ИнтервјуаНие низ светот

Да се биде оперска пејачка е привилегија каде и да сте

Интервју со Милена Арсовска, македонска оперска пејачка во Виена

фото: Andreas Hoyer
Везилка Магазин
Музиката е универзална и не познава граници. Публиката ја сака и тука и таму, но предизвик е да се пее на штици на кои застанале врвни историски имиња кои ги памети операта.
Милена Арсовска од Македонија е една од нив. Гласните жици ги подмачкувала во Скопје, за да пее во Виена.
Оној кој сонува – многу работи, а тој што многу работи – го остварува сонот.
Како Violetta во “La Traviata” на Националниот Театар Ostrava

Велат, да се биде оперска пејачка во Македонија е тешко. Но како е да се биде Македонска оперска пејачка во Виена?

 

– Да се биде оперска пејачка е привилегија каде и да сте. Ова е една прекрасна професија која ве прави да се чуствувате навистина посебно. Воедно е и професија која бара многу пожртвуваност, голема одговорност и дисциплина на спортист.

Да се биде македонска оперска пејачка во Виена не беше лесно, но мојата амбиција ми помогна да се борам, а воедно и да напредувам се повеќе. Со самиот факт дека Австрија нуди 17.500 концерти и претстави годишно можете да замислите само колку музичари и оперски пејачи живеат овде и колку доаѓаат да работат. Конкуренцијата е огромна и навистина е тешко да се докажеш и да бидеш меѓу најдобрите.

Како Violetta во “La Traviata” на Националниот Театар Ostrava

На мое големо задоволство бев неколу пати ангажирана во “Theater an der Wien” една од трите оперски куќи во Виена, потоа учествував на неколу летни фестивали во Австрија, како и на есенскиот оперета фестивал во Блинденмаркт каде бев одлично оценета од  австриската музичка критика.

Во последниве 7 години сум ангажирана во 5 концертни агенции во Виена со кои имам околу 15 концерти месечно во кралските дворци Schönbrunn и  Belvedere, како и во златната сала на  Musikverin. Секоја година  за божиќните и новогодишните празници патуваме на турнеја во Јапонија, Кина или во останатите Европски земји.

 

Зошто Австрија? Зошто Виена?

 

– Австрија и Виена се симболот на класичната музика, на операта, на Моцарт, Бетовен, Штраус… Уште како многу млада, сонував дека еден ден ќе живеам и пеам во градот на музиката. Напорната работа и желбата да се успее секогаш вродуваат со плод, а јас сум бескрајно среќна дека  успеав да го живеам мојот сон. Во изминативе 12 години Виена е мојот дом, но и домот на многу светски оперски пејачи и музичари.

Од концертот со оркестарот на Македонската Филхармонија 

Како слободен уметник многу често патувам. Настапувам како гостин и надвор од земјава па така паралелно сум ангажирана во Чешка, во Националниот театар во Прага и Острава, како и во Германија, каде гостував во повеќе реномирани театри меѓу кои во Магдебург, Вајмар и Бремен. Виена со својата централно европска местоположба е одлично поврзана и тоа е уште една од причините која ја прави идеален град за живеење на еден уметник.

 

Мариела Девија, Крассимира Стојанова, Клаудија Виска, Дорин Дефеј…ова е само низа од плејадата светски имиња со кои имате учествувано на мастер класи. Која е запишана како најдрага соработка?

 

– Многу сум среќна дека ги запознав сите овие оперски певици и значајни имиња за светската оперска сцена  од кои навистина има што да се научи. Сите овие соработки се на свој начин посебни и значајни за мојата музичка надоградба. Нивните искуства и животни приказни се дополнителна мотивација, а воедно и припрема за се она што не очекува на бината.

Како Violetta во “La Traviata” на Националниот Театар Ostrava

Би ја издвоила Местра Девија од која научив многу за италијанското белканто и традициите во пеењето на италијанскиот репертоар, посебно за музиката на Белини како нејзина специјалност. Но можеби како најдрага сепак би ја издвоила соработката со Крассимира Стојанова, која посебно ме плени со нејзината  пријатна личност, и која несебично го споделува своето знаење и искуство од светските оперски сцени.

 

Дали настапувате во Македонија и дали соработувате со колеги од Македонија?

 

– Би сакала многу по често да пеам во нашата земја и да настапувам пред македонската публика. Последен пат настапив во 2017 година на покана од Македонската филхармонија за Новогодишниот концерт. Тоа беше една прекрасна соработка за која сум сигурна ќе продолжи и понатака. Во моментов сум во подготовка на два проекта со двајца македонски музичари и многу се радувам што во блиска иднина македонската публика ќе може да не слушне и види.

фото: Andreas Hoyer 

 

Во ова време кога светот е заспан, концертните сали празни, а улиците пусти, каде ја живеете музиката?

 

– Музиката постојано живее во мене без разлика дали во форма на изведувач или слушател. Во оваа несекојдневна ситуација не е едноставно да се прифати фактот дека можеби шест месеци нама да настапувам пред публика, но се трудам да останам позитивна.  Денот го користам за учење нови улоги, читање музичка литература, редовно ги следам сите дневни изведби од театрите ширум светот , работам онлајн со моите ученици, спортувам и уживам во останатото слободно време.

фото: Andreas Hoyer

 

Колку љубовта доминира во вашиот живот?

 

–  Љубовта е најголемиот двигател во мојот живот. За се она што сум, што го правам и за што постојам. Љубовта кон фамилијата, пријателите, музиката, природата, животните е инспирација, мотивација и сила која единствено може да не промени и да не направи подобри луѓе. За мене не постои живот без љубов во него.

 

Ако не оперска пејачка, што друго би било на мени?

 

– Тешко прашање! Никогаш не сум размислувала за друга професија. Од секогаш знаев дека јас сакам да пеам и дека ќе бидам пејачка. Уште како многу мала, пеев во детски хорчиња, во Златно славејче, потоа училишниот хор каде за секој празник бев солист и кога дојде време за запишување во средно училиште без размислување знаев дека сакам да се запишам на соло пеење во средното музичко училиште.

Како Susanna во “Le nozze di Figaro” на DNT Weimar

Веројатно за многумина звучи нестварно но за мене, на таа возраст, беше кристално јасно што сакам да бидам. Иако на моменти било многу тешко и напорно, сепак не би ја заменила за ништо мојата професија, а и нема поубава работа од онаа која ја правите од задоволство.

 

Колку Виена потсеќа на Скопје, и што најде таму, а го нема дома?

 

– За мене и Виена и Скопје имаат посебно место во моето срце. Во  Скопје се мојата фамилија и моите пријатели. Ме врзуваат прекрасни спомени и Скопје секогаш ќе биде градот на моето детство и мојата младост. Виена од друга страна со сета своја култност кон музиката,  ми овозможи да се изреализирам и да прераснам во целосен уметник.

 

Здравиот човек има илјада желби. Која е вашата најголема?

 

– Во оваа тешка ситуација во која се наоѓаме сите, животот доби поинаква вредност. Би сакала да ја издигнеме нашата свест на повисоко ниво, да се грижиме повеќе еден за друг и да оставиме љубовта да надвладее. Само така ќе имаме подобро утре.

фото: Andreas Hoyer
Везилка Магазин

Напишете коментар