The English version of the interview can be found here.
Родена е во Палма де Мајорка, но има живеено низ целиот свет. Татко ѝ е Вангел Мачковски, мултиталентиран инструменталист кој свири на повеќе од 15 инструменти, родум од битолско Буково, кој последниот половина век го поминал во Шпанија, откако после една интернационална турнеја својата вистинска љубов ја пронашол во очите на една прекрасна Андалузијка и решил да остане и во таа земја да оформи семејство.
Ретко кој знае дека средното име на Маика е Ирена, а презимето адаптирано во Маковски, заради полесна употреба во родната Шпанија. Израсната босонога, со музика и уметност секојдневно присутни во домот, Маика била срамежливо девојче кое својот свет го градела околу природата и пеењето.
На 12 години започнала со создавање на своја музика, на 15 веќе настапувала, на 18 имала свој бенд, а на 21 година го издала својот прв албум.
И ништо од ова не е чудно, имајќи во предвид дека во неа тече крв од едно многу талентирано музичко семејство – баба ѝ Менка (*мајката на Вангел) пеела прекрасно, а помеѓу братучедите кои се професори по музичко образование во Македонија, се наоѓа и Јован Милошевски, музички виртуоз кој е професор за гитара и има свое приватно музичко училиште во Палма де Мајорка.

Седум албуми подоцна и многу подеми, лични трансформации и внатрешни повлекувања и себеиспитувања, Маика се наоѓа точно таму каде треба да биде во моментов – лично освестена, пронајдена во своите македонски корени, со отворено срце и тони љубов за себе и природата.
Желна да научи да готви македонска храна, Маика ни кажа дека до сега го има усовршено само мачкањето ајвар на леб, но дека мајка ѝ, иако Шпанка, прави зелник „за кој вреди да се умре!“.
Во интервјуто за Везилка ни раскажа за своето внатрешно патување, за промените кои не нужно ѝ дошле кога ги барала и за значењето на возобновениот допир со македонските корени.

Маика можете да ја следите на Фејсбук Инстаграм
Пред извесно време, преку песната „Македонија“ ја откривме Маика, пејачката со македонско потекло од Шпанија и Македонците ширум светот полудеа по тебе. Да одиме на почетокот на животната приказна – кој и што влијаеше на твоето музичко патување?
Маика: Ох! Имаше толку многу влијанија во мојот живот.
Претпоставувам дека сѐ започна со татко ми, кој е многу необичен мултиинструменталист. Јас седев во првите редови на неговите претстави уште како многу мало дете. Луѓето ми велат дека отсекогаш сум била внимателна и сконцентрирана на него и музиката и дека сум бегала од секој што се приближувал до моето лице за да ми ги штипне образите или да ми направи нешто од слатките работи што обично сакаме да им ги правиме на децата.

Јас не можев ни да јадам без да свири неговата музика во позадина и се разбира куќата ни беше секогаш полна со неговите инструменти: ретки, како што е серпент, инструмент од 17 век (*труба во форма на змија), на којшто свират многу малку луѓе, Алпенхорн или туба, окарина, ѕвончиња, флејта (и кавалот исто така!), труба, тромбон и итн, листата е долга.

Овие инструменти беа дел од мојот природен пејзаж и мислам дека развив чувство за музиката што ми се допаѓаше и не ми се допаѓаше многу рано во животот, благодарение токму на ова.
Музиката секогаш имаше моќ да ме придвижи и да ги води моите емоции и тоа беше мистериозна сила што навистина ме влечеше и повикуваше.
Твоите македонски корени дури неодамна вистински те „допреа“. Како се сретнаа твоите родители и како изгледаше растењето со татко од друга националност, но без контакт со тој дел од себе?
Маика: Татко ми во 70-тите години одеше на интернационални турнеи со својот бенд и една сезона свиреа во еден клуб во Мајорка, место кое и мајка ми го посетуваше во тој период. Но, оваа приказна не е типична како со познатите музичари: мојот татко беше тој кој немилосрдно ја бркаше мајка ми!

Растењето со татко ми беше навистина забавно. Тој секогаш имал дарба за односи со животни и деца, посебен вид магнетизам. Никогаш не знаев кои делови од татко ми се чудни, а кои делови…..македонски. Тој отсекогаш чувствуваше вина што не ме научи македонски како дете и тоа секако допринесе да имам дистанцирана врска со неговото (и моето) потекло.
Моите роднини доаѓаа од време на време и беа секогаш толку прекрасни, но јас никогаш не можев да разберам за што разговараа, за што се смееја. Сето ова започна да се менува пред околу седум години, кога и самата ја посетив Македонија и целиот живот ми се преврте (на најдобрите можни начини).

