Интервјуа

„Животот во суштина е многу тешки моменти кои те коваат и спремаат за убавите!“

Интервју со Анастасија Gkaitatzi - Саздов, Амбасадор за Здравје во Амстердам

Везилка Магазин

Анастасија е родена и растена во Скопје, од мајка полу Босанка, полу беровчанка и татко Грк. Колку оваа комбинација влијаеше врз твојата личност, и со која националност се идентификуваш најмногу?

 

Јас се осеќам како дома каде и да сум, најмногу бидејки така ментално одлучувам да ми биде.

Како дете од мешан брак не беше лесно додека растев како, особено од 2 држави кои се во политички конфликт. Моите тин години не беа лесни, имав големи кризи на идентитет, прашањата од типот: која сум? Каде припаѓам? Каде е мојот дом? – постојано ме обливаа, бидејки бев маргинализирана и од двете општества: од Македонија, бидејки бев Гркинка, И од Грција бидејки бев Македонка….

Истото беше  и од моите врсници и луѓето од околината, бидејки постојано ме прашуваа: Па чива си сега? Како се осеќаш повеќе? Нешто слично како и овие сега прашања ? но сега имам многу позрел поглед кон се, а тоа дојде некаде во моите рани дваесетти години кога, благодарение на моите родители кои никогаш не не` присилија ниту мене, ниту мојот помал брат, да бираме, напротив, да бидеме горди на тоа што сме – малку поразлични од сите – ми помогна да оформам став: јас немам потреба да бирам (тоа е повеќе потреба на луѓето да прашаат, и тоа е сосема ок, не е ништо лично), целиот свет може да е мој дом ако така решам (home is where you make it), најважно е да сум горда на тоа што сум, да не се срамам и плашам, напротив да бидам среќна што сум различна.

Анастасија Gkaitazi – Саздов – приватна архива

 

Ти живееш во Амстердам веќе 17 години. Сопругот е исто така Македонец, и имате 3 прекрасни синови. Каде се пронајде повеќе, и каде ти е полесно да функционираш – во Холандија или Македонија?

 

На почетокот беше тешко, постојано правиш споредба каде е “подобро”, “поубаво” итн…. А виситината е многу поразлична: не можес да споредуваш неспоредливи работи: различни култури, различни истории…. Не е поентата што е подобро/полошо…. Поентата е дека е едноставно различно, секоја држава со своите убавини, предности и недостатоци…. Така е за се и сешто во животот, не само за државите…. Па така мене ми е многу убаво кога сум во Македонија, таму се се уште моите родители, многу од моите пријатели од детство.

Исто така ми е преубаво и во Холандија, мојот друг живот е тука, каде се и моите деца, моето секојдневие, каде имам запознаено прекрасни луѓе и створено свои пријатели. Истото важи и за Грција, моето срце просто трепери кога ќе ја видам и таа убавина таму, ќе си ја видам мојата втора половина од фамилијата, тетките, братучедите…. Но покрај ова многу ја сакам и ми е преубаво и во Италија, Германија (каде живее мојот брат), итн…. Секаде функционирам, од мали нозе имам научено да се прилагодувам, секаде уживам!

 

Помина повеќе од 10 години во корпоративниот свет, измеѓу другото, и како Менаџер за развој и меѓународна продажба во Адидас. Зошто го напушти тој свет и реши да превземеш ризик и направиш нешто свое?

 

Претприемништвото за мене е создавање и креирање на нешто од ништо, процес кој комплетно ме возбудува и ми дава елан…. Една од главните причини за напуштање на работење за друг и преминот кон креирање нешто свое беше и мојот ментален burn out во средината на 2018 (многу тежок период за мене и моето семејство), но кој burn out јас сакам, поточно решавам да го видам како eye opener, blessing in disguise … ми ги отвори очите за многу работи како на пример: што ме прави среќна, како можам да си помогнам себе си и на други да живееме поздрав, посреќен, поисполнет живот….

Имав прекрасни моменти во мојата скоро 15 годишна кариера, работејки од мали и средни фирми до големи корпорации, постојано на високи позиции, на кои сум многу горда и од кои многу научив, но едноставно мислам дека ми дојде време да се втурнам во нешто што многу долго го посакував, а тоа е да бидам сам свој газда, со сите потешкотии, но со уште повеќе преубави моменти.

 

Дипломирањето на Анастасија – приватна архива

 

Ти си Health ambassador за градот Амстердам. Што точно значи тоа?

 

Титула на која сум повеќе од горда! Едноставно сум почестена и бескрајно благодарна за ова признание! Во основа мојата главна “задача” е да ги инспирирам луѓето да водат поздрав, поактивен, посреќен, поисполнет живот. Има повеќе Амбасадори на Здравје во Амстердам и секој од нас превзема активности кои мисли дека можат да допридонесат кон оваа визија, преку различни активности од пошироката сфера на добробитие (well-being).

Конкретно јас ги инспирирам, им помагам и ги водам луѓето кон живеење поздрав живот преку здрава исхрана, активност, преку позитивно размислување (мајндсет) и личен развој, па се до започнување на свој сопствен wellness бизнис, каде јас комплетно ги менторирам и помагам. Секогаш сум во потрага по нови соработници кои исто како и мене би сакале да им помогнат на други луѓе да живеат посреќен, поздрав и поактивен живот, и на тој начин да изградат свој глобален бизнис. А се преку подобрување и развој на самиот себе си: јас/ние сме првата слика која ја гледаат луѓето, јас сум мојата визит карта, мојата енергија и енергија, почитта и љубовта кон самата себе си е она што ќе ги инспирира луѓето да посакаат да направат промена кон подобро.

