ИнтервјуаНие низ светот

Горан Бојчевски: „Музиката е бесконечна и безвременска, еден живот е премалку за да научиме се` што Бог толку совршено создал“

Интервју со кларинетистот Горан Бојчевски од Словенија

Photo by Tomaž Črnej
Везилка Магазин

„Чудниот генијалец“ – како го нарекувале во Моцартеумот и еден од најдобрите светски кларинетисти – битолчанецот Горан Бојчевски, пишува композиции за најелитните универзитети во Европа, кои ги изведуваат неговите дела. Тој е првиот Македонец кој завршил на Моцартеумот во Салзбург, а се вљубил во кларинетот после неуспешната љубовна врска со пијаното и од тогаш вистинската, чиста и исконска љубов ја доживува секој пат кога ќе го допре инструментот со своите усни.

Одбивајќи да потклекне пред политичките притисоци кои барале од него да се декларира како Бугарин, ја напуштил академијата во Софија и продолжил во Скопје. Чувствувајќи го и тој град тесен, се пријавил на аудиција за љубљанската музичка академија, која ја поминал со највисока оценка и од тогаш Цеље е неговиот град на живеење.

 

 

Искрен, отворен, непосреден и генијален, овој виртуоз за Везилка го раскажа својот животен пат, фрлајќи светло на својата музика, своето микро семејство, како и комбинирањето на класиката со етно, џез и балканската музика, или како што вели: „Кога свирам класична музика, се чувствувам фантастично, но не можам да си го замислам животот без импровизација“.

 

Горан можете да го следите на   Facebook    Instagram    Веб страна

 

 

 

Пијаното го означи почетокот на твојот музички пат, но тоа не ти донесе радост каква што очекуваше. Што почувствува кога за прв пат го зеде кларинетот во раце?

 

Кларинетот го чувствувам како дел од себе од самиот почеток и пред тоа, уште како дете, чувствував дека фали нешто што ќе ме направи целосно среќен. Тоа не го почувствував преку запознавањето со пијаното, иако е прекрасен инструмент, зошто Господ ме создал да сум едно со кларинетот и голема радост e, уште во детството, да се открие ваква вистина.

 

 

Овој факт објаснува и зошто секојдневното повеќечасовно дружење со инструментот ми претcтавуваше, и се` уште ми претcтавува, големо задоволство. Секогаш кога започнувам со свирење, чуствувам некоја посебна љубов, кристално чиста, безусловна. Тоа е свет каде не постојат проблеми, препреки, материјални натпревари. Тоа е свет каде има само љубов…

 

Кога сите се дружеа за викенд, ти одеше во Софија на дополнителни часови по кларинет, кај познатиот професор Петко Радев, поранешен кларинетист на миланската скала. Што значеше, во тоа време, таа „жртва“ за тебе?

 

Додека го посетував средното музичко училиште во Битола, во класата на одличниот прoф. Панде Татарчевски, со којшто освоивме голем број на награди во текот на школувањето, толку многу бев задлабочен во проучувањето на кларинетот, што едноставната детска љубопитност ме натера да посакам да ги откријам патиштата кои го обојуваа cвeтот на овој инструмент.

 

 

Кога открив дека прoф. Петко Радeв се вратил од Милано и предава во Софија,  решив да учам кај него, па така, преку викенди во текот на целото мое средно образование, одев на часови во Софија. Многу беше напорно, огромни ангажмани во текот на седмицата, патувања – во петок се качував на автобус, истиот ден се враќав назад и така 4 години. Но едно е сигурно – патувањата и малтретирањето се ништо во споредба со целото знаењето што го добив, вклучително и развојот на мојата личност.

Јас бев дете и бев сам по патиштата кога не секогаш беше многу безбедно, посебно во голем град како Софија. Пристигнувавме многу рано, на зима немаше каде да се чека, па на минус температури чекав по неколку саати надвор додека да се отвори Академијата, ги поминував часовите и се враќав дома во Битола. Но, и покрај се`, беше многу интересно и често пати кога се враќавме назад, го земав кларинетот па со песна цел автобус го поминуваше патот до Македонија.

 

 

Помина една година на факултетот за музичка уметност во Скопје, кога реши дека ти треба нешто повеќе и дека сакаш да студираш надвор од Македонија. Зошто Љубљана? 

