Гордан (Гоги) Кошутиќ, роден во Сараево, е детето бегалец со македонско потекло кое во 1993 година, благодарение на тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров, со своите родители и брат го напушти пеколот во којшто живееја една година и со живот, спакуван во четири куфера, пристигна во Битола. Градот несебично го отвори своето срце за тинејџерот, кој иако немаше ништо материјално, сепак доби многу љубов и поддршка од Македонците околу него, и Битола му беше дом во следните седум години.
Во 2000 година Гордан семејно се вратија во Сараево, за по втор пат да започнат живот од нула, овојпат издигнувајќи се од урнатините на градот што го напуштија нецела деценија претходно.
Во интервјуто за Везилка ни раскажа за својот живот пред и за време на војната во Босна и Херцеговина, за моментот кога дозна дека и тие ќе се качат на автобусите што живот им спасија и за живеењето во Битола и Сараево до денес.
Да започнеме од почетокот на приказната – како беше да се живее во Сараево во 80те и 90те години на минатиот век?
Гордан: И тогаш и сега, тоа е град со постојано раширени раце кон сите добронамерни луѓе и без оглед на тоа што се случи во минатото со војната, градот има свој шарм, лице и углед. Јас сум семејно веќе трета генерација во овој град и израснат сум во мултиетнички дух, кој го краси овој Сараево, а кој сака да почувствува топлина и гостопримство, баш онака срдечно и без резерва, како што бев прифатен и јас од сите луѓе во Битола и драга Македонија, го поканувам да биде мој гостин.

Јас сум роден во 1980 година и овој град од најмала возраст ми го формираше детството со добриот хумор и музиката на Бело Дугме, Мерлин, Црвена Јабука, Плави Оркестар. Со првиот снег и школскиот распуст денот го започнував со скијање на олимписките планини Бјеласница и Јахорина, а навечер со брат ми одевме на уметничко лизгање.
Тоа беа многу добри дружења, додека лизгаш се надеваш дека ќе видиш некоја симпатија од училиште за да се „покажеш“ и направиш некоја финта со лизгалките, истовремено пазејќи да не ја искршиш задницата и испаднеш многу смешен.
Во 1992 година започна војната во Босна и Херцеговина. Во тоа време, ти беше 12годишно дете, со соништа за животот, но наместо нивно исполнување, доби домашен „затвор“, деноноќно криење и спиење во када за време на бомбардирањата. Беше ли свесен дека животот ти е во ризик и колку продолжи со дружењата со другите деца?
Гордан: Со многу горчина во грлото се сеќавам на тој дел од животот, кога на самиот почеток на војната ги прашав мајка ми и татко ми што се случува, но не добив одговор, бидејќи тогаш и тие беа збунети…истиот ден подоцна, во нашиот стан влезе првиот ни комшија во воена униформа и ни кажа дека мораме веднаш да се сокриеме во визбите на зградата бидејќи се очекува големо гранатирање на градот. Тогаш снема и струја, а гранатирањата кои започнаа беа многу силни и траеја толку долго, што во моите очи ми изгледаше како никогаш да нема да престанат и како никогаш повеќе да нема да ги видам моите школски другари и другарите од улицата.
Од тогаш, животот мој и на моето семејство беше како дел од најстрашниот филм, режиран од режисер кој нема граници. Брат ми и јас, како деца, бргу се прилагодивме на новите услови на живот…честопати го ризикувавме животот и не бевме свесни дека само еден чекор нѐ делеше од смрт.
Имаме многу анегдоти од тоа време….една од нив е кога направивме маса за пинг понг од стара врата, а палки од стари школски книги, и кога ќе се заигравме и топчето ќе излезеше надвор од зградата, тогаш настануваше кавга: кој и како да оди по топчето, а да се врати жив и здрав. На крај тој најчесто одеше, не затоа што беше постар брат кој сакаше да ме заштити, туку затоа што јас бев многу бавен во неговите патики кои ми беа за два броја поголеми, бидејќи немавме пари да купиме нови за мене…носејќи ги неговите, знаевме дека јас ќе немам шанси да избегам од снајперистот кој пукаше пред нашата зграда.

