МакедонијаУметност

Доктор Емил Попорданоски е добитник на наградата за најдобра збирка поезија од иселеник на Струшките вечери на поезијата

Везилка Магазин

Овогодинешната награда „Стојан Христов“ за најдобра збирка поезија од иселеник при Струшките вечери на поезијата ја доби нашиот автор од Мелбурн, Австралија, доктор Емил Попорданоски, за својата збирка поезија „Во прегратките на љубовта“.

Оваа збирка поезија е прва книга на доктор Емил, инаку специјалист по општа медицина, и истата содржи триесеттина песни посветени на љубовта кон својата сопруга Снежана. Пишувани во различни временски периоди и на различни континенти, книгата претставува збир на преточени чувства во една искрена, едноставна и љубовна поезија.

Авторот на предговорот, Ана Бунтеска, за книгата напиша:

„Оваа книга која веќе погоре ја нареков дека е своевидна ОДА за љубената жена, изобилува со едноставност и раскош, кои навидум се неспоиви, но Д-р Попорданоски со невидена леснотија успева на многу едноставен начин да ги прикаже сите слоеви на раскошната убавина кон објектот на неговата љубов и страст. Искреноста во зборот, милозвучноста и моја топла препорака да се прочита ова дело со музика во позадина, е ретка можност да се ужива со сите сетила.“

 

„Љубовна игра“ – Емил Попорданоски

Те поведов
во места далечни и волшебни,
во земји чуени, а незнајни.
Те послужив
со убавини земски и вонземски,
со софри невидени и вина непиени.
Те прошетав
крај мориња пенливи и плажи песокливи,
крај езера бистри и кории магливи.
Те љубев
во мугрите на златно изгрејсонце
и во залезот на бакарно зајдисонце.
А ти повторуваше
Те љубам, бескрајно те љубам…
И така јас дознав дека љубовната игра
не знае за земји, ниту за времиња,
оти е вонземска и безвременска.

 

Книгата можете да ја најдете на Another way of living во електронска и печатена форма.

Му честитаме на господинот Емил и му посакуваме уште многу успех!

Везилка Магазин