Книжевно творештвоМузика и уметност

Емилија Тодорова со нејзиното „Скопје“ во „Песни за Скопје“

Везилка Магазин

Неодамна од печат излезе антологијата „Песни за Скопје“, во издание на издавачката куќа „Феникс“ од Скопје. Станува збор за поетски избор, кој го подготви нашиот поет и писател Христо Петрески, а се застапени вкупно 21 поети. Меѓу нив се следниве:

Катица Ќулавкова
Емилија Тодорова
Елизабета Бандиловска
Милутин Ђуричковић
Трајче Кацаров
Саво Костадиновски
Милица Јефтимијевић Лилић
Славица Урумова – Марковска
Виолета Мартиновска
Ленче Милошевска
Иво Митев
Наталија Неделкова
Мирче Нешовски
Олга Панкина
Иванка Апостолова
Оливера Станковска
Владо Јаневски
Емељ Туна
Атанас Чупоски

Интересно е што дел од авторите во оваа антологија се наши автори што творат надвор од Македонија. За денес ја одбравме песната на Емилија Тодорова од Австралија.

 

СКОПЈЕ

Му кинел од тестото
кој како стигнал
и пак цел
лебот му е
канет неканет
секој му оставил
мирис и мирудија
под мишка
такви се луѓето
ги плаши минливоста

а тој петпари не дава
џвака џимиринки
ги залева со одлежан расол
гладна река како јазик
му оближува усни
самобендисано
подригнува
и се смее пошироко
од месечината
Циганите што му ја закачиле
над глава
си го чепка носот јавно
со прсти наредени
со дијаманти
се чепори ко петел
љуби игра итрува
дарува со двете
па што и ако греши
му се може –
аршин му е скротум
наа – ко цел Балкан
нека прска
семе има
за цел свет
и отаде

му го носам потомството
дури ваму

 

За авторката

Eмилија Тодорова, родена во Скопје, од 1989 г. живее и работи во Сиднеј, Австралија. Со новинарско и креативно пишување се занимавала уште пред заминувањето од земјатa. Неколку години соработувала со „Студентски збор“ и Третата програма на Радио Скопје. Била еден од основачите и заменик-уредник на списанието за популарна наука „Активус”.

Учествувала на поголем број поетски манифестации во Македонија и Југославија, меѓу кои и „Млада Струга“, „Мајски поетски средби“ (добитник на две први и една трета награда), „Горданино пролеќе“ (избрана во десетте најдобри млади поети на Југославија), „Бранково коло“ (награда на конкурсот за циклус песни) и т.н. Добитник е и на повеќе награди за поезија на македонски јазик во Австралија и на англиски јазик во Австралија и САД.

Објавувала песни во периодика – последно во „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2021). Застапена е и во неколку антологии на поезија на иселеници од Македонија. Најнови објави има во антологиите на поезија „Песни за Скопје“ („Феникс“, Скопје, 2021) и „Современи кратки книжевни форми“ („Феникс“, Скопје, 2021).

Преведува од / на англиски, српски, хрватски, македонски и бугарски.

За исклучителни достигнувања во својата кариера добитник е на значајни австралиски признанија, меѓу кои и Орден за општествени заслуги и Златен медал за унапредување на мултикултурните односи.

Везилка Магазин