„Од огромна важност е да одржуваме редовни контакти со македонските граѓани ширум светот. Зборувајќи генерално, дијаспората има позитивно влијание врз економијата на матичната земја. Стекнатото знаење, искуство и експертиза на граѓаните од дијаспората може да биде искористено на различни нивоа. Станува збор за огромен човечки потенцијал и расположливи капацитети. Затоа е важно за една држава да има голема и богата дијаспора, постојано работејќи на зачувување и унапредување на тие врски“, Никица Мојсоска Блажевски од „Македонија2025“ за магазинот „Везилка“.
Првично, дијаспора се однесувало на недоброволното протерување на одредено население од нивните матични земји или домородни краеви, но потоа зборот почнал да се употребува и за популацијата која доброволно преминала во дијаспора, т.е. се преселила на различни краеви надвор од нивната земја. Според тоа како се доживува, ја знаат ли граѓаните овде вистинската дефиниција за „дијаспора“?
– Токму така, самиот збор „дијаспора“ означува дел од население од одреден регион или држава (дел од една нација) кое е раселено низ други места во светот. Историски, овој термин се користел да го означи и присилното раселување на Евреите. Имено, во минатото луѓето биле приморани принудно да емигрираат од најразлични причини. Модерното значење на зборот се развива со текот на времето.
Денес, се чини дека под „дијаспора“ најмногу мислиме на луѓето кои доброволно ја напуштаат татковината во потрага по подобар живот. Меѓутоа мислам дека терминот се сфаќа како нешто традиционално и немодерно и сметам дека можеби треба да употребуваме „помодерен“ термин, како „иселеници“. Во широка смисла на сфаќањето, и поимот „дијаспора“ и поимот „иселеници“ означуваат заедништво околу иста цел и искористување на огромниот потенцијал што го нудат успешните граѓани на една нација во светот.

Македонија има своја дијаспора за која е тешко да се процени која е точната бројка поради тоа што многу иселеници со македонско потекло се родени во странство, голем број се од второ, трето или четврто колено на потомство, при што нивната врска со матичната земја е изгубена или многу слаба. Со иселениците од кој крај најмногу комуницирате?
– Македонската дијаспора ја сочинуваат Македонците кои живеат надвор од границите на својата матична земја. Како организација, Македонија2025 е основана во 2007 година, од страна на успешни македонски иселеници, кои имаат визија проактивно да придонесат кон економскиот и демократскиот развој на Македонија. Организацијата има седиште во Скопје, но има и свои ограноци во САД и Канада (со статус на добротворни организации). Нашите поддржувачи се низ целиот свет, а опфаќаме широк спектар на програми кои им овозможуваат на иселениците да возвратат кон својата татковина.
Програмите се во областа на поддршка на економскиот развој на Македонија преку: зголемување на конкурентноста на домашните компании и нивна интернационализација, привлекување на инвеститори, развој на лидерство и лидерски вештини, поддршка на стартап компании и млади претприемачи за брз развој, стипендирање на млади талентирани ученици итн.

Токму една од нашите главни стратешки цели е и создавање можности за зајакнување и подобрување на врските со дијаспората низ целиот свет. Можам да кажам дека најмногу комуницираме со иселениците од Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и европските земји. Имаме различни нивоа на членство. Најголем дел од членовите на Одборот на директори (вкупно 15) живеат и работат во САД и Канада.
Но, тука се и нашиот Клуб на амбасадори и Советот на експерти. Станува збор за докажани професионалци од земјата и ширум светот, кои со својата желба, знаење и подготвеност, учествуваат во реализација на нашите програми и активности, а со тоа помагаат во остварување на целокупната визија и мисија.
Еднаш годишно (на есен) организираме голема конференција позната како Самит, која ја користиме токму како платформа за поврзување на дијаспората со Македонија, за размена на знаења и искуства, поврзување итн. Самитот е навистина врвен настан, од светски ранг, каде што ја покануваме цела дијаспора доколку има можност да дојде и да присуствува на настанот. Минатата година имавме 400 учесници во Скопје, а беше гледана и онлајн од 500 лица ширум светот преку live stream.
