Интервјуа

Горан Стојков – Фуди: Во недостаток на можност за креативно изразување, фотографијата беше вистинскиот начин да се ужива во создавањето

Везилка Магазин

На Горан Стојков – Фуди сигурно се сеќава една генерација во чие време започнаа да се воведуваат социјалните медиуми, технологијата и виртуелниот свет во Македонија. Во тој период тој ја започна својата емисија посветена на овие прашања, наречена „Мрежа“. Графиката и компјутерскиот дизајн, како две големи пасии, на Горан му овозможија 20-годишно искуство во медиумски куќи во Македонија, кое пред 4 години реши да го прекине и продолжи по сосема нов пат во Франкфурт, Германија.

Одлучен да постигне повеќе од она што 20 години го градел во Македонија, Горан аплицирал на еден од најголемите и најфрекфентни аеродроми во светот – франкфуртскиот, и ја добил работата. Следувале дополнителни сертификати, дипломи и курсеви, и водејќи се по девизата „Ако не промениш ништо, ништо нема да се промени“ променил многу работи и денеска се наоѓа на високото трето ниво во раководството.

Извор: Fudi photography

Во обид да го задоволи внатрешниот порив за креативноста што ја „напушти“ откако замина од Македонија, пред година и пол ја открил љубовта кон фотографијата и од тогаш апаратот му е најверниот другар на сите патувања и искуства. Помеѓу многуте желби за иднината, онаа за внатрешен мир и спокој, ослободен од влијанието на негативни и бесцелни луѓе, како и другата, за сопствена изложба на фотографии, се чини се желби на кои Горан работи најактивно во моментов.

 

Како еден графички дизајнер, кој пред скоро 20 години ја водеше „Мрежа“, емисијата за технологија во Македонија, решава да ја остави работата по телевизиите и семејно да се пресели во Франкфурт?

 

Горан: Со тек на време, навидум убавата професија во медиумите стануваше се побезвредна, а со тоа и приватниот живот, со оглед на тоа што финансиите се тесно поврзани со квалитетот на живот. Гледајќи дека иднината не носи ништо добро и водејќи се од неверојатно точната дефиниција „Ако не смениш нешто, ништо нема да се смени” решив да преземам сериозни чекори за промена.  Најдобар избор беше, секако, заминување во странство, во земја која го пружа сето она што сите го заслужуваме – еден добар, убав живот. И се случи Германија.

 

Можеби еден од најтешките моменти е започнување живот во туѓа држава чијшто јазик не го зборуваш, надополнето со деца во чувствителен период од својот развој. Имаше ли моменти кога почувствувавте дискриминација и што ти беше најтешко, а што најлесно, да прифатиш од германското општество?

 

Горан: Германија, љубов на прв поглед. Пример за држава, општество кое се грижи за своите граѓани и каде што секој граѓанин е почитуван. Секој труд се цени, секој труд се возвратува. Преубава земја.  Земја со повеќе од 22.000 замоци, со вистински метрополи и помали градови кои се како од приказните. Земја со висока култура. Токму таа култура беше тоа што мене, како новодоселен, со минимално знаење на јазикот, ми помогна брзо да се адаптирам на новите услови на живот. Од сите страни поддржуван и помаган, работите добија вистинска насока.

Секако, почетокот не беше лесен, голема промена, но мојата мисла водилка беше каков ќе ми биде животот за 3 години од моментот на доселувањето. Испадна дека сум имал добра проценка, со тоа што одлуката за преселба стана најдобрата одлука која некогаш сум ја донел.

 

Набрзо по преселбата аплицираше за работа на еден од најпрометните аеродроми во светот – франкфуртскиот. Мислеше ли Фуди тогаш дека ќе ги „победи“ локалните конкуренти и ќе влезе на тоа работно место или тоа што тогаш се случи беше изненадување кое покрена многу промени, и внатрешни и надворешни?

 

Горан: Во адаптацијата многу важен беше моментот кога станав дел од еден од најголемите и најпрометните аеродроми во светот, аеродромот Франкфурт. Нов предизвик, нови видици, нови хоризонти. Со многу труд успешно положив голем број тестови и се здобив со 7 сертификати.  Одличниот европски систем ми овозможи да напредувам и да стигнам до високо 3 ниво.

