Книжевно творештвоМузика и уметност

Волво Ректум

Ко ќе се качиш на таквото, нозете требит да ти фаќат на земја а не да ти се мафтат

Везилка Магазин

Радејце Пупеска, мори несто златна, да знајш оти ги добифме лутите пиперчиња шо ни ги прати по чојкот. Сите беја на број у најлончето завиткани, егзакли ко шо нѝ имаше информисано у писмото твоје. Фалати ногу на пажња и прими далечни поздраф от твоја Коцка Докурческа, от Лосанџелис, от хаусоф наш преубаф, кај шо сме у најубајот плејс задомени, опозит Холивут сме сега. От кај мене со камен ако фрла ќе му ја дупна глата на некој от глумциве: тука толку многу ги имат – плева је от селебритис.

Така да знајш, није овдеки у Лосанџелисоф еврибади сме ча-ча, ко на филмцко платно сме насмејни и океј сме, е па сега и вије таму пулете еврибади да сте ча-ча и така натака поарни. Радејце, ти знајш оти ја ич не приклава и благодарење на то ти си најверно информисана да от нашиве тука ја су најпојќе напрајна свецка и една врста права модерна женцка, посебно от ко заминафме у јабанава. Али овајпат ја сакам да ти пишвам збор-два за Митрејца Дуракоска, ја знајш жената, први другарки бефме и преубај песми пејфме трите на сретсело фатени. Мори душо, Митрејца сите овдеки ногу не почуди и потресе; мене посебно ногу ме погоди у душа и у најдлабоко расположење и ме депреса. Мори несто златна, ме депреса до суза у око. И самата знајш оти Митрејца ко Митрејца уше от време си леташе со умот. Јес, женичката си беше малку ку-ку у глата али пак не до толку. Прошлијо месец бефме да прошетаме у шопинк, да купујме нешо за јадење и за облеквање. Си ојме ко шо си ојме така секипат со Митрејца, подрака фатени, ко таја ни пет ни шес ме влечит да влезиме у еден шоп за мотори. Еда, шо чудо ѝ брчна у глата на женцкава, си вела ја. Мотори, мори несто златна, мотори. Али таја ич не му се мислит, туку одит право кај едно от моторишќата и му се пулит ко да ќе го купујт. Али ти го зел госпот паметот, Митрејце Дуракоска, ѝ вела ја. Ја трга за рака сместа да излегујт оттаму, квикли мори. Ај да беше помлада па да речиш, ами ти си у години, си ја турнала пејесетката, ѝ вела ја. Заврти се ваму, излегвај да си ги купујме нашите рабоќе, шо ќе ти је тебе мотор, будаличке. Таја ич не слушат, одма се фаќат за едно големо моторишќе – Волво Ректум ќе да се викаше пустинцкото. Кој чул кај вас за таква марка мори Радејце, кажи ми несто златна. Ќе си речиш ко вол у газот да ти го пикнал, со проштење, а не мотор да возиш. Ако купујш мотор тогај барем купи си Харли Дејвитцон, натемаго, то ти је праф мотор. Ами Митрејце не требит така: само да се трчат у први шоп и купуј го првото моторишќе шо ќе ти се вдајт, ѝ вела ја. Мори жено, не биди лесна у умот, требит најпрвин да го испиташ маркетот на мотори, да видиш шо се нудит, рисрч да напрајш, ами како. Али Митрејца наша се фати за Волво Ректум и не пуштат, ќе го купујт жената. Радејце, мори несто златна, ја не су знајла веќе шо да ѝ реча. Ѝ рекоф само: Митрејце Дуракоска, ако веќе толку ти је изветрејн умот тогај не купуј нишо изнад двестаипејесет кубици. За поголеми машиње ти требит возачко искусво. Ко ќе се качиш на таквото, нозете требит да ти фаќат на земја а не да ти се мафтат – демек моторот да ти је точен, егзакли по мерата. Таја ич нишо не ме слушат. Го слушат само плапотењето на продавачот – едно парфемисано итаљанцко маже беше; ѝ го сфрте умот на жената, ја маслоса до маслосвање: те вака ќе напрајме на кредит, те онака ќе ти попуштиме на исплата. Будала жена, ја гледа чудо ќе напрајт ќе го купит моторишќето, и го купи, несто златна – го купи!

