ИнтервјуаУспешни бизнис приказни

„Живеам во исто време во Штип и во Загреб“

Интервју со модната креаторка Славица Басаровска

Везилка Магазин

За некои исклучително мачно, за модната креаторка Славица Басаровска е привилегија во исто време да се живее во два града. Професионално функционира во модната конфекција „Линеа“ во Штип, но приватно живее со сопругот и со двете ќерки во Загреб. За Везилка раскажува за убавината, сличностите и различностите и на двете места.

 

Штип или Загреб, чија магија е поголема?

 

– Чувството да живееш на две места во исто време, за мене ја созтава најголемата магија. И покрај тоа што Загреб е прекрасно место за живеење, доколку не би ја имала секојдневната комуникација со Штип, не би го доживувала на исти начин како сега.

 

Извор: приватна архива

 

Кој има поголем вкус за мода, загрепчанки или штипјанки?

 

– Сега вака кога ме прашуваш, си размилувам дека навистина ја имам таа среќа да функционирам во два града со високо изразен смисол за мода, но на различен начин.  Кај жените во Штип, и младите и повозрасните, можам да кажам дека чувството за мода е на многу виско ниво. Фактот дека многу жени во Штип работат во некоја конфекција, и секојдневно се во контакт со европската мода, која што следната сезона ќе биде во бутиците во Европа,  има создадено генерации на женска популација со точно дефиниран став за мода и стил на облекување, и навистина ретко се наоѓа во Штип некој што е “евтино“ облечен.

На жените од Штип природно им доаѓа комбинацијата на боите, и изборот на правиот материјал и квалитет за правата прилика и тоа навистина се приметува во секојдневниот живот.  Додека загрепчанки имаат навистина долга историја на пристап до одбрана мода во својот град, така што денес би можело да се каже дека обожаваат да купуваат во бутици со различни концепти, или популарно наречени Concept Stores, само кога ќе приметиме колку такви бутици има во самиот центар на градот.

 

Извор: приватна архива

 

Како моден креатор во што ја гледаш најголемата инспирација?

 

– Изворот на испирација секоја сезона е различен. Заедничка инспирација секоја сезона е предизвикот. Предизвикот да створиме нешто што ќе ги воодушеви жените со својата убавина, функционалност и практичност.

 

Периодов со твојата матична куќа си на ZOOM поради пандемијата. Колку корона вирусот ја отежнува работата за еден моден креатор?

 

– Во првиот момент мислев дека комуникацијата ќе биде многу полоша од тоа што е во моментов. Од една страна успеавме  брзо да се адаптираме од  технички аспект, а од друга страна сфатив дека сум опкружена со извонреден тим, којшто нема нешто што не може да направи па макар и во услови кои се далеку од нормални. Сето тоа вложен труд во комуникација и соработка со години наназад, за во монентов да се чувствуваме сигурно во себе и успеваме да ги завршиме задачите на ниво.

 

Извор: приватна архива

 

Што е најновото што се подготвува,? Бои? Дезени? Што ќе се носи во овие тешки непредвидливи времиња?

 

– Во моментов се фокусираме на поквалитетни материјали и безвременски модели, коишто би можеле да се носат подолго од една сезона. Боите и дезените се такви што лесно можат да се комбинираат на повеќе начини, така што жените би можеле да изгледаат различно без притоа да потрошат премногу. Мислам дека тоа е првиот пристап кога се очекува непредвидлива иднина.

Везилка Магазин