ИнтервјуаНие низ светот

Емилија Спасовска: „Бројам калории од Токио до Сиднеј“

Интервју со Емилија Спасовска, магистер по нутриционизам

Везилка Магазин

Здравиот живот е потреба, а не тренд, и не само во една земја, туку насекаде низ планетава. Модерното време не познава граници за комуникација, па така и нашата соговорничка, нутриционистката Емилија Спасовска, за Везилка вели дека по нејзините совети „потрчале“ луѓе од секаде. Најчесто со македонско потекло, но нема правила. Отворена за сите, сопственото знаење го става на заедничката трпеза за да постигнат резултати.

 

Ковид-19 е светски проблем. Лекот секаде е ист – добар имунитет. Нутриционистите, како никогаш до сега, се потребни. Дали стравот ја зголемува свеста кај луѓето?

 

Во време на вируси, особено во време на пандемија, јакнењето на имунитетот има посебно значење. Достапноста до многу информации придонесува за зголемување на свеста кај луѓето во грижата за сопственото здравје.

 

Емилија Спасовска – приватна архива

 

Нутриционистите се потребни во правилно насочување за јакнење на имуниот систем и постигнување на баланс, без притоа да се наруши сопственото здравје и да се постигне, или одржува, посакуваната телесна тежина.

 

Има ли разлика во нутриционистичките совети во зависност од местото на живеење?

 

Многу фактори земам предвид пред да направам програм на исхрана. Секој програм е индивидуален и го правам врз основа на детална анамнеза која ја добивам во разговор со клиентите. Нajважните и најзначајните информаци се здравствената состојба, возраста, начинот на живот и активностите во текот на денот и секако еден од факторите е местото на живеење, според кое го правам програмот за да може намирниците  и  храната да се лесно достапни, сезонски и карактеристична за поднебјето.

 

Емилија Спасовска – приватна архива

 

Функционирате физички во Македонија, но вашата работа дозволува и без пасош да влезете во дом насекаде низ светот. Од каде најчесто бараат помош од вас?

 

Флексибилноста во работењето придонесува со мојата работа да стигнам насекаде по светот.  Кога се работи за сопственото здравје и изгледот, но и навиките за здрава исхрана и здрав живот, не се познаваат граници, поради тоа соработувам со клиенти буквално од секој дел во светот, од секоја возраст,  националност, пол, вера..Со една реченица – бројам калории од Токио до Сиднеј.

Со тоа имам можност традицијата од нашата кујна да ја пренесам во секој дел во светот, па вкусот, но и карактеристините егзотични вкусови, да ги доближам до нас.

 

Емилија Спасовска – приватна архива

 

Да се изгубат килограми, но да се остане здрав – тешко ли е да се подготвуваат менија од Токио до Сиднеј? Што е главната карактеристика?

 

Индивидуалниот пристап, прилагодените оброци спрема потребите и обврските на клиентите и еднаквата цена за сите се главните карактеристи и одлики на мојата работа.

Со многу труд, посветеност и љубов кон работата и со мојот програм на исхрана во соработка со клиентите, успеваме секогаш да ги постигнеме посакуваните резултати кои се двигатели во работењето, заедно со препораките од задоволните клиенти.

 

Емилија Спасовска – магистер по нутриционизам – приватна архива

 

Како комуницирате со клиентите?

 

Ги користиме предностите на модерното време и технологијата, во секоја смисла, ја искористуваме за комуникација. Секојдневна комуникација, размена на искуства, рецепти, начин на подготовка на оброците и резултати постигнати со мојот програм на исхрана ги споделуваме заедно со клиентите на социјалните мрежи:

Инстаграм и Facebook

Директната комуникација за подготовка на програм на исхрана најчесто ја правиме преку достапните платформи за комуникација.

 

Емилија Спасовска – приватна архива

 

Есенскиот бран ги расте бројките на заболени. Кои се вашите совети за нашите читатели?

 

Единствениот начин кој може да помогне во борба против настинките, вирусите и корона вирусот е силниот имун систем, кој е потребно да се зајакнува преку здрави животни навики и здрава исхрана, пред се`.

Мојот совет е да се избегнува храна која е високо процесирана, да не се конзумира храна полна со шеќери и трансмасти, на трпезите повеќе да биде застапено сезонското овошје и зеленчук, преку нив да се зголеми внесот на витамин Ц, Цинк, Селен, Омега 3 масни киселини, Б глукан и витамин Д и доколку имаат потреба да се обратат до стручно лице кое ќе направи програм на исхрана според индивидуалните потреби и здравствената состојба, без да ризикуваат да си го загрозат сопственото здравје.

 

Емилија Спасовска – приватна архива
Везилка Магазин