Ами оти мори ги бупна париците ѝ го тријеф граот, туку да знајш оти после си го поткасаф јазикот. Радејце Пупеска, несто златна, си го поткасаф. Не би долго време: ден-два преку сила и еве ти го пак то мажето, продавачот – право петле ти било, руста мори, дојде да ја драјват Митрејца на моторот. Сето у кожа беше облечено, исто со сите џиџи-миџи пуфки напрајно ко онај пејачот шо беше ногу популарен, Елвис Прицли, мори. Таја после ми кажујше, двајцата качени на моторишќето се драјвале по Сансет булевар. Биле да се прошетат и по Беверли Хилц, Родејо драјф и по Санта Моника бичот се возеле и после голи тасма се капеле, ами како, ко улери мори несто златна; таја у купаќи костум ќе се прошлакала ама со Елвиса убо и се видело и скрос се тасмосале на зајдисонцето. Еднуш се живејт, Коцке Докурческа, после то секи ден ми се смејт Митрејца и пет пари не дават. Хеф фан, ми велит, мори несто, хеф фан. Таја уше ми кажујше то петлето ти било право мајсторче, не само за драјвање туку и за оније рабоќе шо не се за пишвање тука. А Митре нејзин, кутријот, скрос се беше простил со умот. Зидарска работичка си имаше; шо да је, вадеше некоја парица по скелиња вкачен, ама лани-лето падна от една вишина и му се измикса нешо у умот – сега те пулит ко да не те пулит. Греотица чојк. Грда судба го снајде. Митрејца от ко се качи на моторот ич не го фермат појќе: дење спијет, ноќе се возит со Елвиса Прицли. Арно ама то не мојше вечно да трајт – на крајот на Митрета му дојде матната пред очи: натемаго го натера да мавнит со сеќирата и да му ја поткинит глата на петлето, крвцата да му ја локнит. После и Митрејца ја бркаше низ куќи. Уше Волво Ректум ти фалеше кучке една, ѝ викаше и се смејше, завалијата, се смејше со сеќирата в раце. На згрешен чојк памет со нишо не му се мерит. И на Митрејца, кутрата, ќе ѝ ја скинел глата, туку таја ноќта брзо-брзо се вкачила на моторот и уште еднаш веќе никој не ја виде, трагата у ветрот ѝ се изгуби. Наши чојци кажват оти жената си летнала от карпа, други велат црна земја се отворила и сосе мотор ја лапнала.

Радејце, ја си мисла Митрејца еден ден можит да се појавит таму кај тебе. Пиши мори ако ја видиш, ич да не се бојш, то праф филм можит да се напрајт, за цел Холивут да му се чудит, ами како. Несто златна ја си верва у такви рабоќе; ете за Димчета, мојта прва љубоф, сите оттаму кажујфте оти си умрел а ја после го сретоф тука на улица и му прогориф на чојкот. Колку се израдва кога ме позна. Кај си бе Димче, му рекоф, тријестипет години не сме се виделе. Си напрајфме муабет за мерак, го канеф дома да ми дојдит на кофи, туку се брзаше некаде, ама рече пак ќе ми се јавит.

Еда, мори Радејце Пупеска, за сега толку имаф за пишвање и информисање, друкпат појќе. Ногу поздраф имаш от твоја Коцка Докурческа. Овајпат Ставре мој не те поздравујт, ене го затворен је у нужник, плачит оти му лутит газот, вчера се нагнети от пиперчињата, сакаше сите да ги изејт на едно седнуење. Будала чојк.

(краток расказ)
Владо Јаневски: автор на текстот и илустрацијата

Везилка Магазин