ИнтервјуаНие низ светот

Дафина Маловска: И развиените системи имаат аномалии

Интервју со Дафина Маловска од Лондон

Везилка Магазин

 

 

Никој никогаш не знае кога ќе се случи магијата која ќе го поврзе со партнерот, местото на живеење, дестинацијата за одмор или местото за сопствениот мир. Скромниот план на скопјанката Дафина Малоска да го унапреди англискиот јазик во Лондон, отворил нов поглед дека токму Велика Британија е земјата која нуди можност за реализација на нејзините животни цели. Така во 2015 година, наивната планирана куса посета на убавиот град ја натерала да се запише на студии, а потоа и да одлучи да живее и работи во Англија.

Навидум совршеното општество ја фасцинирало постојано. Чувството кое ви овозможува да бидете свои и под туѓ кров ве освојува и ви ја дава потребната топлина за убав живот. Но „дупките“ во системот се гледаат најдобро која сами ќе почувствувате проблем во решавањето на вашиот проблем. Во ова интервју на „Везилка“, Дафина раскажува за раѓањето на активистот во неа и желбата да направи промени во развиено општество.

 

Кога и како се случи преселбата во Велика Британија? 

 

Дафина: Во 2015 дојдов во Лондон. Сакав да го подобрам англискиот јазик. Потоа одлучив да студирам и работам.

 

 

 

Потребата за промена во општеството доаѓа по лични искуства на луѓе кои почувствувале аномалија во системот. Како се случи будење на твојот активизам во кралството? 

 

Дафина: Мојата здравствена состојба се наруши. Почнав да чуствувам подуеност на стомакот и нормално побарав лекарска помош од мојот матичен лекар од кого не бев сериозно сфатена со месеци. Бев пратена на гастроскопија, а гинеколошкиот преглед беше пропуштен.

Кратко потоа дојдов во Македонија да ја изненадам сестра ми за нејзиниот роденден и одлучив да отидам на гинеколог. По прегледот ми беше дијагностицирано рак на матката (со тежина од 500г). Операцијата беше неизбежна, така што ми беа отстранети репродуктивните органи, со што се исклучи можноста некогаш да имам свои деца.

 

Јас сум среќна што сум жива и здрава, но после мојата доцна дијагноза заклучив дека женското здравје во Англија не е сфатено сериозно и потребна е итна промена за да се спасат други животи и да се спречат непотребни страдања. Затоа ја започнав петицијата за Годишен Гинеколошки преглед за секоја жена, почнувајќи од пубертет. До сега петицијата има собрано 38.000 потписи.

 

Колкава поддршка имаш од креаторите на политики?

 

Дафина: Мојата петиција ја подржаа 3 пратеници и групата за Женско здравје во Парламентот.

 

 

Во „болни“ моменти, почувствува ли потреба од блискост во татковината или пак се почувствува привилегирана што можеш полесно да го најдеш патот до своето здравје имајќи резервна земја?

 

Дафина: Дијагнозата беше утврдена во Македонија и таму одлучив да ја правам операцијата. После операцијата бев ментално и физички слаба и останав во Македонија два месеца затоа што ми требаше помошта и поддршката од моето семејство.

 

Кои се работите што би ги променила во Англија?

 

Дафина: Би направила промени во здравствениот систем. Редовни бесплатни годишни прегледи под надзор на гинеколог, затоа што истите се недостапни во моментов.

 

 

 

 

Како изгледа идеалното место во кое би сакала да живееш?

 

Дафина: Јас го сакам Лондон затоа што нуди многу можности и избор за секого. Но, би било идеална земја за мене доколку му се посвети внимание на женското здравје, како и на други работи.

 

Женското здравје е загрозено од повеќе параметри во светски рамки. Која е пораката до жените која ти ја упатуваш?

 

Дафина: После моето искуство со доцна дијагноза и губење на можноста да имам свои деца, сакам да ѝ посочам на секоја жена дека нејзиното здравје е најважно и да ѝ биде на приоритетната листа без размислување. Да не ги пропушта годишните гинеколкошки прегледи и да ја охрабри нејзината ќерка, сестра, пријателка, да не го заборава здравјето кое ѝ дава живот.

Везилка Магазин