Какво беше чувството кога за прв пат застана на сцена?
Маика: Тоа беше една прекрасна потврда дека тоа е тоа што треба да го правам до крајот на мојот живот. Бев во раните тинејџерски години кога се случи ова и почувствував како ми гори грлото и како музиката го контролира целото мое тело.
Што научи и „зеде“ од мајка ти, а што од татко ти?
Маика: Од мајка ми научив како да го анализирам светот околу мене, научив да бидам критична кон себе на избалансиран начин, ставајќи сѐ во перспектива, земајќи сѐ во предвид. Научив дарежливост и исто така научив дека не треба да се плашам да сонувам во големи размери.
Од татко ми ја наследив љубовта кон природата (тој е одличен со растенија, како и со животни и деца). Научив дека љубопитноста и возбудата за животот те одржуваат млад и здрав.
За кој период досега можеш да кажеш дека ти бил најтежок, но и дека ти донел најголема трансформација?
Маика: Имаше доста… Бев многу срамежливо и заштитувано дете и моите родители ме испратија во интернат кога имав 15 години. Одеднаш се најдов во ситуација кога морав да се грижам за себе, па ја научив највредната лекција: дека МОЖАМ да го направам тоа.
Добро е да се чувствувате непријатно, да се приближувате до вашите граници, дури и да ги кршите… Соочувањето е неверојатен учител.
Друг важен момент беше секако Македонија. Некако сакав да заминам од Шпанија во време кога се чинеше дека секој аспект од мојот живот се распаѓа, па помислив дека ќе избегам поминувајќи некое време далеку и ја одбрав Македонија затоа што ми беше погодна: татко ми имаше стан таму, а во тоа време и не бев баш при пари.
Отидов за да се исклучам од својот живот, но наместо тоа, се најдов во срцето на основата. Право во приклучокот, поврзан директно со него. Моето семејство ме прифати на начин којшто го омекна мојот дух и целото искуство ме исполни од глава до пети: љубезноста на луѓето, музиката што ја слушнав, убавината на пределот и најмногу од сѐ, чувството што го имав дека го живеам сето тоа како да е пишано, чувството дека сум дома…
Порасна пред публиката. Која е лекцијата што ја научи и што најмногу те погоди и за кое искуство си најблагодарна?
Маика: Како што кажав погоре, порано бев многу срамежливо дете. Мислам дека за срамежливоста не се зборува доволно и тоа е причината што многу луѓе почнуваат да пијат алкохол или лекови кога се млади, па затоа сметам дека треба да се зборува за тоа.

Чувството што го имав беше како да сум заробена во тврда школка од која не можам да излезам, не можев да им покажам на другите луѓе која сум навистина, ниту да го дадам најдоброто од мене. Музиката ми помогна во поврзувањето со другите, а ми даде и добар почеток, исто така. Кога и да станев да пеам песна, се чинеше како да велам „Еј, во мене има многу повеќе од ова мало лице скриено во ќошот“.
Но сепак, имаше толку многу работи што со години беа тешки. Интервјуата беа болни. Што да ѝ кажам на публиката помеѓу песните, дилемата за тоа како се прикажувам: треба да ставам маска или да ја тргнам?
Да не беше музичкото изразувањето, сѐ уште ќе бев прилично интровертна, но мојата професија ме стави таму, ме клоцна по задникот и ми рече „Продолжи, кажи нешто, заеби го! Ќе видиш дека е добро и дека си добро и дека е полесно отколку што мислиш!“.

Влатко Стефановски и „Учи ме мајко карај ме“ – што значи оваа песна за тебе?
Маика: Првата вечер кога пристигнав во Македонија, останав во Битола со моето семејство и ме натераа да одам на концертот на Влатко и Мирослав Тадиќ во Хераклеја. Имав среќа, нели? Каква ноќ одбрав да слетам!
Така, седев таму, во тој толку спектакуларен амфитеатар, исполнет со историја којашто е и малку моја исто така. Ноќта беше прекрасна, а концертот распродаден… тогаш го добив мојот прв поглед на совршената мешавина на убавина, нежност и хумор – Македонија. Како старите киваа како да нема утре, не обрнувајќи внимание на возвишеноста на музиката или моментот, како официјалниот фотограф седеше на истата карпа за време на целиот концерт без да се оддалечи, правејќи ја истата фотографија по илјада пати. За мене сите тие работи беа толку драги.

Но, назад на музиката: тука беа Мирослав и Влатко, кои ги свиреа сите тие прекрасни популарни македонски песни што јас тогаш не ги знаев. И децата и постарите плескаа, и тоа во 7/8 и 11/8 ритам, а јас цело време размислував: “Што прават овие луѓе?! Јас сум професионален музичар и не можам да го сфатам начинот на којшто овие мали деца плескаат на една песна!“.
Убавината на песните едноставно ме обзеде. И кога ја слушнав „Учи ме мајко, карај ме“, знаев дека тоа е тоа. Тоа беше најубавата мелодија што некогаш сум ја чула.

