Интервјуа

Животот во Холандија не` потсетува на убавото време од Југославија

Интервју со семејството Димитровски

Везилка Магазин

Го знаете она чувство кога имате се` но вашите крилја не летаат високо? Знаете дека можете повеќе, но невидлив обрач го спречува ветрето кое би ве вивнало нагоре?

Таков е мојот впечаток за преселбата на семејството Димитровски во Холандија. Орце – познат фронтмен на популарната група „Арија“, ситуиран музичар кој ги микса нотите со ИТ знаењето. Билјана – магистер по економски науки која напредува во кариерата. И се` до овде изгледа како совршена македонска приказна, но не и за нивните апетити.

„Идејата за заминување во странство беше заедничка. Уште од почетокот на нашиот брак и двајцата бевме поборници за живот надвор од Македонија. Знаевме дека тоа ќе претставува огоромен предизвик, кој знае и навистина да биде болен, знаејќи што се оставаме зад себе. Но, откако ја добивме нашата прва ќерка, одлуката беше неизбежна. Обезбедувањето поквалитетен живот за своето дете ги надмина сите стравови и предизвици. Единственото прашање беше “Каде?”

Но кога знаеш што сакаш не треба многу да се донесе одлука. Главните параметри за Димитрови биле земја која има побарувачка на високообразувани кадри, официјален јазик во компаниите -англиски и да е блиску до Македонија. Во сите три ја препознале Холандија. Тогаш, велат, се` уште не ги знаеле придобивките кои понатаму ги добиле со живеењето во оваа, за нив, прекрасна земја.

Орце со ќерката – Приватна архива

„Едноставноста на луѓето и начинот на живот не` врати во убавото време на Југославија, кога семејните вредности значеа многу, кога луѓето наместо по кафе барови и ресторани, одеа на излети и прошетки“, велат Димитрови.

И се` би било идеално доколку и нивните семејства се таму. Но совршенството не му припаѓа на човековиот род. Сепак, со два часа лет, најблиските се чести гости во нивниот дом.

За удобноста на живеењето им е важно чувството што го нуди Холандија за странските државјани.

Приватна архива

„ Странските државјани се добредојдени и многу почитувани, бидејќи повеќето од нив се одлични стручњаци кои уште повеќе го подигнуваат нивото на економијата на земјата. Поради оваа причина и многу интернационални компании ги отвараат нивните главни седишта во Амстердам и останатите економски центри во земјата“, се надополнуваат Орце и Билјана.

Сепак, за време на фудбалски натпревар или на Евросонг, навиваат за нивната матична земја. Успехот на Македонија е и наш, велат тие.

 

„Музиката ми е страст, ИТ инженерството-професија“

 

До и не толку одамна, Орце беше редовен гостин на македонските медиуми, како фронтмен на групата „Арија“ – дел од естрадата. Но на малкумина им е познато дека неговата професионална кариера е всушност IT инженер. Работел во неколку глобални, интернационални компании.

Орце Димитров – Приватна архива

„Холандија е земја во која има неограничени можности за луѓето од ИТ секторот и доколку сте квалитетен кадар, успехот е загарантиран со сигурност. Потребно е време да се докажете, но тука знаат како да препознаат квалитет и добро да го наградат. Компанијата во која моментално работам, “Palo Alto”, е една од најголемите компании за информатичка безбедност во светот, со главно седиште во силиконската долина. Брои илјадници вработени и во толку голема конкуренција нормално е потешко да се напредува.

Јас бев доволно среќен и упорен да поминам неколку години во кои добивав различни видови на унапредувања, пред се` поради ангажираноста и константното лично надградување во полето на ИТ технологијата. Во оваа професија од клучно значење е секогаш да сте во тек со новите случувања и новата технологија“, вели Орце.

Орце Димитров – приватна архива

Квалитетот на живот нормално е поврзан со економскиот раст на една земја и нејзиниот просперитет. Неспоредливо е што високоразвиените земји можат да понудат во однос на малите земји во развој. Вели, начинот на живот е сосема различен.

„ Луѓето инвестираат во своето здравје и здравјето на своите деца: задолжително спортување, редовни прошетки во природа, секојдневно конзумирање на многу овошје и зеленчук, користење на велосипед како главно превозно средство“.

Музиката му е страст, но вели дека динамиката на живот не му недостасува воопшто.

„Музиката секако ми недостасува, но не и начинот на живот. Премногу беше тешко да се одржува баланс помеѓу приватниот и музичкиот живот. Згора на тоа, имајќи во пpедвид дека преку неделата морав да ги завршам обврските на мојата “нормална” работа како ИТ инженер, беше повеќе од предизвикувачки. Бјанка, нашата поголема ќерка, има афинитети кон музиката, и многу често заедно знаеме да отсвириме и запееме некоја убава песна“.

Според светските статистики, Холанѓаните се вбројуваат во среќните луѓе. За Орце, среќата е рефлексија на среќата на неговото семејство и особено неговите две ќерки.

„Сето мое слободно време и енергија ги вложувам во нив. Гледајќи ги нив како безгрижно растат со насмевка на нивните лица е се што ми е потебно да бидам среќен“.

Ќерките Димитрови – приватна архива

 

„Во Холандија жените и мажите се рамноправни“

 

Како непишано правило е ако имате лекар во семејството, тогаш се знае што ќе биде вашата професија. Очекувањата на Билјана, чиј татко бил шеф на катедрата по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Скопје, биле да ја наследи струката од него. Сепак, љубовта кон бројките и анализите биле пресудни за да се усовршува во светот на бизнисот и економијата.

Билјана Димитрова – приватна архива

„ Секоја индустрија е интересна сама по себе и носи свои предизвици. Можеби предизвикот во “Travel” индустријата е нешто поголем, бидејќи борбата за профит помеѓу конкуренцијата е доста поизразена. Пронаоѓање на бизнис решенија за поголема успешност и заработка е далеку покомплексна од онаа на веќе изградени брендови (монополи) како EVN и PVH.

Доколку збориме за најинтересна, тогаш со сигурност приматот го добива модната индустрија. Во PVH (Calvin Klein & Tommy Hilfiger) се стекнав со уникатно искуство на работа, каде имав можност да соработувам со многу познати светски ѕвезди, кои беа амбасадори на нашиот бренд, како: Gigi Hadid, Justin Bieber, Lewis Hamilton…“ вели Билјана.

Билјана и Gigi Hadid – приватна архива

Она на што е горда во Холандија е еднаквиот третман што како жена го добива во општеството.

„Жално е што во 21ви век ние се уште збориме и дебатираме за рамноправноста на жената во светот. За среќа во Холандија, оваа полова дискриминација скоро и да не постои. Перцепцијата за жената во професионалниот свет не е ништо поразлична од онаа на мажот, а за тоа сметам дека голема улога има и времетраењето на породилното отсуство, кое е само 4 месеци. Токму јас, мојата менаџерска позиција ја добив додека бев на породилно отсуство.“

Растени во Македонија, со искуство од Холандија, Димитрови своите ќерки ги учат на основните вредности.

„Ги учиме нашите деца дека луѓето се делат на “убави” и “грди” единствено кога се збори за “добри” и “лоши” луѓе. Во ова модерно време младите се повеќе забораваат кои се вистинските вредности на еден човек“, завршуваат Димитрови.

Приватна архива

 

 

 

Везилка Магазин