ИнтервјуаНие низ светот

Даниела Хоцк: „Животот знае да биде едно патување со ролеркостер и не знаеш што те очекува после кривината“

Интервју со Даниела Хоцк од Германија, мајката која стои позади познат профил на Инстаграм

Везилка Магазин

Кога прв пат исконтактирав со Даниела, преку нејзиниот Инстаграм профил, немав никаква претстава за тоа кој всушност стои позади тастатурата. Сѐ што знаев и гледав беа фотографии на три прекрасни девојчиња, кои несомнено покажуваа колку истите уживаат во природата и животот. Точно во тој момент, точно таму каде што се.

Уште при првиот контакт со оваа мајка, сфаќате каква прекрасна личност се крие позади профилот. Сфаќате колку многу ја научил животот низ годините и колку нејзината свесност не ѝ бара да се стави себеси на јавната сцена, под рефлекторите.

Наместо тоа, Даниела одбрала на светот да му го понуди искуството на својата најстара ќерка Елизабет, како прирачник за еден живот, живот што повеќето од нас не сме ни свесни дека постои.

Ненаметлива, искрена, смирена и свесна за секој момент, кога ѝ пратив неколку прашања со кои сакав да дознаам нешто повеќе околу нејзината личност, желби и лични борби, Даниела ми врати текст на кој, да бидам искрена, немаше потреба да се промени ниту една точка, заради што и решив истиот да оди оригинално, онака како што оваа мајка се изразува – искрено, лично и изворно сурово, без ничии насоки и потпрашања.

 

*****************************************************

 

„Отсекогаш верувам дека на патот за донесување големи одлуки, најтежок е првиот чекор. Токму така беше и кај мене, кога пред скоро 14 години донесов драстична одлука да престанам со практиканското стажирање во една адвокатска канцеларија, да ја прекинам потрагата по солидна и добро платена работа во Македонија и да барам нови алтернативи надвор од границите на нашата таковина.

Даниела со сопругот и ќерката Елизабет – приватна архива

Иако бев свесна дека визниот режим го отежнуваше остварувањето на мојата желба за еден нов почеток, неуморно барав алтернативи и решенија. Макар тоа значело дека морам да почнам од нула.

Една таква опција, или шанса за виза и скромен почеток, беше токму опцијата АУПЕР или дадилка. Си ја спакував дипломата во куфер и заминав сама, во за мене нова земја, со нов јазик, но со огромна мотивација и решителност.

Во потрага по подобра иднина.

Морам да кажам дека ова аупер искуство беше од огромна важност за мене и беше позитивно од секој аспект. Добив можност да го изучувам јазикот и да посетувам школо за јазик, да ја запознаам германската култура и менталитет, а истовремено бев поштедена од грижите околу кирија и место на живеење и додатни трошоци во вид на храна, превоз, здравствено осигурување и слично.

Искуство, кое секако е индивидуално, во зависност од семејството домаќин, но за мене прекрасно и искрено го препорачувам на секого.

Завршетокот на годината како аупер, не беше крај и на мојата авантура тука, во Германија. Напротив, добив доволно знаења и информации кои ми овозможија да го продолжам своето образование и да се запишам на втор факултет, овој пат меѓународен бизнис менаџмент, кој успеав да го завршам во рекордно време и со тоа ми се отворија сосема нови врати и можности за работа и надоградба.

Скоро 14 години подоцна, говорејќи за овие почетоци, за тоа како почна сѐ, во моментов се чувствувам како да говорам за некој друг. Толку далечно. Претпоставувам животот знае да биде едно патување со ролеркостер и не знаеш што те очекува после кривината. Дека едноставно е потребно да испаднеме од брзите вагони и да забавиме.

Да дишеме длабоко и да започнеме да уживаме во моментот. Мене ми беше потребно истото.

После неколку години во грч и неизвесност, конечно научив да прифаќам сѐ што животот нуди, да пронаоѓам и вистински да уживам во многу мали моменти од секојдневието. Повторно да се врати оној дух, онаа енергија и мотивација за која зборував на почетокот од моето патување.

