Сенките на Ориентот ме одведоа во внатрешноста на турската провинција Мугла, поточно во античка Миласа или денешен Милас, град и прва престолнина на основачот на Хекатомнидската династијата, кралот Хекатомнос, таткото на карискиот крал Мавзол.
Попатна станица… Идеaлна за еднодневна посета. Навидум како и останатите анадолски гратчиња, завиени во османлиско руво, овде недостига влагата од морето и меѓуостровските ветрови. Како влегувате во внатрешноста на Турција, сѐ повеќе се чувствува руралниот османлиски амбиент, а медитеранските влијанија постепено се намалуваат. Оттука е разбирлив потегот на кралот да ја префрли престолнината на море, од Миласа во Халикарнас.
Но сепак, Милас и не е така далеку од брегот, за да би ја изгубил својата важност. Градот и понатаму останал важен центар за овој дел од периската сатрапија, особено ако се има предвид дека локалните планини изобилуваат со квалитетен мермер, кој е видлив насекаде околу нас, во форма на остатоци од некогашниот антички град. Долг период во средниот век Милас бил центар на анадолскиот беј Ментеше, задржувајќи ја својата улога на локална престолнина.
Но, зошто застанавме овде? Главната причина е токму оваа градба – Мавзолејот на Хекатомнос, таткото на Мавзол.
Одовде почнува приказната за архитектонското чудо наречено Мавзолеј. Впрочем, ова е првиот и зачуван Мавзолеј од Хекатомнидите, и во него биле положени телесните остатоци на кралот и персисиски сатрап Хекатомнос.
До 2010 година овој простор бил населен со тесно збиени живеалишта, идеални за археолошки криминал и шверц на антиквитети. Локалните жители копајќи в земи често наидувале на безброј скапоцености и наоди, кои ги продавале на црниот пазар, па така била откриена и главната комора на гробницата. Благодарение на брзата реакција на полицијата, овој простор денес е расчистен, а жителите иселени.
На овој локалитет денес се вршат истражувања, конзервација, реставрација и други активности за соодветно презентирање пред јавноста, доведувајќи до момент УНЕСКО да ја препознае вредноста на наодот и да го стави под своја заштита. Ова доволно кажува дека се работи за нешто бесценото и скапоцено.
Масивноста на градбата, локалните мозаици и фреско декорацијата ќе ве натераат да останете уште малку и ѕирнете во историските и културолошки наслаги на антиката. Мавзолејот на Хекатомнос и околната сакрална област, кои пленат со карактеристичниот дизајн и уметнички израз, се уникатен репрезент на класичната погребна архитектура.
Овдешниот Мавзолеј со импозантниот саркофаг се одличен архитектонски пример кој успешно бил ископиран и пренесен како идеја во Халикарнас, денешен Бодрум, при изградбата на светското чудо на кралот Мавзол. Историјата и археологијата ни потврдуваат дека токму одовде, од античка Миласа, потекнуваат спомен гробниците, кои со видеоизменета архитектура ги познаваме и денес…
Во Милас, како што напоменав, мермерот е видлив насекаде. Од високите планински врвови кои го опкружуваат градот, преку остатоците од некогашниот антички град, па сѐ до блоковите градежен материјал, кои Османлиите вешто го искористиле за изградба на своите живеалишта, јавни објекти и џамии. Па така, англискиот истражувач и патописец од осумнаесетиот век Ричард Покок, со свои очи го видел и регистрирал во своите белешки раскошниот храм на римскиот император Октавијан Август, но за жал, блоковите бел мермер денес ја китат џамијата во Милас.
Но, не е само антиката таа којашто умее да шармира овде… Бројни се градбите од ментеше и осмалискиот период, кои му даваат на Милас комплетен ориентален изглед… Највпечатливи се трите џамии, две од ментешкиот период – „Големата“ џамија, изградена во 1378 година, како и „Орхан Беј“ џамијата од 1330 година. Кога Османлиите ги завладуваат овие краишта и Милас станува административен центар, градот ја добива вистинската исламска убавица „Фируз Беј“ Џамијата, именувана по првиот османлиски управител на градот.
За миг ќе преминеме од една уметност на друга. Човековите раце се неуморни кога се поттикнати од имагинацијата – впрочем традиција без интелегенција нема вредност. А мајсторите на овој занает се екстремно интелигентни луѓе, алудирам на женската рака и женскиот труд. Да се исткае уметност од длабочината на своето битие, да ни ја демонстрира силата и раскошот на женскиот ум, преточен во орнаментите на овие османлиски теписи, векови стари и сочувани, е мајсторија за почит.
Сепак, „традицијата не се состои во обожување на пепелта, туку во сочувување на огнот“. И таа ќе живее, сѐ додека се бориме за неа.
Диме Ратајкоски работи како новинар и уредник во Македонската Радиотелевизија (МРТ), каде што се јавува како сценарист и автор на документарни филмови, ТВ-емисии и репортажи. Културната историја, патувањата и старата фотографија се најзастапени теми во неговото творештво. Ратајкоски е дел од мрежата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), како овластен меѓународен предавач и модератор во областа на новинарството. Пишува и објавува поезија и публицистика. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.