 

Во Софија не ги продолжив студиите затоа што мe повикаа на разговор и ми предложија, како голем талент, да се декларирам како Бугарин, што за мене беше понуда којашто не сакав да ја прифатам. Сметав дека музиката не познава граници, такви политички и идеолошки прашања не ме израдуваа, па затоа се запишав во Скопје.

Во текот на таа година, мојот талент го забележа професорот Саша Николовски – Ѓумар, кој за жал не е повеќе меѓу нас, велејќи ми “Дете, пред тебе е светот, треба да пробаш  да го освоиш” , што ми даде доста материјал за размислување и на крај решив дека сепак треба да тргнам по нов пат.

 

На заедничкиот концерт со Влатко Стефановски – приватна архива

 

Се одлучив за Љубљана бидејќи не е многу далеку од Македонија, јазикот е сепак словенски, со многу сличности и најважното – љубљанската музичка академија отсекогаш важела за многу квалитетна. Приемниот испит го положив со највисока оценка, студирав во класата на проф. Славко Горичар, кој кога виде со колку лош кларинет свирам, не можеше да поверува дека свирам толку добро, ме праша да не свири некоја касета што сум ја донел со себе. Со него постигнавме огромен успех, многу први награди и признанија, ден денес доаѓа редовно на моите концерти и сме многу добри пријатели.

 

 

Со преселбата во нова држава, дојде и новата љубов. Колку средбата со сопругата Барбара беше љубов на прв поглед и со што го освои твоето битие?

 

Кога дојдов во Словенија бев многу осамен. Наеднаш се најдов во земја со друга култура, јазик, темперамент, обичаи. Телефоните беа скапи, се јавував дома по неколку минути, но кога ќе ја спуштев слушалката, пак бев сам. За среќа, Барбара се појави во мојот живот по само неколку месеци престој во Љубљана.

 

Горан со сопругата Барбара – приватна архива

 

Кога ја здогледав, знаев дека е правата, имаше многу убави очи…срцето се освојува веднаш, но не секогаш можеш да идентификуваш со што. Кај мене беше погледот што ме допре до срце, без зборови. Тоа е љубов.

 

Еден период, кога преживувањето ти беше приоритет, како да „скршна“ од својот музички пат. Кога сфати дека единствено со кларинетот живееш вистински и без компромиси?

 

На почетокот од моето доаѓање во Словенија морав да работам се` и сешто. Едно време работeв и како вратар во КМШ, еден студентски кафич во Љубљана, заедно со мојот цимер, Ѓорѓи Сталески. Поминавме многу убави моменти заедно, но работата беше напорна, нечесто и до 6 наутро, такашто не ми остануваше многу време за инструментот.

Еден ден, еден од вратарите беше тешко повреден, што за мене беше нешто како „повик за будење“ и тогаш решив целосно да се посветам само на кларинетот. Во рок од една година, ја освоив златната плакета за кларинет во Словенија и бев единствениот, во конкуренција на таленти од целиот свет, што ја положи аудицијата за Словенечката опера и балет.

 

 

Ти беше единствениот кларинетист од твојата класа кој помина аудиција и влезе во националната опера и балет во Љубљана, каде работеше некое време. Во тоа време беше дел и од познатата словенечка група Terrafolk, со која настапуваше на елитни фестивали низ Европа. Како одлучи дека сето ова не е доволно за тебе и реши да се пријавиш на приемен испит во еден од најелитните универзитети во светот – Моцартеумот во Салзбург?

 

Кога ја положив аудицијата, којашто беше зад завеса (значи никој не знаеше кој свири) бев пресреќен. Но, со почетокот на работата забележав дека на институцијата позади оркестарот не ѝ беше некако мило што положи момче од Македонија, па започнаа игри кои беа доста политички и не ми даваа простор за целосно да ѝ се предадам на уметноста.

Барајќи канал за изразување на својата музика, се поврзав со групата Terrafolk, музичка група што ја освои BBC world award, преку која се здобив со огромно искуство и знаење, за што ќе сум им вечно благодарен. Настапувајќи насекаде низ светот, повторно ја почувствував првата љубов кон музиката, чиста, без никакви додатоци. Станавме многу добри пријатели и долго време заедно музициравме и творевме.

