Интервјуа

„Дај му време на времето и се` ќе биде во ред“

Интервју со Илина Бакев, претставник на Мамас во Австрија

Везилка Магазин

Илина Бакев е претставник на Mama’s Foods за Австрија, која се преселила во Виена во 2018 година.

Во интервјуто за Везилка Магазин ни открива кои биле причините позади таа одлука, и како ѝ течи животот овие 2 години.

 

Како, кога и зошто се најде Илина во Виена?

 

Јас лично во Виена дојдов прво сама во мај 2018 година со цел да почнам да средувам документи, стан, да најдам училиште и градинка за децата. Бев сама 3 месеци, а се комплетиравме на крај на август истата година, што значи јас прославив 2 годишнина. Целта за нашата преселба беше професионален ангажман.

Да бидам искрена јас многу оддамна сакав да се отселам од Македонија бидејќи целото мое образование беше по американски образовен систем и некако не можев да се пронајдам во македонските професионални стандарди и вредности. Иако бев втора генерација во средното американско училиште „Нова“, па заминав на студии на New York University во Солун и завршив посдипломски на истиот универзитет во Скопје, Америка никогаш не ми била целна дестинација.

Илина Бакев – приватна архива

Нели животот е многу непредвидлив и не секогаш се одвива по план, посебно за вакви големи одлуки, па мојата желба за преселба беше ставена во втор план откога родив две деца едно по друго и според мене најодвратната болест на денешницата, ракот, замеша прсти во моето најблиско семејство. Моето мото е дека ако човек сака нешто толку многу, дека кога тогаш желбата ќе му се оствари. Така после 7-8 години од првите желби и планови за преселба, се преселивме во Виена – град кој не беше воопшто ни на видик за размислување како место за живеење во првиот план.

Дали преселбата во Австрија беше првото искуство на живот во странство за тебе?

 

За мене лично не беше прво искуство, како што веќе спомнав, живеев во Солун 4 години за време на студиите. Неколку пати имам одено и во Англија на месец-два на изучување на англискиот јазик, но има голема разлика кога сте сами без семејство, во раните 20-ти години, безгрижни и единствена задача ви е да учите. Многу важно е тоа што не се трудите да се вклопите во средината и тамошното општество, бидејќи не сте секогаш со цел да останете во земјата. А сосема различна е трајната преселба кога имате деца, се грижите како тие ќе ја прифатат промената, како ќе се снајдат бидејќи не го познаваат јазикот, немаат другарчиња.

Она што после ова искуство можам да го споделам е дека децата навистина се деца, родителски е да се грижиме, но тие толку лесно ја прифатија промената што дури мислеа дека се на одмор отидени, се им беше интересно и ново. Сепак ова е лично искуство, иако знам семејства чии деца имале потешкотии на почетокот, но адаптацијата поминала и сега тие не знаат за друг живот од сегашнот. Според мене потешко е ние родителите или повозрасните да ја направиме и прифатиме промената. Ние имавме прекрасен живот во Македонија, и јас и сопругот одлична работа, стан, кола, пријатели еден куп, одеднаш дојдовме во земја каде не го познаваме јазикот, правилата, законите, се е ново, непознато.

Илина Бакев – приватна архива

Исто многу важно е дали двајцата родители работат или само еден, бидејќи доколку работи само едниот што е најчесто случај на почетокот, адаптацијата на другиот член оди потешко.  Затоа мој совет е на семејства кои се мислат за преселба да не се секираат толку многу за децата, малку повеќе да се погрижат за својата психофизичка состојба. Среќа имаме пријатели кои веќе живеат во Виена, па ни помогнаа во процесот на адаптација и администација што многу значи кога одите во непозната земја.

 

Како мајки, секогаш во позадина на секоја одлука размислуваме за нашите деца. Колку во одлуката за преселба во Виена беа опфатени и децата, и како се снајдоа тие?

 

По природа брза сум многу, па така и сега веќе одговорив дел на ова прашање во предходното ?

Во одлуката за преселба децата беа клучен фактор. Да, секако и нашите желби беа земени во предвид, но целта на децата да им се отвори патот кон светот, да им се даде подобра иднина, да им се отворат можностите и видиците, ни даде храброст и елан да направиме животна одлука. Доколку не се преселевме сите, бевме одлучни дека едната ќерка ќе ја пратиме кај едната тетка во Амстердам, а другата кај другата тетка во Мадрид. Па си рековме, зошто да се делиме, ајде да пробаме како семејство. Децата одлично се снајдоа, јазикот го совладаа за неполни 6 месеци.

Помалата ќерка е во градинка, па за неа и не беше некој проблем што не го познаваше германскиот јазик. А големата ќерка тргна во прво одделение, седна во клупа без збор германски да знае. Но, системот за интеграција е одличен, таа беше прекрасно прифатена, работеа екстра со неа во однос на јазикот. Сега можам да кажам дека таа нас не учи правилен германски.

Времето им е исполнето со активности од училиште и градинка, нон стоп се надвор децата, многу се внимава на физичкиот и менталниот развој и секојдневнието им е исполнето и различно. Со сигурност можам да кажам дека се среќни, што ни беше многу важно кога се селевме. Мислам дека таа цел ја постигнавме ние, ни и тие самите – свесни или несвесни со оглед на годините.

 

Ти си претставник на Mama’s foods за Австрија. Како го доби овој професионален ангажман, и дали и претходно работеше за Мамас во Македонија?