Извор: Fudi photography

Со тоа уште еднаш се докажа дека ние, како нација, можеме многу и сме способни за високи достигнувања, доколку тоа ни се овозможи. Самата професија и позиција многу влијаеа во стекнувањето самодоверба и верба во понатамошни успеси, како на службен, така и на приватен план.

 

Велиш „Не трошам време на нешто што не ми носи задоволство, здравје или пари“. Која лична трансформација ја сметаш за најзначајна во твоето живеење надвор од Македонија?

 

Горан: Влијанието на целокупната околина секојдневно по малку ги менува моите погледи на светот, на начинот на размислување, така што за изминативе 4 години се забележуваат видливи промени, секако на подобро. Повеќе разбирање за околината, за поинаквите размислувања, односот кон луѓето воопшто.

Старите навики од старото општество веќе се заменети со нови, навики коишто носат мирно, едноставно и убаво секојдневие. Енергијата од грижите во минатото е насочена кон создавање на конструктивна иднина и остварување на поставени цели. Конечно, реченицата „Човекот може се, доколку доволно го посакува и доколку доволно работи на тоа“ доби вистинска смисла и во праксата.

 

Пред две години откри нова љубов – фотографијата. Беше ли тоа внатрешен крик за изразување креативност, со оглед на тоа што престана да креираш во телевизиите, или друг беше поривот што те поведе по овој пат?

 

Горан: Не знаеш колку си во право со прашањево. Сосема точно е, во недостаток на можност за креативно изразување, фотографијата беше вистинскиот начин да се ужива во создавањето. Фотографијата, како уметност, не само што овозможува големо уживање, туку е и најдобриот начин да се забележи сета убавина што нѐ опкружува, а која во секојдневната трка со обврските, не ја ни забележуваме.

Она што околината ни го пружа, јас веќе две години активно го овековечувам преку објективот на начин на кој јас го гледам, а резултатите се создавање една убава архива на случувања и моменти, која се надевам во даден момент ќе биде крунисана со изложба.

 

Ги доживуваш ли поразлично моментите, сега кога си цело време со апаратот во рака, за разлика од претходно? Во необично прекрасен момент, дали одлучуваш прво да уживаш, па фотографираш, или апаратот е секогаш прв избор?

 

Горан: Едноставно, со фотоапаратот како најдобар другар, ниедна прошетка не е празна и бесцелна. Секој момент е потенцијална историска фотографија. Многу фотографии станале легендарни само затоа што се направени во вистински момент. И токму затоа што моментите се минливи и неповторливи, секогаш фотоапаратот има предност пред уживањето во убавините.

Извор: Fudi photography

 

Во идеални услови, каде би сакал да живееш и што со уживање би правел секој ден?

 

Горан: Идеалното место на живеење, според мене, е комбинација од неколку места, каде што секое нуди посебни задоволства. Тоа би бил отприлика живот поделен во Германија, Скопје и мало место на море. Секако, најважно е сето тоа да биде поделено со семејството, пријателите и луѓето кои ни значат.

 

Постои ли надеж дека би се вратил некогаш во Македонија? Има нешто што треба да се промени за тоа да се случи?

 

Горан: Секогаш постои можност, реална или помалку реална. Во моментов, со оглед на општествената ситуација во Македонија, таа можност е многу далечна. За жал, долги години нема никаков напредок во подобрување на животот на граѓаните, што всушност, беше и една од причините за одлуката за заминување.

Горан во Виена – приватна архива

Колку повеќе време сум надвор од Македонија, толку повеќе ги гледам разликите во секојдневието, како еден нормален живот треба да се одвива. Се надевам следните години ќе се направат напори за да се подобрат условите и целокупниот живот, со што голем дел од нашите иселеници, кои се докажани експерти во своите области, својот капацитет и искуство би можеле да го понудат во Македонија и да допринесат за подигнување на вредностите во општеството.

Везилка Магазин