Панорама – поглед кон хоризонтот – градот како на дланка. Глетка која му дава спокој на умот, но истовремено и го дразни од големината на непознатото, поттикната од желбата за откривање и запознавање нови светови и нови култури.
Од нашата универзална природа мораме да се научиме со совршена смиреност да ја гледаме големата слика пред нас… „Анталија е најубавото место на светот“, слоганот на Ататурк, високо испишан како добредојде во метрополата на туристичка Турција.
Град навидум како и сите останати градови, каде природата и историјата оставиле траен белег. Возбудено чекорам по калдрмата на една подзаборавена цивилизација, којашто денес е преобразена и пулсира во еден модерен ритам. Силно се чувствува вкусот на Ориентот во Анталија, засладувајќи нè со плодовите на историјата и животот.
Велат дека овде е рајот на земјата, светилникот на Медитеранот, кој сјае на турската ривиера, како еден од најшармантните градови на тиркизниот брег. Посакувана дестинација која нуди незаборавно искуство и воодушевувања. Анталија докажува дека илјадници години човечка историја не се ништо друго освен цивилизациски „конфликт“, прекрасно инсценирана панорама на триумфи, видливи во секој детаљ од градот…место коешто ќе го промени вашиот поглед на светот, сфаќајќи дека и најмалото нешто што минало низ нашите животи и оставило дури и најмала трага, нè подготвува за миговите што следат.
Хадријановата порта е најмаркантниот споменик во градот. Сместена меѓу две кули, ја раскажува приказната за две различни епохи, римската и селџучката. Градба која зрачи посебна енергија, ги откраднува мислите и ве завејува низ минатото, потсетник на некогашните славни денови на Римското Царство.
Уникатна по својот уметнички израз и раскошна орнаментика, Портата била составен дел од надворешните ѕидини на Аталското пристаниште, за подоцна да стане важен дел од историјата на римската архитектура. Била изградена во 130-та година во чест на римскиот император Хадријан кој минал и се заљубил во римска Аталеја, првото име на Анталија.
Ако патот пак ве донесе овде, минете низ главната капија за да влезете во стариот дел од градот, онаму каде што се затскриени анталиските тајни. Во мигот кога ќе го здогледате овој споменик, чекорејќи на камената калдрма, заедно со милионите стапалки кои зачекориле тука, ќе ве обземе неверојатно чувство. Илјадници прашања, кога, како, зошто? Енергија којашто ги раздразнува и буди најосетливите делови на човековата љубопитност и ќе ве натера да расчепкате длабоко низ историската меморија.
Примамливата клима, прекрасните глетки и бројните историски места ја прават Анталија посакувана дестинација. Најголемиот град на медитеранскиот брег, кој плени со својата убавина, мешавина од римска и османлиска архитектура, видлива насекаде околу мене.
Кратка прошетка во стариот дел од градот, Калеичи или „внатре во Калето“, онаму каде што најмногу се чувствуваат мирисите на Ориентот, меѓу чардаците, ќепенците и еркерите. Ако егејскиот брег го заплискуваат грчките влијанија и култура, Анталија, судејќи по архитектурата, е целосно османлиска. Калдрмисани улички натежнуваат врз пластовите на цивилизациите. Минувате како низ тунел кој ве поврзува со минатото, чувствувате како илјадници години историја минува низ вашите сетила, како бран ве заплискува и ве повикува да ја вкусите со сласт…
Оваа убавина ја забележал кралот на Пергамон во 2 век п.н.е Атал II, кој наредил на брегот да се направи пристаниште за потребите на кралството. Па така, од мало морско пристаниште Аталeja, крстена по основачот Атал, со текот на времето прераснала во град, растејќи се и развивајќи се под римска, селџучка и османлиска доминација, впивајќи ги соковите на различните култури и влијанија, на кои и денес им се восхитуваме… Голтка турско кафе и утринска прошетка. Нема поубава навика за почеток на денот. Ги следам патоказите кои треба да ме одведат до пристаништето.
