Во телото имаме 50 трилиони клетки, но имаме 10 пати повеќе микроорганизми! Околу 1000 различни видови! Тоа е околу 2 кг од нашата телесна тежина.
Дали сме луѓе?!
Суштеството наречено човек е всушност колонија на хумани клетки и микроорганизми-бактерии, вируси, габички, протозои. Вкупниот број на гени на микроорганизмите кои живеат во нас, наречен микробиом, е за повеќе од 100 пати поголем од вкупниот број на гени на човекот, хуманиот геном.
Човекот е суперорганизам, во кој човекот и микроорганизмите формираат екосистем и живеат во симбиоза, во заеднички соживот со кој и двете страни придонесуваат и меѓусебно си помагаат.
Здравиот бактериски микробиом е витален “орган“ за нашето здравје.
Тие се нашата армија, која е распределена на границата меѓу надворешниот и внатрешниот свет, во најголем број по должината на луменот на ситемот за варење, на кожата, но и во дишните патишта и белите дробови, во репродуктивните органи кај жените.
Нашата микрофлора го стимулира имуниот систем преку меѓусебна размена на информации, учествува во препознавањето на своето од туѓото, го балансира имуниот одгoвор, спречува инвазија од непожелни, патогени микроорганизми, учествува во метаболизирањето и апсорпцијата на храната што ја внесуваме, создава за нас значајни витамини.
Но, дејството на цревната микрофлора не е исклучиво локално. Метаболитите-продуктите на нејзиниот метаболизам покрај дејството на цревниот имунитет влијаат и на белите дробови и мозокот. Постои меѓусебна комуникација меѓу микрофлората во цревата и белите дробови. Има докази кои укажуваат дека во раната возраст, формирањето на здрава цревна микрофлора влијае на создавањето на здрав имун одговор во белите дробови.
Нарушувањето на микрофлората во цревата, влијае на зголемувањето на осетливоста кон бактериски и вирусни инфекции на белите дробови.
Кои видови на бактерии ја формираат цревната микорфлора, зависи од тоа како се храниме.
99,9% луѓето се идентични едни со други во однос на геномот домаќин – хуманиот геном!
80-90% луѓето се разликуваат меѓу себе во однос на микробиомот!
Ако не се грижиме за нашите бактерии, нашиот екосистем не е толку разновиден и богат, слично како и во планетарниот еко-систем на Земјата, некои видови исчезнуваат.
Микроорганизмите кои се дел од суперорганизмот кој го носи нашиот идентитет има свои диететски потреби. Одбирајќи го нашиот оброк, ги одбираме и видовите на микроорганизми со кои ќе го делиме нашето тело.
Промената на микрофлората се случува со промена на исхраната во тек на неколку денови до неколку недели.
Продолжува…
д-р. Сања Катушевска Вангелски е психијатар со клиничко искуство во областа на адиктологија, како и групна и индивидуална работа со ранливи групи. Таа работи како гешталт психотерапевт во едукација и пишува текстови од областа на ментално здравје и личен раст и развој. Посетувала и едукација од семејна и системска психотерапија. Живее во Берлин.