 

Промената на Анастасија – приватна архива

 

Веќе година и пол работиш на развивање на својата идеја Eat & Fit Plaza (www.eatfitplaza.com) – платформа за онлајн тренинзи, од кои треба да излезат слични амбасадори за промовирање здрав живот како тебе. Дали сметаш дека ако беше маж, во смисла да не требаше да си трудна, да раѓаш деца, да доиш во долгите непроспиени ноќи и сите ситници кои една мајка ги прави секој ден, побрзо ќе ја изработеше платформата?

 

Јас сум горда на тоа што сум жена! Нема ништо поубаво од тоа! Имам донесено на свет 3 прекрасни деца, имам можност да растам и давам живот, да бидам елегантна и борбена, да бидам и мајка и сопруга и претприемач… Ние жените сме толку прекрасни суштества и јас сум повеќе од горда што сум жена! Мажите имаат многу свои прекрасни карактеристики, и како и за погоре пишаното во поглед на различните култури, така и тука би рекла исто: зошто воопшто да се споредуваме и да сме во битка кој е подобар, кој може повеќе, итн…. кога сме толку различни и прекрасни на свој начин!

Поконкретно во поглед на мојот бизнис – јас мислам дека ова доаѓа во најдобар можен момент за мене. Ниту прерано, ниту прекасно, тамам на време, баш кога ми требаше. Мислам дека мојот личен персонален и професионален развој си го одиграа своето, зрелост која верувам првенствено доаѓа преку годините, а не преку имање/немање деца, и се што доаѓа со тоа… јас пробав пред околу 10тина години да направам еден претприемачки почеток со свој бизнис, но мислам дека тогаш не беше дојдено моето време, зрелост и спремност. Моите обрски, трите деца, и се друго што доаѓа со родителството (како за мене, така и за мојот сопруг) баш напротив – не` направија многу позрели и поспремни за градење нешто свое. Сега како никогаш до сега мораме да научиме да приоретизираме, фокусирано работиме, создаваме… за нас, нашите деца и нашата поубава иднина.

 

Трите сина на Анастасија – приватна архива

 

Иако живееш толку години надвор, ти се уште си поврзана и активна со твоите родители, и двајцата доктори психијатри, преку нивната Европски Акредитирана Школа за психотерапевти во Скопје (Алтернатива Институт), каде си Менаџер за развој. Дали планираш да ја користиш нивната експертиза за да понудиш еден холистички пристап кон идејата за живеење здрав живот?

 

Апсолутно! Здрав живот не е само физички, туку и ментално (психички). Убаво кажано – холистички. Тоа веќе на еден или друг начин го правам / правиме преку многубројните различни активности кои ги развивам во Холандија, а исто така и заедно со моите родители на целата територија на Македонија.

 

Твојот живот во моментов малтене целосно се одвива онлајн, постираш по неколку пати на ден. Дали отсекогаш си била вака отворена на социјалните медиуми, или развојот на настаните и принципот на онлајн присутност и маркетинг те „натера“ да промениш тактика?

 

Отсекогаш ги сакав социјалните мрежи и другите социјални платформи, ми овозможувале да бидам во контакт со многу мои драги луѓе по цел свет.

Во поседно време ги користам социјалните мрежи првенствено за документирање на мојот живот, живот кој јас сакам да го видам како прекрасен, но со многу не-перфектни моменти, ги документирам моите секојдневни активности, и на тој начин сакам да инспирирам на промена. Не се фокусирам на креирање “атрактивна”содржина, туку на документирање на тоа што јас и што со мојата фамилија правиме.

Како Амбасадор на Здравје мислам дека имам и голема социјална одговорност; имено во сегашниов свет каде се е онлајн и каде луѓето постојано следат и пратат секакви социјални познати личности, кои првенствено оставаат впечаток колку се е перфектно, лесно, убаво, едноставно итн, јас решавам да се појавам со сите свои недостатоци: реална и комплетно искрена околу себе си и животот со сите преубави, но и тешки/предизвикувачки моменти: и како човек, и како жена, и како мајка, сопруга, претприемач итн…. Тоа е животот во суштина: многу тешки моменти кои те коваат и спремаат за убавите!

Семејството Саздови – приватна архива

Тоа сакам и да им го доловам на луѓето, посебно на новите млади генерации, на моите деца: биди горд на тоа што си, биди свој/уникатен, биди спремен да помогнеш на други, да растеш, да се развиваш, да паднеш милион пати и да станеш милион и еден, само така можеш да постигнеш нешто и да уживаш во животот…. тоа е некако мислам и мојата порака на луѓето и тоа пробувам да го доловам и на социјалните мрежи. Мој начин да ги инспирирам луѓето.

 

Дали, како поминуваат годините, идејата за враќање во Македонија ти станува се` поблиска или подалечна?

 

Никогаш не кажувај „никогаш“, но во моментов немаме такви аспирации?

Везилка Магазин