Покрај културните влијанија, историјата ги забележала и религиските. Ранохристијанските мозаици и базилики, како и големиот број селџучки и османлиски џамии се дел од историјата на Анталија. Светиот Апостол Павле, заедно со Варнава, уште во I век го посетил ова важно место за христијаните, како што е наведено во делата на Светите Апостоли „тогаш тие преминаа преку Писидија и дојдоа во Памфилија, беседеја во Перга, се симнаа во Аталеја и запловија кон Антиохија“. Вековно испреплетени, христијанството и исламот го чинат духот на градот, како непрекинат извор и инспирација, традиција која ја доловува денешната допадливост на Анталија.
Архитектурата гласно зборува за својата важност и улога, копнеејќи по безвременост. Симбиоза од стилови, влијанија и изрази кои трајно ги врежуваат впечатоците при секој поглед или допир. Убавина која чувствувате како испарува пред вашите очи, но е бесмртна во уметностa. Овде „ сè има свое место, и сè си е на место“. Верувајте во вашиот вкус, затоа што она кое не ве бендисува, нема да биде дел од вас. Неколку фотографии заред, перфекцијата во декорацијата не издава колку многу си го сакаме и почитуваме својот дом.
Тесните анталиски сокачиња нè водат кон морето. Го чувствувам ветрот на моите образи и итам под еркерите да се освежам под налетот на топлото сонце. Дури и палмите се вистински патоказ, ако судиме по движењата на нивните раззеленети гранки. Гледајќи и доживувајќи ја целата оваа медитеранска атмосфера, признавам дека има нешто волшебно во туѓите градови. Едноставно посакувате да залутате по полупразните улички и да се насладувате до доцна во ноќта, да си ја наполните душата со она што го немате, што ви недостасува…
Патуваме за ја откриеме убавината на душата во новите пејсажи. Моменти за релаксација и заслужен поглед. Археологија пред портите на Хидирлик Кулата, оттука најдалеку се протегнува погледот во морската шир. Го гледам морето и мислите отпловуваат во далечината. Ние сме навигатори на сопствениот брод. Патувањето е многу повеќе од гледање знаменитости. Патувањата се континуирана промена во движење, длабока и трајна како идеите кои постојано еволуираат во нашите глави. Мигови за уживање и одмор, флерт со морето, под жешкото медитеранско сонце.
Анталија била омилено место за одмор на таткото на модерна Турција, Мустафа Ќемал Ататурк, кој ја започнал модерната трансформација на градот во туристичка „Мека“. Забележувајќи ги убавините на овој дел од турскиот брег, при својата прва посета на Анталија во 1930 година, Ататурк фасциниран од убавината на градот рекол дека Анталија е „најубавото место на светот“. Некогашната вила на Ататурк денес е музеј посветен нему и на неговата љубов кон овој крај.
Кога ќе ве фати невреме во Измир и ќе ви застуди, ќе си дојдете на југ во Анталија, во сончевите 300 дена од годината. Вака почнува љубовната приказна на Ќемал и Анталија. Посетете го музејот пребогат со фотографии од престојот на Ќемал, колекции поштенски марки, лични предмети и мебел, кои ќе го оживееат духот на таткото на модерна Турција и ќе ја раскажат неговата анталиска приказна.
Звукот на водата и нејзината привлечност маѓепсува. Краткиот престој покрај Дуден водопадите, дар на природата и совршено место за дневна прошетка и релаксација. Видиковец за туристите и вљубениците во природата.
Името Дуден значи „дупка“ која го проголтува големото количество изворска вода, преобразувајќи ја во цел воден систем од извори, пештери и подземни реки, чии води на крајот завршуваат во Медитеранот. Волшебен поглед кој исполнува и освежува. Чувство дека можам да го минам морето, гледајќи ја водата.
Мудроста вели „Ако една капка вода може да ни ја раскаже својата историја, тогаш ќе ни ја открие и тајната на Универзумот“.
(Продолжува…)
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.