Имаше периоди кога и храна имаше сѐ помалку, а нашата детска желба за слатки работи стануваше сѐ поголема , па често се задоволувавме со коцка шеќер или некоја импровизација на мајка ми со што ќе се најдеше во домот, бидејќи немаше ништо да се купи, нит направи, без струја и вода. Млеко и јајца добивавме во прав од хуманитарните организации и дента кога кога ќе стигнеше таа помош, беше празник за нашите очи….тогаш многу работи изгледаа нереално, имајќи во предвид дека бевме во Европа и на прагот на 21 век.
Во април 1993 година, тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, испрати 8 автобуси во Босна и Херцеговина, за да извлече и донеси во Македонија локални жители со македонско потекло. Меѓу нив беше и ти, со твоите родители, брат и кучето Ари. Кажи ни нешто повеќе за моментот кога дозна дека и вие ја добивте можноста да извлечете жива глава од пеколот…
Гордан: После година и пол живеење во опколеното Сараево, после многу изгубени и раселени училишни пријатели и нивните семејства и безброј непроспиени ноќи, надвор од домот и мојата соба, еден ден мојот постар брат Вања, носејќи буре со дваесет литри вода од едно, тогаш разрушено, училиште, прочита повик за евакуациски конвој, како резултат на соработка помеѓу Обединетите Нации и Македонија, на чело со претседателот, господинот Киро Глигоров.
Информацијата во тој момент ни се чинеше нереална, затоа што имавме сознанија дека градот е целосно блокиран и апсолутно никој од цивилите нема излезено веќе еден месец. Во тоа време, граѓаните на градот ноќе рачно копаа подземен тунел, долг точно 785 метра, под аеродромската писта каде, само 9 години претходно, слетуваа сите олимписки спортисти и луѓе од целиот свет да ги бодрат своите тимови на Зимските олимписки игри (Сараево 1984). Но, ние немавме многу време за размислување и во рок од 24 саати моравме да ги спакуваме најосновните лични работи и да го напуштиме опколениот град.
Се сеќавам дека по нас дојдоа луѓе од организацијата на тогашниот конвој кои зборуваа македонски и кои ни влееја доверба и дадоа цврсто ветување дека претседателот на Република Македонија директно стои во организацијата на сите сигурносни детали и дека сѐ ќе помине како што треба. Веќе следниот ден јас и моето семејство се уверивме дека ке бидеме спасени и дека Македонија цврсто одлучила да нѐ повлече и превземе сите ризици на себе…
Тие денови во градот паднаа околу 300 гранати од различни топови и тенкови….животот го изгубија многи млади луѓе, па и цели семејства. После само една година од нашето живеење во Битола, имав прилика и лично да му се заблагодарам на претседателот кога беше гостин на филскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Се сеќавам како моите зборови беа проследени со многу емоции и солзи во очите, а претседателот само ме помилува по косата и ми рече „Момче, биди среќен во твојата втора татковина, Македонија“.
Кој ви обезбеди покрив над глава и покуќнина, со оглед на фактот дека во Битола пристигнавте со само 4 куфера?
Гордан: Баш така, со 4 куфера….во четвртиот куфер, што беше мој, имаше само неколку мои играчки и количиња, што ги понесов со мене, бидејќи тогаш тие ми беа сѐ на светот. Секако тука беше и нашето мало куче Ари, кое ни беше како петти член на семејството.

