Вчера, на 04.06.2021 во 19 часот во просториите на Француската алијанса Сплит, во организација на Хрватско – Француското здружение и Министерство за култура на Македонија, беше свечено отворена самостојна ликовна изложба на скулптури на македонскиот скулптор Никола Смилков, под наслов EMOCIONALNI POKRETI/EMOTIONAL MOVEMENTS.
Никола Смилков е роден во 1973 година во Штип, Македонија. Студирал на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирал и магистрирал во 2002 година на полето на скулптурата, во класата на проф. Драган Попоски Даде.
Во 2012 година се здоби со титула доктор на науки на Факултетот за образование, Универзитет „Св. Климент Охридски “во Битола, од областа на Методи за настава по уметност. Смилков присуствувал на многу меѓународни симпозиуми за време на коишто има изложено монументални скулптури и групни изложби во Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Турција, Франција, Египет и Индија.
За време на неговата професионална кариера, тој завршил неколку студиски посети, вклучително и на Cite international des arts во Париз и Прима центарот во Берлин, завршувајќи ги посетите со самостојни изложби.
Како национално признание за својата уметничка работа, Смилков двапати е наградуван со прва награда за скулптурата „Димо Тодоровски“, од македонското друштво на уметници, во 2008 и 2016 година.
Каталогот за изложбата можете да го погледнете тука.