 

 

На прашањето зошто се појавив во Салзбург, одговорот е многу едноставен: затоа што чуствував дека сум како вулкан, спремен да еруптира од музиката која вриеше во мене. Чувствував и дека светот мора да ја слушне, за јас уште повеќе да се доближам до перфекцијата на инструментот. Тогаш за првпат, кога го сретнав професорот Alois Brandhofer, кларинетистот на берлинската и виенската филхармонија, ми стана јасно дека музиката е бесконечна и безвременска, дека еден живот е премалку за да научиме се` што Бог толку совршено создал.

 

 

После неколку доаѓања на Mozarteum, за мене зборуваа дека сум чудниот гениј, кој го освои срцето на професорот Brandhofer, човек кој се` уште важи за генијален и многу строг професор, со најдобар тон на светот.  И навиcтина е генијален.

Ако мe прашате како изгледаа часовите… можам да кажам неконвенционално, хахах. Кога ќе ја затворев вратата, таму повеќе не постоеше просечност на умот и битието, само строга дисциплина и перфекција. Светлото се гаснеше и свирев на памет – од најтешките етиди за кларинет, до железниот репертоар во класиката и современата музика. Грешка – никогаш, никаде. Ако не си спремен за ваков час, подобро е да не доаѓаш во Салзбург. Ете, нa кратко тоа значи Mozarteum.

 

Schindler's list by John Williams …#schindler #list #john #williams #violin #romantic #best #music #eufrazijana #porec #croatia

Posted by Goran Bojčevski on Tuesday, October 20, 2020

 

По една година студирање, професорот Brandhofer ми рече дека во мене врие од музика, дека открил скриен талент за компонирање. Се насмевнав, реков Јас ли? „Да, да!“ и ме прати кај професорот Еrnst Ludwig Leitner, еден од најдобрите австриски композитори. Отидов кај него со порака дека ме прати професорот Brandhofer, на што ми рече „Аха, ти си генијот за кого ми зборуваше“ и така започнав со компонирање. Од тогаш напишав голем опус на дела, меѓу кои и делото Nostalgie, што го создадов баш за оркестарот Mozarteum, пред неколку години.

 

 

Што значи Nostalgie за тебе и колку ти значеше што едно такво твое емотивно дело, е изведувано од еден од најдобрите оркестри во светот?

 

Nostalgie е дело што е напишано како резултат на поканата која дојде од страна на Mozarteum оркестарот. Бев единствен, меѓу најдобрите композитори од Австрија, кој доаѓа од југот. Композицијата се темели на моите мечтаења за Македонија, за пропуштената младост во неа и истата ја диригираше одличниот диригент од Америка Glenn Prise.  Подоцна ја изведуваа и во USA, каде доживеа огромен успех.

 

 

Синчето Тарас е музичар од мали нозе. Колку се гледаш себеси во него?

 

Тарас е моето се. Кога се роди, сфатив дека навистина постоело нешто многу помоќно од сето она што погоре искрено ви го напишав. Одличен гитарист е, прекрасно момче, премногу сум горд на него, и сум му најблагодарен на Бог за најголемата љубов што ми ја даде.

 

Горан со синчето Тарас – приватна архива

 

Која е твојата муза и што најмногу го буди твојот креативен порив?

 

Повеќе би рекол инспирација, тоа е природата. Сонцевиот изгрев и жуборот на реката, мирисот на Македонија.

 

Свириш повеќе инструменти. Во кој се пронаоѓаш најмногу, а кој ти е најголем предизвик во моментов?

 

Свирам повеке дувачки инструменти. Со кавалот направив приредба на познатата тема од филмот Game of Throne , со која создадов многу успешен спој со македонската езгија – луда идеја, но многу добра. Сакав низ целиот свет да слушнат колку е моќна нашата традиција и култура.

Јас целосно се предавам на музиката и што ќе почувствувам на душата дека најмногу одговара – тој инструмент го земам. Така тој станува душа и не е повеќе средcтво, oднocно „само“ инструмент.

 

Кој е Горан, кога никој не гледа и во што уживаш, освен музиката?

 

Тоа најдобро да ја прашате мојата сопруга, хаха. Најмногу уживам во прошетките со мојата прекрасна фамилија.

 

Горан со сопругата Барбара и синот Тарас – приватна архива

 

Што е Македонија за тебе?

 

Неостварена љубов.

 

Везилка Магазин