Видеата можете да ги погледнете овде.
Зошто е важно за една држава да има голема, богата и дијаспора која не изгубила контакт со својата матична земја?
– Како што кажав, дијаспората за Македонија претставува голем и недоволно искористен потенцијал. Од огромна важност е да одржуваме редовни контакти со македонските граѓани ширум светот. Зборувајќи генерално, дијаспората има позитивно влијание врз економијата на матичната земја. Стекнатото знаење, искуство и експертиза на граѓаните од дијаспората може да биде искористено на различни нивоа. Станува збор за огромен човечки потенцијал и расположливи капацитети. Затоа е важно за една држава да има голема и богата дијаспора, постојано работејќи на зачувување и унапредување на тие врски.
Токму потребата од здружување на дијаспората е она што ја прави организацијата Македонија2025 уникатна. Во овие рамки Македонија2025 имплементира конкретни програми и активности заради исполнување на мисијата и целите. Во сите активности е вклучена и нашата дијаспора. Во таа насока, наша определба (на Одборот на директори на организацијата) е во следниот период да ги засилиме програмите со кои даваме поддршка на македонските бизниси за раст, подобрување на конкурентноста, интернационализација и ориентираност кон извоз.

Една од главните цели на организацијата е континуирано да го зголемуваме бројот на иселеници кои се повзрани со нас. Ги користиме сите расположиви алатки и социјални медиуми за да допреме до што повеќе членови на дијаспората. Секако, честопати и нашите иселеници самите нѐ наоѓаат преку социјалните медиуми, сакаат да научат повеќе за организацијата и слично. Како организација нудиме одлична можност на сите иселеници кои сакаат да помогнат за економски и демократски развој на Македонија да го сторат тоа.
Индивидуалните активности и помош се обично помали и не прават голем импакт, така што нашата задача е да им дадеме алатка и можност на поединците да се здружат и заеднички да направат поголема промена. За сите оние кои сакаат да дознаат повеќе за организацијата и нашите програми, слободно посетете ја нашата официјална веб-страница и/или следете нѐ на социјалните медиуми – Facebook, LinkedIn, Twitter и Instagram.
Како е возможно да се одржува конекцијата/контактот со татковината?
– Многу едноставно кажано, треба да има нешто што ве „влече“ кон татковината. Тоа најчесто е поврзаност со семејството, доколку сѐ уште имате поблиско семејство и/ или роднини, кои живеат во Македонија. Друга линија е, секако, доколку повозрасните членови на семејството им ја пренесуваат љубовта кон татковината на помладите. Но, доколку тоа не е случај, тогаш е многу потешко иселениците да одржуваат контакт со татковината.
За жал, како држава, не сме доволно добро организирани и не нудиме алатки и содржини преку кои би развивале и одржувале контакти со иселениците. Затоа, улогата на невладините организации како Македонија2025 е клучна. Јас сум неизмерно благодарна на основачите на организацијата, Џон Битов Џуниор, Мајк Зафировски и Митре Кутановски што имале визија, желба и биле мотивирани да ја основаат организацијата пред околу 11 години. Како организација континуирано растеме, учиме и се подобруваме, а можностите се неисцрпни.

Нашите програми и активности се развиени врз база на поврзување на иселениците со Македонија и македонските бизниси. Го споменав Самитот, но ќе спомнам уште неколку дополнителни програми. Преку Програмата за извршни директори – Зафировски, секоја година испраќаме врвни македонски менаџери на извршни обуки во САД, на познатата Келог-школата за менаџмент, понатаму преку Програмата за претприемачи – Битов, во соработка со канадската организација CESO SACO, финансираме искусни канадски експерти, кои им помагаат на македонските бизниси да постигнат зголемен развој и интеранционализација. Исто така, ЛИДЕР програмата нуди квалитетна десетдневена обука за млади претприемачи, од познатата канадската школа за бизнис Ричард Ајви при Универзитетот од Канада.
