Д-р Жана Врангалова е Македонка во Њујорк, докторант по развојна психологија од Корнел универзитетот, истражувач за секс, говорник, писател и консултант, а во моментов и дополнителен професор на Њујорк Универзитетот каде предава неколку предмети за човечката сексуалност. Нејзините трудови се објавени во повеќе научни журнали, автор е на книги, истражувања и натписи, учесник на конференции, предавања и работилници, а беше и ТЕД говорник.
Снешка може ја паметите од Пулсирања, каде беше дел од тимот на водители. Од секогаш отворена кон сексот и нетрадиционалниот начин на живот, д-р Жана своето место под сонцето го пронашла во Њујорк, каде пред 14 години следејќи го своето срце, започнала да живее живот во согласност со нејзиното повисоко Јас. Тоа ја натерало да посвети години детално истражување и работа за разбирање како луѓето, кои имаат нетрадиционални желби, навигираат низ сексот и љубовта, за како се останува безбеден, како да се најде припадност и поврзаност, а не само секс, итн.

Од 2017 до 2019 година заедно со Џо Пардавила го водеше поткастот „Наука за секс“ (Science of sex), во којшто интервјуираше научници за нивните најнови истражувања и со својот ко-водител направија вкупно 59 епизоди.
Нејзината повеќегодишна опсесија да најде одговори на многу табу прашања, ја охрабрило да го развие Моделот за сексуална автентичност и онлајн курсот Open smarter, кој набрзо ќе биде претставен на јавноста.
Доктор Жана секоја недела одржува и двочасовни ЗУМ разговори наречени Uncensored, со кои сака во свет кој е зафатен од тишина, вина, срам и дезинформации, да отвора дискусии со луѓе од различно потекло, искуство и експертиза за да овозможи личен увид, емоционално заздравување и проширување на хоризонтите.
„Ништо во сексот и љубовта не е црно или бело. Сè постои во спектарот и често е сиво и нијансирано. Треба да разговараме едни со други, искрено и со сочувство, за да можеме да ја разбереме убавата сложеност на човечката сексуалност.“ – Д-р Жана Врангалова
Доктор Жана може да ја следите на: YouTube Twitter, Facebook, Instagram