 

Да, јас работев за овој бренд веќе 5 години во Македонија. Mama’s е бренд кој го има во над 40 земји во светот и јас верувам во неговиот квалитет како да е лично мој производ затоа и ја прифатив понудата. Константниот стратешки развој и инвестирање во брендот, квалитетот на производите, интернационалниот пристап и брендирање за мене се пример на успешна приказна од Македонија која вреди да се претставува гордо низ светот. Mama’s е основан пред 10 години и секоја година само ја зајакнува својата позиција низ пазарите каде е присутен. Кога имате квалитетен производи со години, кога не го уништувате квалитетот поради профит, купувачите тоа го ценат и остануваат верни.

Илина Бакев – приватна архива

 

Колку е лесно/тешко да се влезе во пазар како што е австрискиот? Колку време ти требаше за да ги ставиш првите производи на Мамас во некој голем супермаркет?

 

Ова прашање да ме прашаше на почетокот кога започнавме со работа, ќе ти речев дека многу брзо и лесно ќе влеземе во некој ланец на супермаркети од моето знаење дека Mama’s е присутен во регионот, во групации на супермаркети кои ги има и во Австрија. На пример Mama’s е позициониран во Rewe групацијата во Германија која ги има Billa и Merkur супермаркетите во Австрија или во Spar во Хрватска. Поради овој факт мислев дека ќе биде лесно, но од сегашно искуство можам да кажам дека Австрија е мал пазар, не ги интересира многу што се случува на другите пазари. Така што го одиме тешкиот пат.

Илина Бакев – приватна архива

Првите производи успеавме да ги позиционираме во најексклузивниот маркет во Виена, Merkur Hoher Markt, кој се наоѓа на 100 метри од Stephansplatz за 6 месеци. Она што го научив е дека производот мора да „созрее“ на пазарот, да го докаже својот квалитет пред да добие шанса на пазарот.

 

Какви се Австријците професионално, а како приватно? Дали прифаќаат без проблем странец кој им зборува на англиски, или претпочитаат човек кој направил чекор плус и им го научил јазикот?

 

Претпоставувам како и секаде, има луѓе кои полесно не прифаќаат, има луѓе кои и покрај тоа што им го збориме јазикот, нема никогаш да не` прифатат. Најголем дел од искуствата ми се позитивни кога не сум можела да се разберам на германски, па да свртиме на англиски. Но, се трудам да зборам германски секогаш бидејќи прво ми треба за работата, работам на овој пазар, во австриска компанија, сите документи се на германски, а потоа и за училиште на децата. Бараат помош, треба да го разберам материјалот за да им помогнам.

Но, мислам дека оние Австријци кои се поотворени кон странци, ценат многу кога ќе им го научиш јазикот. За нив значи дека се трудиш да се вклопиш, да се интегрираш. А во земја каде што многу си го ценат јазикот, пример во ниедна институција не е дозволено да ви се обратат на англиски, доколку сакаш да се интегрираш, тоа е единствениот начин.

 

Што те исполнува, од што бегаш, и како се ослободуваш од секојдневниот стрес?

 

Ме исполнува спортувањето, вежбањето и трчањето. Во Скопје бев дел од едно „розево племе“ кое беше и сеуште е заразено со вежбањето аеробик. Таа енергија која ја имаме како женска група, која прерасна со годините во пријателство,  не` држи уште – еве во време на корона вирусот вежбаме преку Facebook. Инструкторката се пресели во Норвешка, па и од таму уште не држи заедно.

Илина Бакев со децата – приватна архива

Во Виена не можев да се замислам да вежбам во друга група, па поинтензивно почнав да трчам. Трчав и во Скопје ама не толку многу поради загадениот воздух. Сега времето за трчање е време само за мене, мој физички вентил, а уште повеќе ментален. Откога се преселивме многу повеќе го ценам времето поминато со децата, бидејќи овие две години го имаме многу малку, а потребни сме им. Така што, другата работа која многу ме исполнува е активностите во природа со нив. Моментално времето не ми дозволува време за други нешта. Овие две ми се приоритети за да ја задржам/име физичката и менталната среќа.

 

Дали некогаш чувствуваш доза на дискриминација?

 

Да не се лажеме, никогаш нема бидеме целосно прифатени дека сме „нивни“. Но, ние уште за време на преселбата ги имавме јасни цели и одиме само напред. Рипаме препреки, решаваме проблеми, пробуваме со цела сила и енергија да успееме да развиеме компанија на австрискиот пазар. Доколку мислиме на кочниците кои се на патот, меѓу кои и дискриминацијата, ќе се откажевме уште пред да почнеме. Јас отсекогаш сум верувала вреден човек, со посветеност, не откажување, со квалитети и верба во себе ќе успее каде и да се наоѓа. Земјата во која живееме не го трасира нашиот животен пат, тука ние самите.

Илина Бакев – приватна архива

 

Кој пад те треснал од земја, а кој подем ти дал ветер во грб да продолжиш понатаму?

 

Приватно падот кој ме треснал од земја е смртта на мајка ми од рак, а поддемот кој ми даде сила да останам присебна беа моите две ќерки – едната беше 2 години и другата 7 месеци. Во исто време се боревме со болеста, и дознав дека сум трудна со второто дете, а првата ќерка имаше само 1 година. Тогаш во мене се кршеа најголемите стравови и среќа.

А професионално, за мене постојат само можности. Бидејќи секоја неостварена цел е научена лекција, совладана нова вештина, нов контакт…Ветер во грб да продолжам понатаму ми дава поддршката и вербата која ја имам од сопственците која е реткост во ова време.

 

Кога би можела да се вратиш на Илина во деновите кога пристина во Виена, каков совет би сакала да ти имаа дадено?

 

Дај му време на времето и се ќе биде во ред.

Везилка Магазин