По пристигнувањето прво во Скопје, па Битола, добивме поддршка од многубројната фамилија и од пријатели, кои на почетокот нѐ слушаа со недоверба, за после да сфатат дека нам навистина ни е потребна помош…сите беа вистински хумани луѓе, за што и ден денес имаме бескрајно почитување и благодарност.
Во најчувствителите тинејџерски години, се најде во држава која не беше твоја, со јазик кој не го зборуваше, иако делумно разбираше. Какви беа првите месеци во училиштето во Битола, со новите другари?
Гордан: По доаѓањето во Битола требаше повторно да се запишам во петто одделение, бидејќи заради воените дејствија, не ја завршив таа година во Сараево. Отсекогаш имав голема желба да го усовршам македонскиот јазик и да научам што повеќе за историјата на Македонија, па честопати, шетајќи во паркот уште како дете, го терав дедо ми Трендафил (на мајка ми татко) да зборува на македонски и да ми пее македонски староградски песни.
Можам да се пофалам дека многу брзо го научив јазикот и дека тогашната учителка Вера Даркова, во училиштето Стив Наумов, ми беше од огромна помош и поддршка и честопати, по часовите, ме учеше некои зборови што ги нема во мојот јазик.
За време на живеењето во Битола, имаше ли кошмари и трауми од бомбардињата и убиствата преживеани во Сараево и како се соочуваше со истите?
Гордан: Искрено, такви кошмари немав, освен една случка кога излегував од училиште, кога слушнав пискав звук, по што се наведнав и скрив, мислејќи дека е граната од минофрлач, а тоа всушност беше цистерна полна со вода која поминуваше блиску до училиштето.
Многу брзо по пристигнувањето во Битола започна да работиш. Беше чирак на млекар, на дограмаџија, помошник камерман во локалната телевизија Тера, снимаше реклами и продаваше пржени компирчиња на Широк Сокак, само за да заработиш нешто екстра за себе и своето семејство. На што се сеќаваш од тој период?
Гордан: Во тоа време потребите на еден тринаестгодишен тинејџер беа големи, а финансиските можностите многу мали. Имам многу анегдоти од тој период кога одлучив да заработувам сам и во исто време да одам на училиште, но едно е сигурно – имав многу самодоверба и навистина верував во себе.
За кратко време прекрасните луѓе од Црвениот крст нѐ повикаа и ми дадоа гардероба што беше во доминантно маслинесто зелена боја и како шиена за војска. Иако знаев дека тоа е мојот единствен избор на облека, на мојата среќа ѝ немаше крај, па и покрај фактот што моите врсници носеа најнова облека од познати светски модни марки, јас така излегував во битолските кафичи и дискотеки.

Набрзо потоа започнав добро да заработувам, носејќи домашно млеко по куќи…со првото будење на денот, ќе седнев во чеза со чичко Павле од село Могила и ќе запеевме заедно додека градот спиеше. Следно одевме од куќа до куќа сѐ додека не ги потрошиме сите резерви на млеко за тој ден, по што ме чекаа училишните клупи.
И точно е тоа дека за викенд бев и помошник на молер и дограмаџија, келнер, па работник во телевизија, а сѐ со цел да запознам што поголем број на пријатели и да продолжам онаму каде што застанав со војната во мојот роден град.
Во 2000 година, по поминати 7 години во Битола, семејно се вративте во Сараево. По втор пат се најде на почеток, овој пат на возобновувањето на стариот живот. Колку беше градот променет по војната и во која професија се пронајде?
Гордан: Сараево тогаш беше доста разрушено и скоро сите пријатели беа иселени, но желбата за нормален живот и нов почеток беше исто тако одлучна како кога во 1993 година дојдов во мојата драга Битола. По школувањето бев примен во една австриска банка и тоа беше уште еден мој животен пресврт. Влегов во Европскиот банкарски систем во земја во време кога истата се опоравуваше од војната и кога сите граѓани беа директно врзани со банките за сите свои животни потреби.
Во 2012 година се ожени со босанска актерка, доби син, но се разведе пред 2 години, кога и целосно реши да го промениш својот живот. Што ти недостигаше, па реши да се избориш за да го добиеш?
Гордан: Можеби тоа требаше да се случи после сите овие животни турбуленции и можеби се тоа и судбини за коишто човекот некогаш нема целосна контрола. Сега го имам мојот син Мак и уживам дружејќи се со него.

Честопати се обидувам да му ги предочам основните животни правила како љубов, почитување и толеранција, со целосно разбирање кон луѓето на кои им е потребна помош. Искрено, се надевам дека ќе успеам во таа моја намера, а тој знае дека неговиот татко ќе биде секогаш до него, без оглед на тоа што ние како пар не успеавме.
Од денешна перспектива, какви чувства ти будат годините поминати во Битола и колку тоа искуство ти помогна во адаптибилноста и силата за промени и нови почетоци?
Гордан: За крај само ќе речам БЛАГОДАРАМ Битола и Македонија! Да знаете дека секогаш ќе ве носам во срце, заедно со сите добри пријатели кои ми се како браќа и сестри: Петар П, Петар Б, Аце, Томче, Марио, Зоран, Ирена, Ивона, Марија и многу други.
Ве сакам сите…
Вашиот Гордан Кошутиќ.