Ако пред седум години сте го прашале каде ќе живее во следните 10-веројатно ни самиот немало да каже Дубаи. Се` што знаел штипјанецот Богдан Мицов во 2013 година е дека сака поквалитетен живот. Ништо конкретно, ништо планирано.
Но во една од најпознатите книги на Пауло Коелјо стои: „Кога сакате нешто, целиот универзум се залага да ви помогне да го постигнете тоа.“

„Приказната се случи крајот на 2013та година и се случи сосема случајно. Седејќи дома и размислувајќи за својата иднина и како би можел да го искористам својот потенцијал, дојдов до идеа дека мора да заминам надвор од границите на нашата држава ако сакам да напредувам. Во тоа време имав братучед во Дубаи кој работеше во ноќен клуб и го прашав дали има случајно некое слободно место за мене. Тој го праша тогашниот менаџмент и организиравме интервју преку Скајп. Откако ги поминав интервјуата добив одговор дека сум примен, потпишав договор и дојдов. Се се случи во период од 2 недели“, раскажува Мицов.

Заминал со намера да се врати по шест месеци, но животот за него имал друг план. Сега, после седум години во Дубаи, Богдан работи како Генерален Менаџер на една од најголемите угостителски корпорации за ноќен живот во Дубаи каде директно раководи со три Ноќни Клубови, два ресторани и еден Концертен Концепт.
Од друга страна – приватно е партнер-сопственик на фитнес компанија која се занимава со изработка и реализација на персонализирани фитнес и нутриционистички програми како и лични тренинзи.
Покрај сето тоа, работи и како NLP (Neuro Linguistic Programming) Life Coach , мотивационен спикер и хипнотист.

„Она што ме привлече да останам е тоа што почнав да растам во кариерата многу брзо. Компанијата за која што работев го забележа мојот потенцијал и започна да инвестира во мене, почнав да учам се повеќе, да стекнувам нови знаења и да носам резултати, а тоа беше испочитувано од страна на компанијата и тогашниот менаџмент.
Првото унапредување го добив за само 3 месеци а потоа како времето поминуваше станував се подобар и поискусен, што придонесе и за многу понатамошни унапредувања и раст во кариерата“, се сеќава Мицов.

Богдан вели дека Дубаи е земја која се уште се стигматизира. Тврди дека во Македонија се шират невистини за оваа земја.
„Често слушам муабети како тоа во Дубаи е премногу строго или имаат многу ригорозни закони и казни, сето тоа се само измислици. Да, точно е дека има некои работи кои се многу поразлични од Европа и светот, но сето тоа е сведено на нормала и по некое време човек се навикнува.
Има голема разлика од мојата татковина и Дубаи. Ако би пишувал сега би ми требало една недела и пак не би спомнал се… хахах… Но ќе напоменам една голема разлика – СИГУРНОСТ. Дубаи е најсигурен град во светот. Стапката на криминал е само 1-2% . За пример ќе ви кажам дека мојот автомобил никогаш не е заклучен, исто како и мојот стан. Никој не се осмелува ни да помисли да направи нешто против законско. Доколку се случи нешто такво, верувајте нема бегање, сторителот е фатен за максимум 24 часа. “
Човек со јасна цел ретко чувствува носталгија, вели Богдан. Секогаш кога ќе посака, со помош на технологијата е заедно со најблиските кои му недостасуваат.

Амбициозниот штипјанец знае само дека ќе продолжи да инвестира во себе, без разлика на местотот на живеење.
„Па ако зборуваме географски најискрено не знам каде би живеел за 5 години од сега, но знам дека нема да престанам да работам на себе. Секогаш се стремам да да бидам подобар и подобар, инвестирам доста многу во своето едуцирање и мојата цел е да се осамостојам финансиски за да можам да посветам внимание на приватниот живот маклу повеќе – семејство итн итн.“
Најпаметниот совет што го добил и применува го сподели и со читателите на „Везилка“:
„Сами одлучуваме за нашата иднина“, и потсетува дека треба да останеме позитивни секогаш, да не осудуваме никого и да се концентрираме на сопствениот напредок.