ИнтервјуаНие низ светот

„Во животот секогаш мораш да имаш план, за да знаеш на каде одиш“ – Живко Николовски, 90-годишниот македонски кондураџија од Бразил

Везилка Магазин

The English version can be found here.

 

Замислете го моментот кога во приквечерието спроти денот кога сте требало да се пријавите во војска, ве собира татко ви и наместо кратко истрижана фризура и војничка униформа, пешки илегално ве носи преку граница и, по пријава во полиција, завршувате во имиграционен камп во Лаврио, Грција…

 

Живко со другарите и другарките во Жабени – приватна архива

 

Дедо Живко Николовски, родум од битолско Жабени, во 1951 година, на свои 20 години го доживеал токму ова. Во неделата вечер, по завршување на свадбата на којашто бил гостин, Живко го собрал својот другар Трајко, со кого следното утро заедно требало да се пријават во војска, и тргнале накај дома за да се истрижат и припремат за предизвикот што ги чекал. Но, ниту едниот, ниту другиот, всушност имале претстава колку животот ќе ги однесе на сосема друга страна…

Роден во село Жабени, на 17 јули 1931 година, дедо Живко имал само 10 години кога започнала Втората светска војна. Едно од првите прашања*, морам да признаам, ми беше на што се сеќава од тој период, сакав да знам како едно дете перцепцирало непосредна опасност и како тоа чувство останало со него низ целиот негов живот.

(*тука морам да напоменам дека дедо Живко зборува чисто македонски како вчера да заминал од Македонија, не пред 70 години!)

 

Куќата на Живко во Жабени – приватна архива

 

Одговорот целосно ме изненади и натера да размислам за тоа колку нашите перцепции влијаат врз животот на нашите деца.

„За мене не постоеше војна, јас не знаев дека нешто не е во ред. Јас го знаев само она што ми го кажуваа мајка ми и татко ми, а тие ништо не ни велеа, освен за работите што требаше да се направат по дома, на поле или со овците. Јас бев овчар и тоа и го правев. Не се грижев многу за војната, волците ми беа поголема опасност“.

„Ама нели виде војници, војска, нешто? Не поминале ли некогаш низ Жабени?“

„Поминаа, да, српските војници, кога одеа накај Грција“.

„И?“

„И ништо….поминаа, заминаа“.

 

Свадба во Жабени – приватна архива

 

Дедо Живко бил фудбалер кој 5 години играл за локалниот селски тим, активност што ја продолжил и по преселбата во Бразил. Основно училиште завршил во најблиското школо, кое му било оддалечено 8км, растојание што најчесто го поминувал пешки, поретко на магаре. Кој да ти знае дека токму ова секојдневно, повеќегодишно вежбање, ќе му се најде понатаму во животот кога илегално ќе треба да преминува граница.

 

Живко и братучед му Драги, кога играле фудбал во Жабени – приватна архива

 

Таа вечер, татко му, заедно со едниот брат, чичко му, братучед му и другар му Трајко, го собрале Живко со зборовите „Сега не се оди во војска, на друго место треба да одиме“, земале неколку парчиња облека, малку храна и едно „лошо куче за да ги чува од натрапниците по пато“ и тргнале пешки, „настранично од официјалниот пат“ преку грчка граница, кон село за коешто имале слушнато дека имаат роднини од мајчина страна.

„Одевме со саати….сѐ уште не бев свесен каде и зошто одиме, само се движевме. Кога стигнавме кај роднините, не сакаа да нѐ примат, мислеа дека ги лажиме за тоа кои сме и од каде доаѓаме, па се натегавме, Ние сме тие, Не, не сте вие, одете си! Останавме кај нив, но следниот ден нѐ пријавија во полиција, по што бевме однесени во имиграционен камп во Лаврио, во близина на Атина. Во меѓувреме, на лист хартија напишавме „Успеавме, ја поминавме границата!!“ и преку кучето што го земавме со нас, го пративме писмото назад до нашите дома. Да не берат гајле, да знаат дека успеавме….“

 

Трајко, Живко и Драги во Бразил – приватна архива

 

