ИнтервјуаНие низ светот

Драган Гелев: „Никогаш ментално не ја напуштив Македонија“

Интервју со Драган Гелев од Базел, Швајцарија

Везилка Магазин

 

„Домот е таму каде што ви е срцето, а јас имам два – едниот е мојата татковина, другиот каде што е моето семејство. “

 

Во душа Македонец, по лична карта на адреса во Швајцарија. Штипјанецот Драган Гелев пред 15 години одлучил да замине од родното место за да обезбеди посигурна иднина на своите деца. Работи логистика во клиника во Базел, Швајцарија. Ужива во убавините на оваа земја и редовно ѝ се враќа на Македонија. За „Везилка“ раскажува за чувствата, за домот, за комодитетот и желбите.

 

Кое место во светот се нарекува дом? 

 

– Таму каде што е мирот, љубовта, разочарувањата, борбата за место под сонцето, како и тагата и падовите, секојдневието… таму е мојот дом. Но, бидејќи тоа ми е поврзано со еден куп мои луѓе кои премногу ми значат, ја имам таа „привилегија“ сѐ уште да имам два дома (барем јас така си чуствувам).

Тоа е исто како да живееш во паралени животи. Јас никогаш ментално не ја напуштив Македонија.

 

Зошто одлучи твоето семејство да го растеш и чуваш далеку од татковината?

 

– Па не одлучував туку прифатив место за живот каде што иднината на моите деца нема да биде поврзана и условно зависна со тоа дали си дел од некоја група, со цел по патот кој ќе го одат да ја имаат слободата на напредок и развој преку сопствените вредности.

 

 

За жал во Македонија, и тогаш и сега, моралните и општествените вредности се сѐ уште изветоперени и метастазирани од постојаната жабокречина која ги доведе до ова прениско скалило.  Животот е еден!

 

Ти го даде ли Швајцарија тоа што го немаше во Македонија?

 

– Па Швајцарија не ми дала ништо бидејќи ништо не сум ѝ ни барал? А она што ми недостасува е најчесто нешто што никој не може со ништо да ми го надополни.

 

Голем вљубеник си во уметноста. Каде е најшироко небото за луѓето кои сакаат да творат?

 

– Уметноста е најубава таму каде што се раѓа и каде што се создава. На темелите од искрената љубов кон неа. Не е важно дали е во атеље во Лондон, Париз или во дворот на трошна куќарка некаде во Непал или Гана.

Моментот на создавање на едно дело е повеќе поврзан со креативноста отколку со просторот каде што се раѓа.

 

 

Каков е односот на Швајцарија кон луѓето кои не се родиле, но одлучиле да живеат во таа земја?

 

– Да бидам искрен јас овде никогаш не се почуствував ниту пак некој (мислам на професионалното дејствување, а и приватните дружења) како странец. Единствената разлика е во бојата на пасошот, но не  и  во вредностите на животот и културата на живеење кои ги има овде.

Во Швајцарија живеат над 150 различни нации и правилата се исти за сите, и тоа е фер, иако ни овде никој ништо не ти дал на тацна ако за тоа не си се изборил самиот.

 

Како го „лечиш“ телото кога носталгијата ќе завладее со душата?

 

– Денес е лесно да ја лечиш носталгијата, со два часа лет си во Македонија. Затоа и толку често се враќам повторно и повторно ?

 

Дали повторно би се вратил да живееш во Македонија?

 

– Па јас уште утре би се вратил во Македонија, но веќе не одлучувам само јас за тоа. Засега сум овде, барем додека моите деца сами не почнат да си ги организираат своите животи и одлучуваат за себе.

Не размислувам каде и како би живеел после 10 или 20 години, многу ми е поважна суштината и комплетноста на животот сега и овде.

 

Везилка Магазин