ПретставувамеУреднички збор

Една година Везилка Магазин – кои сме, која е целта на нашето постоење и зошто ќе продолжиме со нашата мисија

Збор два од Ирена и Кате, основачките на Везилка Магазин

Везилка Магазин

 

Како сѐ започна?

 

Крај на февруари, 2020. Зачеток на пандемија за која сѐ уште не бевме свесни. Јас во Сиднеј, Кате во Скопје, во муабет на месинџер коментираме за некоја смешка во која македонската дијаспора беше (повторно) претставена како недозреана, неинформирана, неизживеана и националистичка.

„Знаеш, не сме вакви какви што нѐ прикажуваат“ ѝ реков.

„Знам мајка, те гледам тебе“ ми врати Кате.

„Кога ќе размислам, недостига еден портал/магазин кој ќе нѐ соедини и зближи СИТЕ македонски иселеници, посебно модерните. Треба да направиме такво нешто“ констатирав. „Сум ЗА, секогаш!“ ми пиша Кате и така каменот почна веднаш да се тркала. Се состанувавме виртуелно, секогаш едната пиеше вино пред спиење, а другата утринско кафе. И уште тераме така!

Првата дилема дојде за името – Калдрма или Везилка. Патот по кој чекориме надвор не е послан со калдрма, а сепак сите израснавме на нив, но Везилка….Везилка беше она вистинското, исконското, модерното и традиционално. Длабока емоција е запишана во Везилка и едноставно не можевме, а да не го одбереме тоа име. Набрзо ни дојде и логото, како подарок од професорката Гордана Вренцоска, која мотивот го пронајде во вез од невестинска марама од Дебарско. Подобро не можевме да посакаме.

Сајтот го пуштивме на први април. Се смеевме дека секогаш можеме да кажеме дека проектов бил априлили, во случај да не успее, но и двете длабоко во нас знаевме дека тоа е скоро невозможно. Во овој проект влеговме со отворено срце и душа, волонтерски, без финансиска добивка, но со голема цел. Поголема од нас. И сѐ уште така тераме.

Искрени ќе бидеме и ќе признаеме: не мислевме дека Везилка може да има ваков одзив…планот беше да биде портал кој ќе информира, но испадна дека зближува повеќе од било што. Македонскиот јазик, култура, традиција и кујна се чини дека секогаш ќе останат невидлива папочна врвца за секого од нас, без разлика каде живееме. Наеднаш добивме чувство дека имаме виртуелен дом, кој не познава физички граници и кој е секогаш отворен за секој добронамерен гостин.

 

Каде сме сега?

 

Ако зборуваме со бројки – во 52 недели направивме над 85 интервјуа со Македонци од целиот свет, презентиравме над 30 рецепти, создадовме Везилка Бизнис Клуб кој поврзува македонски онлајн бизниси, објавивме над 60 лични текстови на нашинци од различни сфери и претставивме над 20 наши уметници и музичари низ светот со нивни дела, но ако зборуваме од срце – нема мерило за поврзаноста која секојдневно ни се потврдува.

Во оваа година добивме прекрасни соработници кои несебично го делат своето знаење со нас: Тања Брковска – тренер за животни и бизнис вештини, Маја Стојчевски – тренер за родители на посебни деца и од денеска и официјално, Владо Јаневски – наградуван писател, илустратор, сликар, научник и карикатурист, креатор на Палавковците и Уредник на книжевно творештво во Везилка.

Знаете, секогаш можат сѐ да ви одземат, но чувството на припадност и она што ви е во душата, никогаш. Нашиот Горан Стефановски рече „Можеш да глумиш Англичанец во Скопје, но во Англија ќе си само Македонец“ и тоа „само“ е сосема доволно, да знаете. Не сме сами и нема никогаш да бидеме.

 

Што понатаму?

 

Започнат е процесот за регистрација на Везилка како непрофитна организација во Македонија, а во план е и издавање на книга „Везилка: Првите 100 интервјуа со Македонци низ светот“, затоа што некои работи едноставно не смеат да бидат заборавени. Останатите активности си течат секојдневно, имаме премногу за кажување за тука да застанеме!

До следно читање, ви благодариме за неизмерната поддршка којашто ја добивме во изминатата година, за секоја порака со искрени желби и понатаму да продолжиме по патот кој го одбравме, за секоја виртуелна гушка и бакнеж и за секоја солза пуштена додека сте ги читале нашите текстови. Сето ова ни е драгоцено и ни претставува поттик да не престанеме со Везилка.

Со љубов,

Ирена и Кате

П.С. Нашата цел е создавање виртуелна заедница на сите Македонци и еден ден во живо да се запознаеме јас и Кате!

Везилка Магазин