Книжевно творештвоМузика и уметностРепортажиСветот низ наши очи

Добриот вулкан Етна

Везилка Магазин

Планината Етна е како еден вид на мајка на овие мали населени местенца распрскани наоколу и буквално „се грижи” за нив обезбедувајќи им плодна почва…

Деновиве вулканот Етна има зголемена активност. Тоа ме потсети на неодамнешната посета на ова фасцинантно место. Тогаш на пат кон Етна поминавме низ Санта Венерина, гратче под самиот вулкан. Беше време за сиеста, заради тоа местенцето изгледаше релативно пусто. Запревме во гратчето само да погледнеме кон врвот. Оттаму убаво се гледаше најголемиот вулкан во Европа. Горе имаше прилично снег.

На пат кон врвот направив неколку белешки на кои им се навраќам денес:
Вулканот е активен, наскоро се очекува ерупција: можеби уште утре, следниот месец, следната деценија, но сигурно пак ќе избувне, како многупати пред тоа. Моментално само се креваат облаци од пареа и гасови. Почвата наоколу е прилично плодна, заради вулканот. Има многу насади на лозје, лешници, јаболка, круши, пистации, маслинки…

Планината Етна е како еден вид на мајка на овие мали населени местенца распрскани наоколу и буквално „се грижи” за нив обезбедувајќи им плодна почва. Но, како и секоја мајка, повремено знае и да им се налути на своите деца и да избувне. Меѓутоа, дури и кога има ерупции е релативно безбедно, на пример за последниве 200 години од ерупциите на Етна погинале (само) 75 луѓе, што е многу помалку во споредба со тоа колку луѓе гинат на патиштата.

Етна е релативно млада планина-вулкан, пред околу половина милион години се издигнала од морето. Денес има 5 активни кратери. Заштитена е од Унеско.

Имаме среќа, веројатно ова време е најдобро за посета на Етна, сè наоколу изобилува со зеленило и најразлични диви цвеќиња, вистинска пролет. Не може да се оди до самиот врв, таму им е дозволен пристап само на вулканолозите. Ние запираме на околу 2000 метри надморска височина.

 

Тука веќе нема вегетација, само стврдната лава и два кратери, моментално не се активни. Едниот од нив, кратерот Силвестри, последен пат еруптирал во 1892 на денот на светецот Силвестри, оттаму го носи името. Од врвот на кратерите има одличен поглед кон населените места во Катанија и Јонското море, во далечината се наѕира Италија од каде што пред неколку дена пристигнавме во Сицилија.

Текст и цртежи: Владо Јаневски
(кратки белешки од патувања по светов)

Везилка Магазин