Шестте мажи, на различна возраст и со различни очекувања од животот, се најдоа заедно на место што им стана дом во следните седум месеци и немаа друг избор освен целосно да ја прифатат неизвесноста на иднината. Кога го прашав дедо Живко што работеле таму и како преживувале, ми одговори:

„Немаше можност за работа, тоа беше камп, бевме околу 700 имигранти…често крадевме суво грозје за да ја залажеме гладта што ја чувствувавме. Собиравме и плодови и ги носевме во локалната пекара, таму ги сушеа во фурната, за што ни даваа или ситни пари или храна и леб, и тоа ни беше јадење. Најчеста активност ни беше чекање пред дуќанот некој да фрли отпушок од цигара, за да го грабнеме и допушиме, тогаш пиев цигари“ ми рече, насмевнувајќи се слатко.

 

Од онлајн разговорот со дедо Живко – извор: Ирена Трајковска

 

Чекајќи и надевајќи се дека ќе завршат некаде во Америка, Канада или Австралија, ден по ден, недела по недела, поминале седум месеци, кога еден ден дошол бразилскиот конзул во кампот и им понудил по 1 долар и плаќање на патните трошоци за секој оној кој ќе изјави желба за преселба во Бразил. Грабнувајќи ја првата понудена шанса, шестте патника се најдоа на брод кој поминал повеќе дестинации, пред да стигне до крајната – Рио де Жанеиро. Италија, Франција, Јужна Африка и на крај Бразил, 27 дена на море со една кулминација – во Јужна Африка за прв пат видел црн човек.

„Ние до тогаш не размислувавме дека црн човек постои….кај да видиме во Жабени. Кога се закотви бродот и излеговме на палубата, сите се запрепастивме кога ги видовме полуголите црни мажи на брегот хахаха“

 

Во Бразил – приватна архива

 

По пристигнувањето во Рио, веднаш се качиле на воз и тргнале на еднонеделно патување до планинско село на северот на Бразил. Таму ги сместиле по осум луѓе во мали колиби и останале 3 месеци, работејќи во фабрика за електрични кабли, по што се спуштиле на југ, во Куритиба, место каде дедо Живко и ден денеска живее.

 

Куќата на Живко – во 50-тите и денес – приватна архива

 

Првите две години ги поминал во градежниот сектор, градејќи ги едни од денес најзначајните градби во градот, а следните две и пол во фабрика за чевли, по што му се разбудил претприемачкиот дух и заедно со татко му, чичко му и братучед му, одлучиле да започнат своја работилница за производство, продажба и поправка на чевли.

„Во тие години во фабриката научивме сѐ што ни требаше за новиот подвиг. Во нашиот дуќан работевме неуморно, секој ден од 8 до 10 навечер, сабота до 18, а недела до 12, кога и сите, еднаш во неделата, ручавме заедно. Ние мажите заедно поминавме 10 години сами….сами се перевме, сами готвевме, сами средувавме, но јас тоа воопшто не го гледав како тежина, имав само 20 и нешто години и можев сѐ.“

 

Првата фабрика и работилница за кондури која ја имал 40 години – приватна архива

 

Својата љубов Сирли, девојката од италијанско-полско потекло, Живко ја запознал на локална игранка и по трето видување „успеал да ја фати“, но не можеле да се земат бидејќи Сирли во тоа време имала само 14 години, па во врска поминале седум години, по што се венчале во полска православна црква.

 

На свадбата 1962 во полска православна црква – приватна архива

 

Живан со сопругата Сирли на свадбата, 1962 – приватна архива

 

Мајка му, по цели десет години поминати без нив во Македонија, им се придружила во Бразил, но по неколку години, прво брат му Драги, па мајка му и татко му, се преселиле во Канада, оставајќи го Живко сам со своето семејство и петте сина во Бразил.