Контактот со татковината може да се одржува и развива на квалитетна и продуктивна основа. Меѓу другото, неодамна отпочнавме дигитална кампања наречена „Youth Diaspora Voices”, која има за цел да ги промовира успешните студенти/ млади професионалци со македонско потекло ширум светот, што претставува одлична промоција на нашата земја, но и зацврстување на поврзаноста со татковината.
Имајќи ги предвид последните случувања со Ковид-19, го користиме потенцијалот на нашите успешни членови од дијаспората за организирање на серија онлајн дискусии/ обуки, каде македонските компании имаат можност да научат повеќе за тоа како светски реномирани компании се справуваат со оваа здавствено економска криза. Тука би го споменала и летното бизнис патување за млади професионалци од дијаспората, кое има за цел да ги поврзе младите иселеници со своите корени, но и да изгради мост на соработка помеѓу бизнис заедницата во Македонија и дијаспората.
Како што реков, можносите се огромни, но главен ограничувачки фактор се финансиите. Ефикасноста на програмите е голема, но како ќе се зголемуваат средствата (се надеваме), така ќе расте бројот на програми и учесници во секоја програма. Ова е можеби одлична можност за апел до сите иселеници да ни пристапат со идеи за слични или нови програми.
Наша постојана цел е да го зголемиме влијанието (импактот) врз економијата. Во таа насока, она на што сме фокусирани сега е изработка на онлајн платформа преку која ќе овозможиме поголемо вклучување на Македонците ширум светот во поддршка на бизнисите во Македонија. Платформата ќе нуди можност на македонските компании да остварат контакт со иселениците кои би сакале да помогнат, и обратно, можност на иселениците да возвратат кон татковината.
Како ја третираат дијаспората високо развиените земји? Кој пример би го посочиле?
– Тука би го посочила примерот на Израел. На Самитот во 2016-та година, еден од говорниците беше извршниот директор на Birthright Israel, Гидеон – Гиди Марк. Фокусот на разговорот беше самата програма Birthright Israel чија цел е да им овозможи на младите Евреи и Израелци да се поврзат со земјата од каде што потекнува нивната традиција. Луѓето што се поврзуваат преку програмата сфатиле дека постојат можности за добивка во поврзувањето помеѓу Израелците и Евреите од остатокот од светот. Поради тоа што многу Евреи не биле и не се во можност да се преселат во Израел, тие одлучиле да ја поддржат земјата така што редовно ќе испраќаат пари. Ова им помогнало на луѓето, компаниите и институциите да ги развијат нивните капацитети, а тоа им овозможило да ја претворат земјата во глобален водач во иновација и технологија.
Исто како Македонија, и Израел не се наоѓа во регион што е добро наклонет кон земјата, што создава сериозни пречки на просперитетот. Но, и покрај овие околности еврејската дијаспора секогаш била проактивна во поддржувањето на луѓето што живеат во Израел. Кога луѓето во дијаспората ќе започнат да ги шират своите мрежи со конкретна цел и кога ќе се поврзат со мрежи од луѓе и организации во Македонија, ќе биде многу полесно да се преземат разни проекти, вклучувајќи и бизнис соработка.
За крај, се надевам дека иселениците нѐ препознаваат и ќе нѐ препознаваат како организација преку која можат да помогнат на својата татковина. Иако учиме од иксуствата на другите земји кои имаат добро организирана дијаспора (како Израел, Ерменија и слично), сепак во некои елементи Македонија2025 е поразвиена. Единствена организација сме од ваков тип во регионот и можеме да послужиме како добар пример за останатите. Сепак, нашата моќ како организација, зависи од мотивираноста и желбата за помош на иселениците. Иселениците се главниот ресурс, а ние сме формален канал преку кој тие можат да помогнат и возвратат кон својата татковина.