ЛичноСексологија

Во туѓи очи

Везилка Магазин

Кога зборуваме за брак и партнерство честопати извира прашањето за тоа колку сме ние задоволни во тој однос. Најчесто слушам како жените се жалат од мажите велејќи дека сиот терет е на нив, а мажите, пак, велат дека жената не ги разбира и не ги задоволува нивните потреби.

Денес посебно сме соочени со интензивен пораст на бракоразводни парници. Како тоа човекот со кој си бил сигурен дека е совршениот и со кого си бил сигурен дека ќе го поминеш остатокот од својот живот, одеднаш станува човекот кој не успеваш да го поднесеш, а камо ли да продолжиш да живееш или уште пострашно, водиш љубов со него?!

Каде исчезнало тоа обострано прифаќање, каде исчезнале сите оние заеднички желби и сите оние посебности поради кои сме си се воодушевувале претходно еден на друг? Постојано вложуваме труд за некој да се промени, постојано очекуваме некој да се промени, да придонесе, а не помислуваме да погледнеме и низ туѓата перспектива за да разбереме што се случува. Вистината е дека во нашата замисла ние сме убедени дека гледаме и низ туѓата перспектива, но уште поголема вистина е дека ние всушност самите себе се лажеме.

Секоја приказна има свои различно напишани страници и секогаш постои тоа „ама…“ во приказната. Никој не е совршен, тоа ни е јасно. За кавга и за разделба се потребни двајца, и тоа ни е јасно. Е сега како?

Пред сѐ, нели мислите дека е најпотребно да престанеме само кон себе да гледаме, да престанеме да мислиме дека ние совршено правилно постапуваме и да очекуваме дека треба нешто да добиеме за возврат поради трудот, кој тоа таканаречено и единствено „јас“, го вложило за самото функционирање?

Велат љубов без почит и без доверба не постои, дека тоа се двете есенцијални нешта за љубовта да се одржи. Но каде е страста? Каде е онаа заостаната искра што огнот го разгорува? Зошто секогаш баш таа искра се трансформира и се задржува на почит и доверба, наместо постојано да се разгорува и да не избледува?

Сексот бара страст, чиста страст.

Современите уметници експериментираат со техниката на триминутно гледање во очи. Три минути ќе молчиме и ќе се гледаме во очи. Сами, еден пред друг, во молкот разговара тишината, а емоциите будно се преплетуваат. Очите молчаливо врескаат, будат спомени, добри, лоши, заеднички. Очите ја кажуваат вистината. Очите трагаат кон загубената страст. Очите ја будат загубената страст или во најлош случај, сфаќаат дека таа веќе воопшто не постои.

Од една страна, сакаме да се задржиме себеси во заедница, но и да сме неизмерно среќни и повторно да ја почувствуваме страста што избледела. Од друга страна, пак, ако се изгубила и веќе никако не можеме да ја пронајдеме, можеби најдобрата одлука е соочувањето со вистината.

Денес сме соочени со екстремно брз развој на ситуации. Голем дел од нас сме свесни за прељубата и неверствата што се случуваат околу нас, а уште поголем дел од нас веруваат дека „мојот партнер/ка не припаѓа во тие кругови“. Жими мајка! Се враќаме на фамозната „далеку од очи, далеку од уши“.

Понекогаш посакуваме промена на партнер, посакуваме повеќе партнери, добиваме силна желба да ги разгориме и оствариме своите фантазии, да се запознаеме со непознатото, да го посакаме невозможното, забранетото…

Дали ова би можело да биде некаков вид афродизијак што ќе нѐ покрене, ќе нѐ разбуди, ќе нѐ натера да преминеме преку сите предрасуди?

Што е тоа што нѐ тера да посакаме и да се чувствуваме посакувани?

Дали се тоа очите на партнерот што повторно ќе го разгорат споменот за првиот допир и првата искра, што страста во оган ја претворила, или ни се потребни „туѓи“ очи за истата да ја одржиме, нешто различно од секојдневието, нешто моќно и потентно?

Потрагата по туѓи очи не секогаш означува дека е некој дома несреќен, дека нешто не функционира, иако во нашата средина најчесто тоа е така протолкувано. Потрагата, желбата, па дури и самиот флерт, понекогаш ја разгоруваат стивнатата желба кон своето.

Гледање во туѓи очи што ќе разгори задушена желба – неверство ли е или крик за опстанок во виорот на предрасудите?

 

Везилка Магазин