?

– Остај броевите, бакшишот е битен. Сега ми текна – ако ми оставиле бакшиш, па ја сум фактички ескорт.

Отворање на стенд ап DVD special на Малтежанецот Кевин Науди – извор: приватна архива

 

Ако е цела Македонија на Тиндер, од кој град би ја барал жената со која би се совпаднувале најмногу?

– Битола, мој родееен крааај. Јас те сакааам, за тебе пејаам.

На Матка со сопругата Лариса 2018 – извор: приватна архива

 

Што прво си помисли кога сам на себе си кажа дека сакаш да си стенд ап комичар?

– Прво си реков: Хаха, глуп си.

Веднаш потоа помислив на голема сцена, со кул светла, како луѓето се смејат во некој театар.

Постерот за Tales from the Balkans стенд ап шоуто на Влад – извор: приватна архива

Пандемијава ги разведе сите, само тебе те ожени. Зошто беше џа или бу и дали клекна?

– Вистинското запросување го сторив со оригами прстен од лист хартија и не клекнав, некако се подгрбавив. Над нас имаше еден ресторан, еден пар не престанаа со кавги. Кога ме виде девојката со прстенот му рече на дечко ѝ: See, that’s commitment – и му раскина.

Влад и Лариса со божиќна честитка – извор: приватна архива

 

Имаш ли кумановец кој ти ги пишува скечовите?

– Никако. Мојата работна етика ја презедов од Louis CK, тој сѐ сам си сработува. За инспирација секогаш имам другари кои ми праќаат идеи кои имаат потенцијал за шеги.

Влад и Чедомир, со кого за прв пат во Куманово настапуваше со стенд ап – извор: приватна архива

 

Четири години глума на Малта. Каков излезе Владислав од таму?

– Се преродив. Научив многу за театар, ама најмногу би рекол за живот. Нова земја, студии на англиски, стигнав со некои смешни пари и сам се издржував. Научив еден куп лекции.

Со мајка му, татко му и брат му Антон на дипломирањето, 2017 Малта – извор: приватна архива

 

Би се качил ли на сцена со скелетон и колку дозволуваш да ти ги вадат од плакар?

– Комичарот секогаш излегува “гол” на сцена. Мора да е разоткриен и да се знае себеси до последен детал, кога излегува на сцена е како да оди кај Свети Петар на чистилиште. Св. Петар, односно публиката, знае сѐ за тебе и уште ти суди. Разликата е што Петре ти суди еднаш и готово, а публиката секои 30 секунди. Ако не се смејат, пресудата е веднаш донесена и завесите се спуштаат.

На своите стенд ап почетоците во Малта – извор: приватна архива

 

Куче или маче?

– Сакам куче, ама немам двор, па ај маче.

Влад со мачето – извор: приватна архива

 

Одат ли сарма и ракија заедно?

– А кој тоа мисли дека не одат?

Со скршен палец по сообраќајка со мотор на Малта – извор: приватна архива

 

Ако беше геј, кој ќе беше твојата љубов?

– Кончита ?

Релаксирање после шоу – извор: приватна архива

Си се смееш ли на инспирациите кои ти надоаѓаат секој ден?

– Да, некогаш ќе мијам садови и ќе ми текне нешто што некој кажал или нешто што сум видел и прскам од смеа – комшиите ме гледаат како најголема будала. Девојка ми ми вели дека често и во сон се смејам на цел глас. Ова звучи малце како Џокер момент…

„Ееееее ти ли мене сакаш да ме пројдеш?“ – извор: приватна архива

Си мавтате ли со комшијата наутро?

– Абе си мавтавме, ама еднаш мавнав и на заебанција (у бањарка бев) ја открив бањарката (демек флешинг, ама носев облека) и чекав дали ќе се насмее. Стана и ја спушти ролетната. Од тогаш само краток војнички поздрав.

Краток каубојски поздрав, Влад во Coming Soon филмот на Малта – извор: приватна архива

 

Наместо на сурфање во Австралија, заврши на шлапкање вирови во Лондон. Шо ти вели хороскопот за иднината?

– Мислам дека тука ќе работам доста долго време. Многу би сакал да настапувам за Македонци и во САД и во Австралија во иднина.

Кембриџ дневна тура – извор: приватна архива

 

Што ќе беше, ако не станеше имигрант?

– Јас од сите најмалку планирав да заминам, ама ете тука сум. Да сум дома, ФДУ веднаш, диплома и после ке чекам ред за у театар у Скопје, а ќе работам парт тајм келнер уште 9 години (ако не направив дете у меѓувреме, па кај моите у 60 квадрата стан со снашката и бебето).

Лариса со постер од Tales from the Balkans на улица во Лондон – извор: приватна архива

 

Имаш ли рецепт за кумановски мезал`к?

– Еее да си ми жива и здрава, имам.

Не знам точно што треба да се купи, ке си погледнете онлајн тоа, ама кога ќе дојде време да се припрема месото, т.е. со раце да се гмечи, е тогаш ќе отидеш до девојка ти, ќе почнеш да се караш со неа – мора да ја изнервираш таман – не премногу да не ти збори ич, него таман да вика по тебе и да мавта со рацете. Полека ќе се навраќаш накај кујната и не заборавај да ја нервираш, да не ѝ пројде!

Кажувај ѝ нешто како „Другарка ти Ана е многу згодна“ или „У овие ли ципели ќе излегуваш?“ или „Блузава не ти е у пар со пантолоните“ и таман ќе ја донесеш пред месото, она како мавта со рацете ќе го потфати, ќе почне да го гмечи и ќе излезе целата фрустрација – е со таков ќеиф се прави еден МЕЗАЛ’К.

Во The Comedy Store, Лондон – извор: приватна архива

 

Далеко е Македонија ако одиш пеш, но кога би тргнал, би се вратил за…..?

Благодарен сум за овие две три години тренинг во кои ја научив формата најмногу што можев.  Кога ќе дојдам дома, сакам сето тоа искуство да го пренесам за да може и кај нас конечно да се развие стенд ап култура. Би сакал да се запознае публиката со концепти како „отворен микрофон“ стенд ап шоу. Ние имаме природен талент кој треба да се негува, нема зошто да ги оставаме овие концепти како нешто што го гледаме на телевизија само.

Избегнувањето ќе доведе до заборав и тогаш нешто друго ќе ја пополни таа дупка. Мора да се допре до луѓето во сите сфери, но културата е најважен дијалог за демократија и оформување на личните вредности.

Тоа се корења.

фото: Victor Pãtrãşcan

 

Поздрави и честитки до….?

Брат ми Антон – вечна инспирација и рол модел за што да не правам у животот..? Love you bro ❤️

На висење во Lake District, Северна Англија – извор: приватна архива
Везилка Магазин