ИнтервјуаНие низ светот

Живот на сите страни од земјината топка

Интервју со Џенифер Зароска Ерато

Везилка Магазин

Многумина се внесуваат во приказна од филм, за многумина пак животот е филмска приказна.

Од оние вторите е нашата соговорничка Џенифер Зароска Ерато, родена во Ла Манш во Франција, од мајка Наде Бакалова, која била наша езерска убавица во 1972 година, и Раде Зароски, доктор стоматолог, родум од Охрид, а кој студирал и работел во Франција од 1965 година.

Раде Зароски и Наде Бакалова – Приватна архива

Таму живеела со нејзините родители до нејзината седма година кога се развеле, по што Џенифер заминува во Скопје, и во ОУ„Кирил Пејќиновиќ“ започнува прво одделение.

Нејзиниот татко бил голем љубител на високите температури, па по разводот, гледајќи ја светската мапа, се одлучил да замине на островот Сан Мартин, на Карибите, кој е поделен на два дела – холандски и француски. Таму заминал со нејзините две сестри- Вирџинија и Кристел и отворил стоматолошка ординација, додека Џенифер останала во Скопје со нејзината мајка.

Сан Мартин плажата

Во 1995 година се случува катастрофа и големиот ураган Луис го погодува островот Сан Мартин. За Џенифер и Наде немало ништо пострашно од тоа на вести да броиш загинати и да читаш за урнати домови на тамошните жители, знаејќи дека половина од семејството ти е таму, па по неколку месеци, двете заминуват да видат што се случува.

Сестрите Зароски на Карибите – Приватна архива

Откако ги нашле сестрите и нејзиниот татко, одлучиле да останат на островот, по што Џенифер се запишува во средно училиште. По уништувањето на неговата ординација од страна на ураганот, Раде решава да ги напушти Карибите и заминува за Дар Ес Салаам, Танзанија каде отвара своја стоматолошка ординација.

„ Во 1996 година животот беше лесен за мене, имавме само летна гардероба и после часови заминувавме на плажа со моите другарки. Овој период дефинитивно го паметам како најубав во мојот живот“.

Нејзината мајка се грижела за ништо да не им недостасува, но тоа за жал не траело долго…

Џенифер со сестрите и родителите – Приватна архива

„Животот ми удри шлаканица во 2001 година, кога на само 18 мои години, мојата мајка почина од рак. Тој шок ме натера побрзо да пораснам и да созреам…“

Меѓу првите работи ѝ била работата во диско, и тоа го правела неколку години, додека не почнала да работи како агент за недвижности.

Џенифер и Марк Ерато – Приватна архива

„Многу го сакав овој бизнис, и истиот ми донесе многу успех – преку него го запознав сопругот Марк, а успеав и сама да си купам луксузен стан со поглед на море“, раскажува Џенифер.

Во меѓувреме, три пати го посетува нејзиниот татко кој освен во Дар Ес Салаам, отворил ординација и во Аруша, и прошетките низ Африка ги памети како уникатни.

Џенифер со татко и во Танзанија – Приватна архива

„Тогаш го посетивме и островот Занзибар, кој е на половина час со брод од Танзанија. Татко ми лечеше многу познати личности од овој остров, а и јас му бев најверниот клиент секогаш кога го посетував во Африка“.

Во 2006 година, Џенифер ја запознала љубовта на својот живот, Марк. Живеејќи на малиот остров на францускиот дел, не ни знаела дека на другата страна – холандската, се крие некој кој ќе ѝ ги „разлета“ пеперутките во стомакот.

Џенифер и Марк Ератсо ќеркичката Адриана – Приватна архива

Во 2011 година го добиваат нивното прво дете – ќерката Адриана, и во 2014 година направиле свадба во Охрид, бидејќи претходно му ветила на нејзиниот сопруг дека нивната венчавка ќе ја направат на најубавото место во светот!

Свадбата на Џенифер и Марк Ерато во Охрид – Приватна архива

 

Џенифер и Марк Ерато со ќеркичката во Охрид – Приватна архива

„Во 2015 година се роди мојот син Марк Заро, крстен по сопругот и татко ми. Тогаш одлучивме да се преселиме на некое место каде што има и снег, некако ја дегустиравме плажата и едноставно ни требаше промена на видикот.

Приватна архива

По 20 години живот во лето, заминавме во Северна Каролина која е само 3,5 часа оддалечена од нашиот остров со авион и таму купивме куќа“, вели Џенифер.

Познатиот стоматолог, нејзиниот татко, своите последни години од животот ги поминал во Охрид, и до последно бил активен со давање интервјуа во локалните медиуми. Таму и починал од рак во 2016 година.

Џенифер со татко и Раде Зароски – Приватна архива

Џенифер со своето семејство во моментот живее во Северна Каролина, но еднаш во два месеци задолжително одат на островот Сан Мартин каде што се уште го имаат бизнисот со недвижности.

Џенифер со сопругот и децата на Дизни крузер – Приватна архива

Нејзината сестра, пак, Вирџинија, веќе две години со своето семејство живее во Скопје.

„Секое лето сум во Македонија, и особено го сакам Охрид. Можам да живеам на секој крај на светот, но имам македонска крв, јас сум Македонка и секогаш ќе се враќам таму“ завршува Џенифер.

Џенифер со децата – Приватна архива
Везилка Магазин