„Татко ми беше многу јак човек, никогаш не го видов да плачи, сѐ до моментот кога се поздравувавме на аеродромот пред качување на авион за Канада, кога липајќи низ солзи ми рече „Ова е последен пат што се гледаме сине“. Тогаш не знаев дека навистина е, почина неколку години подоцна на 68-годишна возраст, точно кога ја добив визата за да одам да ги видам таму…на крај не отидов.“

 

Живко со сопругата, мајка му Велика, татко му Стефан и петте сина во Бразил – приватна архива

 

Кога го прашав дали му беше тешко на почетокот, а и понатаму низ годините во Бразил, ја зафрли главата наназад и низ насмевка ми рече НЕ. По тишината од неколку секунди, бидејќи не го очекував овој одговор и не знаев што да му речам, продолжи:

„Дојдов млад и силен, не постоеја препреки за мене. Да, ја оставив мајка ми со браќата и сестрите во Македонија, но го имав татко ми и едниот брат до мене и во тоа време, тоа ми беше доволно. Никогаш не размислував во колку тешка ситуација сум, го правев она што мораше и требаше да биде направено во моментот, но секогаш имав план и точно знаев на каде сакам да се движам. По само 2 години тука, изградивме куќа каде немаше ни струја, ни вода. Носевме сѐ сами, копавме бунар, седевме на свеќи, редевме цигли…ама никогаш не помислив дека ми е тешко“.

 

 

Она што посебно ме изненади, а воедно и потврди неговиот одличен претприемачки дух, беше изјавата дека, кога сите купувале нови автомобили за да се „пофалат“, тој парите што ги имал заштедено, наместо во нова кола, ги инвестирал во својата работилница за да ја обнови и опреми, а со мал износ купил стара кола.

„Мојот точак беше моето превозно средство, лето зиме. Еден ден ја видов колата паркирана на тревата, кај човекот дома. Шевролет, тогаш такви се возеа, американски. Му тропнав на врата и го прашав дали му е за продажба, ми рече Зависи колку нудиш. Се погодивме за (тогашни) 200 динари и толку беше, 1965 година ја купив мојата прва кола“.

 

Дедо Живко пред својата работилница денес – приватна архива

 

Живко и Сирли имаат пет сина и ќерка Елизабет, која им се роди 11 години подоцна. Иако Сирли не е Македонка, таа го научила македонскиот јазик затоа што седум години живеела заедно со родителите на Живко, пред нивната преселба во Канада. Од својата свекрва научила да готви македонски јадења, а на својот имот засадиле, и ден денес одгледуваат, грав, пиперки, зелка, јаболка, сливи, ореви.

„Расадот за оревот ми го даде еден Јапонец, пред повеќе години, и ми рече Повели, ама ти најверојатно нема да ги дочекаш плодовите од ова дрво. Еве веќе неколку години како му носам ореви на поклон“.

 

Деновиве во својот дом во Бразил – приватна архива

 

Дедо Живко за прв пат во Македонија се вратил во 2011 година, или точно 60 години од неговото заминување, на своја 80-годишна возраст, и уште еднаш, четири години подоцна. Отишол и во Жабени, да ја види куќата во којашто се роди и израсна, но сега вели ја немаат во своја сопственост, бидејќи ја продале.

 

За време на втората посета на Македонија во 2015 – приватна архива

 

Тој неодамна го прослави својот 90 роденден, опкружен со најблиското семејство во Куритиба, Бразил. На прославата централното место го имаше македонското знаме и колачите со македонско-бразилско знаме, како доказ за прекрасната симбиоза на корените и сегашниот живот.

 

Прослава на својот 90 роденден – приватна архива

 

Дедо Живко не пропушти и да стане и заигра оро, докажувајќи дека во себе сѐ уште го носи она македонското што не те остава на раат кога ќе чуеш македонски ритам.

 

 

Не можев, а да не го прашам, како за крај, што претставува Македонија за него, на што ми одговори:

„Многу млад излегов од Македонија. Кога дојдовме тука, живеевме поубаво отколку таму, условите беа многу подобри, но сепак….јас сум таму роден и колку и години да поминам тука или било каде во светот, јас секогаш ќе сум Македонец и таа грутка ќе ме влече. Не се бега од себе и своето, не можеш да бидеш ништо друго освен тоа што сум си се родил“.

 

Семејството Николовски во Бразил денес – приватна архива
Везилка Магазин