Неколку месеци по тоа искуство, ја издаде песната „Македонија“, како дел од твојот седми албум Chinook Wind. Како се чувствуваше по претставувањето на овие зборови и 7/8 такт пред светот?
Маика: Ох, стиховите за песната „Македонија“ ги напишав во авион на враќање за Барселона, кадешто живеев во тоа време. Бев толку благодарна за она што го доживеав во Македонија и имав чувство дека се враќам прерано, дека ги кршам законите на судбината. И така, стиховите ги напишав на една од оние хартиени вреќи што ви ги даваат во случај да се чувствувате лошо и ја чував како важен документ.
Мелодијата и хармонијата се случија многу брзо, но тогаш песната звучеше многу поразлично, ми требаше време да ја пронајдам вистинската атмосфера за неа, со жичаните инструменти и тапаните.
Обично не ми одзема многу време за да создадам песна и да беше било која друга, до тогаш ќе ја напуштев. Но, верував многу во оваа песна. Верував во нејзината вистина. И првиот пат кога ја пеев пред публика, плачев како бебе.
Луѓето кои те следат знаат дека си уметник и дека твоите чувства, освен во музика, ги преточуваш и во слики. Кога одлучи дека е време за светот да ја види твојата внатрешна уметност и дали некогаш си имала официјална изложба?
Маика: Јас сум упорна со мојата музика, но не и со моето сликање. Студирав ликовна уметност, но секогаш сум го користела сликарството како дополнителна алатка за изразување и затоа сум премногу непостојана и спорадична за да произведам цела серија којашто би можела да ја прикажам на изложба.
Сигурна сум дека ќе се случи, кога треба!

Љубовта кон природата ти ја пренесе твојот татко Вангел и сега си фасцинирана од пермакултурата. Што обично сакаш да правиш на твојот имот?
Маика: Пермакултурата е веројатно најфасцинантниот предмет на интерес што го открив во изминатите години. Вклучува сѐ за што се грижам. Во основа, тоа е начин луѓето да ПРИПАЃААТ во својата околина, а не само да доминираат во неа сѐ додека не ја уништиме. Се роди како идеја дека човештвото може да биде ДОБРО за планетата, значи не само да се стреми да не направи штета, туку и да направи добро.
Една од работите за која зборува секој пермакултурист (како и секој стар хортикултурист) е важноста да се има здрава почва и да се зголеми биодиверзитетот, како во корист на животната средина, така и на сопствените култури.
Јас се обидувам да ја подобрам почвата тука, затоа што е многу јака, многу компактна и сиромашна со хранливи материи, па растенијата тешко растат. Започнав со фава и грашок, кои се растенија што се способни да го соберат азотот од околината и да го заробат во почвата. Ако продолжам вака, за неколку години би можела да имам пристојна градина.
И ова: мора веднаш да се забрани употребата на фитосанитари!
Колку е љубовта дел од твоето секојдневие и што значеше стапувањето во контакт со твоите корени?
Маика: Љубовта е дел од секој момент од мојот живот! Било да е како препознавање на истата или како недостаток на допир со емоцијата, нешто толку вознемирувачко.

За мене, патувањето во Македонија што го опишав претходно беше токму ова: пополнување на татковата половина што дотогаш беше само делумно полна, дури и без да сум свесна за тоа.
А и знаеш што? Конечно се заљубив, за прв пат, кога се вратив од Македонија. Ете толку ми се отвори срцето таму.
Што значи Македонија за тебе?
Маика: Македонија е како ветување, или можеби надеж. Како „дома“. Таа е блажината што ја најдов во селата кога незнајни луѓе ме покануваа на кафе во нивните домови. Таа е искрата во окото на човекот кој кажал шега, начинот на кој луѓето се смеат и ви нудат храна додека не попукате по рабовите.
Таа е духот на Пеце, кој го води чистењето на Дихово за да помогне селото да се претвори во она што секој агол од Македонија заслужува да биде повторно.

Високите дрвја во лето, тишината во зима, барем додека не влезете во ресторан кадешто сите завршуваат со танцување и пеење околу музичарите и плачење и смеење (да, и тоа ми се случи!).
Малку е тажно да се гледа заминувањето на толку млади луѓе, додека остатокот од нив е оставен во состојба на беспомошност, но тоа се претвора во надеж, надеж дека еден ден сите ќе ја видат Македонија низ љубовни очи како моите!