Долго бев во потрага по совршенството…сѐ до моментот кога сфатив дека истото не постои и ја доживеав бесцелноста на таа потрага. Сега би се опишала како практичар, реалист и тежнеач кон балансот. Претпоставувам дека во периодот пред да станам родител, мајка, многу гледишта и сфаќања, а и самата јас карактерно, драстично се разликуваат од овие сега.

Мајчинството беше најголемиот предизвик со кој сум се соочила до сега. Како мајка на 3 деца, 5.5г, 4г. и 2.5г., изминативе години беа прилично интензивни на сите полиња, како приватно, така професионално и емоционално.

Здравствената состојба или предизвиците со дефицити во развојот, со кои се соочи најголемата ќерка, ни дадоа сосема нова насока и ритам во секојдневието. Покрај редовните неделни третмани, прилично напорни и исцрпувачки беа и безбројните анализи и испитувања. Во потрага по оној инпут, во исчекување на оној момент кога ќе се направи клик и ќе ни даде нова енергија да го продолжиме патот и одењето по тие врати.

Најтежок момент за мене, како мајка, не беше дијагнозата, која и после 3.5г се уште не ја добивме и покрај тоа што е пациент на три врвни клиники и толку многу анализи, туку чувството на неизвесност. Кај ќерката настана губење на стекнатите способности во сите можни сфери од развитокот. Момент кога нејзината сестра беше бебе, а јас веќе трудна со трето.

Оној немир и страв….што ако никогаш нема подобрување, што ако е наследно, што ако е генетско, што ако и нејзината сестра се соочува со истите предизвици, што ако моето неродено дете треба да го поминува истиот пат. Што ако, што ако, што ако…

Премногу прашања без одговор и премногу бессони ноќи. Прашања на кои го добив одговорот, добар за нас, но предоцна, бидејќи додека се завршија сите испитувања и анализи со кои се утврди дека кај нејзе не станува збор за тоа, додека да потврдиме дека сестрите имаат нормален развој, како и до моментот кога и таа започна со будење и враќањето на стекнатите способности – нѐ чинеше нашето здравје.

Две години по првите третмани од сите можни области кои во моментот беа потребни и на располагање и кои ни даваа надеж дека ќе започне нејзиното будење – истото навистина и се случи.

Во моментов сум со Елизабет во една рехабилитациона клиника за деца со пречки во говорот, каде ќе престојуваме еден месец, со цел да се надмине и последната пречка со која се соочува – изговорот.

Фината моторика, грубата моторика, емоционално, когнитивно и рецесивен говор после 3.5 години интензивни третмани, меѓу кои и логопедски, дефектолошки, психолошки, физиотерапевтски, музички, јавање коњи, пливање со делфини, се успешно надокнадени. Позитивни сме и мотивирани за надминување и работа и на овој, последен предизвик.

На терапија со делфини на Карибите – приватна архива

Ова искуство секако ме промени, ме дооформи како личност. Научив да ги ценам сите мали нешта и да се радувам на секој наш мал чекор, мал успех на моменти на среќа од секојдневието, на начин претходно непознат.

Игрите за стимулација на ќерката полека станаа многу многу повеќе, станаа дел од нашата рутина, нашата игра и забава. Препораките на стручните лица за совладување на некогашните сензорни проблеми прераснаа во едно ново сензорно доживување и истражување на природата.

Открив својата пасија и љубов кон сосема нова област – детскиот развој и раната стимулација. Започнав до касно во ноќта да читам литература поврзана со развојот, со методи на учење и работа со деца, но и начини на стимулација за надминување на различни дефицити и нарушувања.

На прашањето без што не можам, до пред една недела ќе речев без моите ќерки. Но со моето доаѓање тука со најстарата ќерка, со надеж дека ќе го добие најдобриот третман за совладување на проблемот со говорот, претпоставувам се демантирам сама себе.

Среќни, возбудени, полни со надеж и со позитивен поглед на тоа што ќе донесе месечниот престој тука, но истовремено сум со болка и буквално дупка во срцето, бидејќи нејзините сестри се дома.

Составен дел од модерниот ритам на живот се и медиумите и социјалните мрежи, па би го издвоила мојот Инстаграм профил кој го започнав со огромна љубов и надеж дека нашето искуство ќе им помогне на многу родители кои се соочуваат со вакви или слични предизвици.“

Везилка Магазин